Доделена Нобеловата награда за мир за 2023
6 октомври 2023Нобеловата награда за мир за 2023 година ќе ѝ биде доделена на активистката Наргес Мохамади за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран, но и за нејзината борба за човекови права и еднакви слободи за сите.
„Доколку иранските власти донесат правилна одлука, ќе ја пуштат да присуствува на церемонијата на 10 декември, на што искрено се надеваме“, соопшти норвешкиот комитет.
Иранската активистка и новинарка Наргес Мохамади, која ја започна својата децениска кариера промовирајќи го граѓанското општество и правата на жените, работи од затвор спротистаувајќи се условите во кои се држат таа и другите затворенички.
Обвинета за „ширење пропаганда“, 51-годишната Иранка отслужува десет години во озлогласениот затвор Евин во Техеран. Минатата година, таа ја објави книгата „Бела тортура“ за иранската употреба на изолација во самица и сензорна депривација против неа и другите затвореници.
На годишнината од смртта на Махса Амини, Мохамади и други организираа протести во затворот Евин, палејќи ги нивните шамии, се вели во објавата на еден од нејзините профили на социјалните мрежи.
Еден колега на активистката, кој сакаше да остане анонимен од безбедносни причини, рече дека Мохамади е „една од ретките која не само што останала во Иран, туку е сè уште активна, без разлика дали е надвор или во затвор“.
Иран спроведува бранови апсења против активисти, новинари и интелектуалци во обид да го елиминира несогласувањето и да ги заостри социјалните ограничувања. Откако избувнаа протестите по смртта на Амини минатата година, иранските власти уапсија околу 20.000 луѓе.
Нобеловата награда за мир е признание за посебни заслуги во областа на обединување на народите, разоружувањето или намалувањето на светските или регионалните воени потенцијали, политичко и друго образование, како и одржувањето на мировни конференции.
Оваа награда, како и другите Нобелови награди, е донација на шведскиот пронаоѓач и фабрикант Алфред Нобел, а од 1901 година се доделува секоја година на 10 декември на манифестација во Осло, на денот на неговата смрт.
Ова е петта Нобелова награда за 2023 доделена од почетокот на неделава. Претходно беа доделени наградите за медицина, за физика, за хемијаи за литература. Во понеделник (9 октомври) ќе биде доделено и последното Нобелово признание за годинава- наградата за економија.