(Не)испорачана правда: Кој е виновен за пожарот во Тетово?
14 август 2023Лавина реакции на социјалните мрежи предизвика истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“ за пожарот во модуларната болница во кој изгореа 14 лица. Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во својот најнов документарен филм изнесува нови факти за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица кои, според нив, „покажуваат саботирани истраги и прикривања на пропустите при градењето на модуларните објекти од страна на одговорни лица во институциите“. Тие најавија дека ќе ги објават документите на кои што се базира истражувањето заедно со пресек на клучните настани кои довеле до трагедијата и, како што велат, „до прикривањето на виновниците“.
Од Јавното обвинителство преку соопштение ги отфрлија наводите за текот на истрагата. Тврдат дека „со очигледна цел за неоснована дискредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината, во емисијата свесно се врши груба манипулација со информации“.
Документи обезбедени од свиркачи
Преку сведочења, документи од истрагата добиени од свиркачи, детали за тендерската документација, комплетните вештачења како на домашните, така и на германските крим -техничари, истражувачите на ИРЛ прават пресек на случувањата од 8 септември 2021 година, како и двете истраги коишто беа отворени за случајот. Материјалите содржат 585 документи напишани на 5.455 страници. Според ИРЛ, Обвинителството не испорачало правда за жртвите од пожарот во модуларната болница.
Истражувањето на ИРЛ посочува дека модуларните ковид-болници вклучувајќи ја и изгорената во Тетово била градена несоодветно заобиколувајќи повеќе законски процедури. Се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и низа други законски пропусти. Документите до кои дошле новинарите на ИРЛ покажуваат дека за несоодветната тендерска постапка, аларм се вклучил уште при првиот повик за изградба на модуларен ковид центар, кога надлежноста беше во Министерството за локална самоуправа. Тогашниот министер, Горан Милевски, ја поништил постапката бидејќи биле прекршени повеќе закони, а се сомневал дека одредени фирми се фаворизираат.
„По ова, надлежностите за спроведување на тендер му се префрлаат на Министерството за здравство, тогаш водено од Венко Филипче. И во поништената постапка и подоцна во повторената постапка тендерот го добива македонската компанија Брако, една од семејните фирми на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев“, се наведува во истражувањето.
За случајот беше покренато обвинение за три физички лица, двајцата директори Флорим Бесими и Артан Етеми за тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за непостапување по здравствени прописи за време на епидемија. Но, според ИРЛ, овој судски процес само ја збуни јавноста, бидејќи во ниту еден момент од главните расправи не се дискутирало за причините за пожарот, а не било презентирано ниту германското вештачење.
„Манипулација со информации“
Но, од Јавното обвинителство тврдат дека се невистинити наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка, како и информациите за наводна спротивставеност на вештачењата.
„И вештиот наод на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР и она на германските експерти прецизно ги наведуваат истите причини за настанување и за ширење на пожарот. Врз основа на вака неспротивставени вештачења беше донесена првостепената пресуда на Основниот суд во Тетово. Дополнително, во емисијата воопшто не се наведени заклучоците од вештачењето на Технолошко-металуршкиот факултет кој ја испитуваше брзината на согорување на сите материјали употребени за болницата и со кое исто така јасно се посочува дека основна причина за брзото горење на модуларната болница е големата концентрација на кислород во објектот“, велат од Обвинителството.
За да се спречи ширењето на невистини и манипулации за овој трагичен настан, јавниот обвинител, Љубомир Јовески иницира да се одржи јавна седница на Апелацискиот суд на која уште еднаш пред јавноста ќе бидат изложени сите докази од првостепената постапка.
„Јавното обвинителство на Северна Македонија е едно од ретките, ако не и единствено јавно обвинителство пошироко, кое поведе постапка за кривична одговорност за последиците од пожар во ковид болница, иако во екот на пандемијата вакви пожари со жртви се случија во повеќе земји, дури и во објекти од цврста градба, а повеќето од нив беа предизвикани токму од електричен спој и зголемена концентрација на кислород во објектите“, наведуваат од Обвинителството.