Исцеден, принуден да се исели: портрет на работникот
1 мај 2023Меѓународниот ден на трудот - Први мај, работниците во Северна Македонија го дочекуваат во пораст на опасноста од кршење и губење на веќе освоени права, пред сѐ во однос на траењето на работниот ден и недела. И не само тоа. И незадоволството од покачувањето на платите на функционерите за 78 отсто, односно енормното зголемување на јазот меѓу платите, денеска ќе ги обои улиците на главниот градсо синдикални прогласи, протести и знамиња.
Каков е портретот на македонскиот работник денес?
„Тешко е да се каже, но генерално може да се опише како исцеден, потценет и натеран да се исели од државата“, вели Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (Синдикат на УПОЗ) кој е член на Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ).
„Ако зборуваме за работникот од приватниот сектор, тој со својот труд и пот некому му создал милиони, а од тоа не добил ништо, премалку е платен и не е ценет. Ако зборуваме за работникот од јавниот сектор, оние што нѐ лечат, нѐ бранат, пишуваат закони, се плукани и навредувани, живеат со потпросечна плата, и каде и да е, и тие ќе ја напуштат државата“, предупредува претседателот на Синдикатот на УПОЗ.
Тој ги посочува податоците, според кои, во моментов 70% од вработените во јавниот сектор примаат плата која е под или блиску до минималната, а повеќе од 80% примаат плата која е под просечната.
„Она што го нуди Владата со општиот колективен договор не е прифатливо за нас, бидејќи зголемување на платата ние би виделе за пет години, а и таа повторно ќе биде под просекот на државата“, објаснува Деаноски.
Функционери и „останати“
Несогласувањето со ваквите состојби ќе го искажат на денешниот првомајски протест, на кој ќе реагираат и за една одлука што ги рабранува синдикалците и јавноста - одлуката на Уставниот суд, која овозможи зголемување на платите на функционери од извршната власт, пратениците и раководни лица. По реакциите во јавноста, беше најавувано дека ќе се најде начин за коригирање/намалување на функционерските плати, но до денес не е направен никаков чекор во таа насока.
„Функционерите и пратениците добија зголемување на платите од 78%, а освен купување евтини политички поени, ни власта ни опозицијата не се потрудија да го изменат законот, за функционерите да си ги намалат примањата“, реагира Деаноски.
Со тоа зголемување од 78%, на еден функционер платата му е зголемена за околу 2.000 денари на ден. Според синдикални пресметки, еден функционер со новата плата може да покрие две ипол синдикални минимални кошници, односно само со една плата може да обезбеди неопходна месечна егзистенција за 10-члено семејно домаќинство. Во исто време, работниците се борат како да го поминат месецот до крај и тоа само за купување на најнеопходните производи.
Враќање во 1886 година
Сепак, она што на денешниот првомајски протест ќе му даде специфичен белег, е тоа што битката за права повторно се враќа на прашања за кои победата била извојувана пред многу години. Причина за тоа се обврските што произлегуваат од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридорот 10 д, усвоен во јули 2021 година, и Договорот за нивна изградба што Владата го потпиша со конзорциумот „Бехтел и Енка“. Во центар на незадоволството се предложените измени во Законот за работни односи (ЗРО), со кои се предлага работно време подолго од 40 часа неделно за потребите на изградбата на коридорите.
„Во ситуација кога 8 земји во светот веќе воведоа 4-дневна работна недела, кај нас на овој Први мај изгледа ќе треба да се бориме за она што се бореле работниците во Чикаго во 1886 година, а тоа е 40-часовна работна недела, односно 8-часовен работен ден. Договорот со ‘Бехтел и Енка’ што го потпиша Владата, не само што ги крши домашните закони, туку е спротивен на основните човекови права и слободи и спротивен на здравиот разум“, вели Деаноски.
Според него, најтрагично е што со ваква измена на ЗРО, и со можноста Владата да утврдува кои дејности може да бидат опфатени на овој начин, утре може да се случи сите работници да треба да работат по 12 часа дневно.
Различен тајминг, исти цели
Двете најголеми синдикални организации - Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), денеска во различни термини ќе ги одржат протестите по повод Денот на трудот. Протестот на КСС ќе почне во 10 часот и неговата маршрута ќе заврши пред Владата во 12 часот. „И продолжуваме да се бориме“ е пораката на КСС за денешниот протест за правда и еднаквост, на кој описот на состојбите го изразуваат преку критичкото мото „ ќебаче за работникот, бифтек за власта“.
„Работниците се државата“ е мотото на протестот на ССМ кој ќе заврши пред Владата во 14 часот.
„Граѓаните, без разлика дали се членови на синдикални организации, треба масовно да излезат на овој протест“, вели Деаноски.
„Ова не е битка само на синдикатите. Сите заедно треба да излеземе, да го искажеме незадоволството и да бараме исполнување на правата, за подобро утре на сите“, повикува тој.