ИД презеде одговорност за нападот во црква во Истанбул
29 јануари 2024Откако двe маскирани вооружени лица за време на неделната богослужба во католичка црква во Истанбул застрелаа едно лице, се огласи турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја: „Најостро го осудуваме ова гнасно дело“, напиша тој на платформата Х. Жртвата е турски државјанин, а според официјални наводи, напаѓачите пукале целно во него, додека други лица не се повредени.
Министерот Јериклија подоцна го потврди апсењето на двајцата осомничени напаѓачи, тие потекнуваат од Русија и од Таџикистан, изјави тој на прес конференција.
Нападот се случил во неделата претпладне во италијанската католичка црква Санта Мариа во квартот Сариер, а одговорноста за него во меѓувреме ја презеде екстремистичката терористичка милиција Исламска држава. Џихадистичката група преку Телеграм соопшти дека нападот го извршиле двајца нејзини борци, следејќи го повикот на раководството да убиваат насекаде христијани и Евреи. Претходно властите изразија мислење дека нападот веројатно не е насочен против католичката црква.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го изразил своето сочувство кај свештениците на црквата и локалните претставници на неговата владејачка партија. Папата Франциско исто така изрази сочувство: „Ја истакнувам својата приврзаност со црковната заедница на црквата Санта Мариа во Истанбул, која за време на мисата доживеа напад во кој е убиен еден човек“, изјави тој.