1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Дали Германија е подготвена за случај на избор на Трамп?

Матијас фон Хајн
29 јануари 2024

Во САД е сѐ поверојатно дека на изборите ќе се тркаат Бајден и Трамп - со реални шанси Трамп повторно да влезе во Белата куќа. Нужна е превенција.

https://p.dw.com/p/4biJv
Доналд Трамп
Победи и на прелиминарните избори во Њу Хемпшир - Доналд Трамп сега е речиси незапирлив како кандидат за американските претседателски избориФотографија: Matt Rourke/AP/picture alliance

Доналд Трамп победи на внатрепартиските избори на Републиканците во Њу Хемпшир. Со тоа расте веројатноста дека претседателските избори во ноември ќе бидат реприза на дуелот Бајден-Трамп од 2020 година. Не само анкетите сведочат за реална шанса на Трамп, туку и весникот „Њујорк Тајмс”, повикувајќи се на разговори со политичари и првите луѓе на разни компании на маргините на Светскиот економски форум во Давос, го пренесува впечатокот дека елитите во светот веќе сметаат на победа на Трамп. За многумина во Европа тоа е застрашувачко сценарио.

Колку поблиску е можна победа на Доналд Трамп, толку попредупредувачки се гласовите на врвните позиции во Европа. Па така, Кристин Лагард, шефица на Европската централна банка, во интервју со медиумот „Франс 2” таквата опција ја оцени како „јасна закана” за Европа.

Премиерот на Белгија, Александер де Кро, кон средината на месецов во еден говор во Европскиот парламент предупреди дека „ако во 2024 се врати ‘Америка на прво место’ Европа повеќе од кога било ќе биде препуштена сама на себе”.

Поранешниот шведски премиер Карл Билд во документ на тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи смета со далекусежни глобални последици. „САД ќе се откажат од климатската политика и ќе ги прошират инвестициите во фосилни горива. НАТО во најдобар случај ќе мирува. Ќе има средби на Трамп со Путин и Орбан. Ќе се заострат трговските војни”, оценува Билд.

републиканци њу хемпшир прелиминарни избори
Стабилната база на приврзаници на Трамп меѓу републиканците би можела повторно да го однесе на претседателската функцијаФотографија: Brandon Bell/AFP

Да се јакнат воените способности - и економијата!

Прашањето е какви подготовки се потребни за сценариото Трамп 2.0.? Суда Давид Вилп прво помислува на воените способности. „Европа мора да стане силен чинител, во конвенционална смисла и да биде во состојба да се грижи за безбедносни прашања во непосредното соседство“, вели во интервју за ДВ директорка на берлинската канцеларија на Германскиот Маршалов фонд, тинк-тенк кој, меѓу другото, е финансиран од американската и германската влада и ЕК. Европа мора и економски да зајакне за да се подготви за можни протекционистички мерки од Трамп.

Пратеникот Јирген Харт стравува дека Германија не е добро подготвена за втор мандат на Трамп. Портпаролот за надворешнополитички прашања на пратеничката група ЦДУ/ЦСУ за ДВ критички вели: „Во последните три години сторивме премалку за да му помогнеме на Бајден да докаже дека кооперативен стил со Европа е поуспешен отколку конфронтацијата на Трамп. Ниту се обидовме заеднички да развиеме стратегија контра Кина ниту се држевме до договорите за трошоците за одбрана. Нешто се придвижи дури со притисокот од војната во Украина."

Токму во однос на Украина се големи стравувањата од втор мандат на Трамп, кој досега има контрадикторни ставови - од ветувања дека како претседател војната ќе ја заврши за само еден ден, до закани дека сосема ќе ја прекине помошта за Украина и најави дека Киев ќе добие повеќе од когс било досега. Давид Вилп посочува на натпартиската поддршка за Украина, иако воодушевувањето во редовите наРепубликанците опаѓа. Таа истовремено предупредува дека „независно од тоа кој ќе победи во ноември, повеќето Американци сметаат дека Европа треба да носи поголем дел од товарот кога се работи за воена помош и реконструкција на Украина затоа што е дел од европскиот континент."

Доналд Трамп и Владимир Путин
Доналд Трамп и Владимир Путин, 17.03.2021Фотографија: Leonhard Foeger/REUTERS

Нарушен однос со НАТО

Во европските метрополи загриженост предизвикува и односот на Трамп спрема НАТО. За време на првиот мандат со потешкотии беше спречен да истапи од воената Алијанса. Еврокомесарот за внатрешниот европски пазар Тиери Бретон неодамна ја продлабочи несигурноста, кога пред Европскиот парламент раскажа анегдота според која Трамп во 2020 година на Фон дер Лајен ѝ објаснувал дека „ако Европа биде нападната, ние никогаш нема да дојдеме за да ви помогнеме и да ве поддржиме”. Четири години подоцна Трамп избегнува јасна определба, па месецов на прашањето дали во случај на победа ќе ги поддржува европските НАТО партнери со воени средства рече дека „зависи од тоа дали нѐ третираат соодветно. Гледајте ги нештата вака: НАТО ја искористи нашата земја, европските држави профитираа од тоа”.

За Јозеф Брамл ова одговара на сликата која експертот за САД за ДВ ја опишува вака: „Трамп Европа ја гледа како непријател. ‘Тие се полоши и од Кинезите!’ Во таквиот нов светски поредок Европа има само една шанса, да настапи обединето”. Но, како тоа да се постигне во разногласниот европски хор со многу индивидуални интереси? Брамл смета дека одговорот се пари и „да се мисли во поголеми размери, во Европа заеднички да се задолжуваат, поединечните држави финансиски да се поддржуваат и за возврат да им се постават услови."

Политикологот Јозеф Брамл
Политикологот Јозеф Брамл повикува на европско единство против администрација на ТрампФотографија: DW

Загриженост за нуклеарниот штит

За Брамл заедничко европско задолжување има дополнителна предност. „Со пари од заеднички европски фонд би можеле да си дозволиме сопствена одбрана. Сега им плаќаме придонеси на Американците и купуваме американски воени авиони Ф-35 за да имаме удел во атомскиот штит. А, што ни вреди тој ако Трамп влезе во Белата куќа? Сега би требало со Франција и Полска заедно да се договориме за опширна воена и економска соработка која ќе ги повлече и другите земји”, вели тој. Сценарио во кое Трамп сосема ќе го укине атомскиот штит за Европа, политичарот од ЦДУ, Харт, го смета за сосема нереално, затоа што никој не сака да има трка за нуклеарно вооружување. Ако САД сепак го сторат тоа, земјите во Европа ќе мораат да размислуваат за проширување на атомскиот арсенал. Оружјето со кое располагаат Англија и Франција, според Харт не е доволно за да „парира на различните можности за реакција кои ги има американското атомско вооружување". Харт смета дека „на крајот на денот ќе се работи за тоа да се даде поголем финансиски придонес за заедничкото заплашување“.

Јасно е дека реизбор на Трамп би бил тест на издржливост не само за трансатлантските релации, туку и за заедништвото во Европа.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик