1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Избори во Турција: Колкава закана е Имамоглу за Ердоган?

Бурак Унверен
23 јануари 2023

Претседателските и парламентарните избори во Турција ќе се одржат на 14 мај. За шефот на државата Ердоган гласањето ќе биде еден од најголемите предизвици во кариерата, бидејќи веројатно ќе има сериозен противкандидат.

https://p.dw.com/p/4Maij
Носител на надеж за турската опозиција: градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу
Носител на надеж за турската опозиција: градоначалникот на Истанбул, Екрем ИмамоглуФотографија: BELGA/dpa/picture alliance

Изгледа опуштено и модерно: Екрем Имамоглу знае како да разговара со луѓето. И се труди да зборува со сите, никого да не го исклучи и да не го навреди.

Тоа би можело да се сфати како реакција на стилот на претседателот на власт, Реџеп Таип Ердоган. Во турската политика е сосема вообичаена праксата на поделба на „нас“ и на „нив“, со бројни навреди.

Големото мнозинство од Турците немаше слушнато за Имамогул до 2019 година. Тој беше началник на истанбулскиот регион Бејликдузу кога Републиканската народна партија изненадувачки соопшти дека ќе биде кандидат за местото градоначалник на метрополата.

Во почетокот имаше поостри критики, бидејќи многу симпатизери на опозицијата сметаа дека нема шанси против кандидатот од владеачката партија АКП, која дотогаш водеше во Истанбул.

Но, Имамоглу победи на градските избори и им врати на кемалистите во метрополата во која 25 години владееја конзервативните исламисти.

Имамоглу всушност победи - двапати. Најпрво во март 2019 година со 13.000 гласа предност, но тие избори беа поништени. Тоа ги налути избирачите и на повторните избори му подарија на Имамоглу убедлива победа со разлика од 800.000 гласа.

Човек кој не се откажува

До денес победата на Имамоглу важи како доказ дека турската демократија сѐ уште е малку жива, и оти на изборите може да се победи наизглед семоќната АКП.

Обвинувањата за купување на гласовите, манипулација со резултатите и политичкото влијание на процесот и тогаш ги следеа изборите. Но, Имамоглу не се откажа. Неговиот самоуверен и упорен пристап придонесоа за популарност.

Истанбулчаните се собраа пред градското собрание во декември за да го поддржат Екрем Имамоглу
Истанбулчаните се собраа пред градското собрание во декември за да го поддржат Екрем ИмамоглуФотографија: UMIT BEKTAS/REUTERS

Додека се бореше за признавање на изборната победа, едно момче му довикна: „Сѐ ќе биде многу убаво!“.

Од оваа реченица полна надеж тој го направи слоганот и него го усвои целата опозиција. Кога излезе на бина, за да одржи говор по поништените избори, рече: „Ја имаме нашата младост!“.

Но, имаше и критики на негова сметка. Кога делови од Истанбул во 2019 година ги погоди катастрофална поплава, политичарот се одлучи да не го прекине летувањето. Кога источниот град Елазиг во 2020 година го погоди земјотрес, Имамоглу најпрво го посети градот како и многу други политичари, но потоа отпатува на скијање.

„Нормално е татко да помине два дена на одмор со децата“, се бранеше тогаш тој.

Имамоглу не сака да биде забележан само во својата земја, туку и на меѓународен план. Неговиот тим води налози на англиски јазик на Твитер и на Инстаграм. Повремено таму можат да се видат фотографии од посетите на странски претставници.

На хартија, тој го претставува само Истанбул, но фотографиите на кои е со турско знаме оставаат впечаток дека ја претставува Турција. За многу Турци овие фотографии влеваат надеж: еден ден би можел да подели такви фотографии од Анкара.

Градежна фирма, фудбалски клуб - а, сега и политичка забрана

Имамоглу е роден 1970 година, студирал на Кипар и во Истанбул, каде стекнал диплома за деловна администрација. Пред да влезе во политиката, водел истанбулски ресторан специјализиран за ќофтиња. Ја водел и семејната градежна фирма. Од 2002 до 2003 година бил член на управата Трабзонспор, фудбалски клуб од градот во близината каде што е роден.

Има помалку од 4 месеци пред изборите за парламентот и за претседател, на кои опозицијата се надева на конечен пораз на Ердоган. Шефот на државата ненадејно соопшти оти, наместо во јуни, изборите ќе бидат одржани на 14 мај.

Набљудувачите сметаат оти Имамоглу има најголеми шанси од тројцата можни опозициски кадидати за претседател. Но, воопшто не е сигурно дали Имамоглу ќе биде кандидат. Бидејќи, лидерот на неговата републиканска партија, Кемал Киличдароглу, најавува дека самиот ќе се кандидира за претседател на шесте опозициски партии.

Освен тоа, на Имамоглу му се заканува забрана за занимавање со политика, поради обвинувањата дека ја „навредил“ изборната комисија. „Оние кои ги поништија изборите се будали“, рече тој кога му беше поништена првата победа во Истанбул во 2019 година.

Поради оваа изјава во декември минатата година беше осуден на две години и 7 месеци затвор. Второстепениот суд уште треба да одлучи дали Имамоглу ќе мора да оди во затвор, дали може да остане градоначалник и да продолжи да се занимава со политика.

Можен ли е пораз на неприкосновениот Реџеп Таип Ердоган на претстојните избори во мај?
Можен ли е пораз на неприкосновениот Реџеп Таип Ердоган на претстојните избори во мај?Фотографија: Murat Kula/AA/picture alliance

Сличности со лутиот противник

Имамоглу и Ердоган имаат многу заедничко. И двајцата беа добри фудбалери како млади момчиња, двајцата потекнуваат од регионот на Црното Море. Ердоган исто така беше катапултиран на големата сцена од позицијата градоначалник на Истанбул (1994-1998).

Дури и евентуална забрана за политичка активност би наликувала на биографијата на Ердоган. Во 1997 година тој доби многу симпатии откако му беше изречена забрана за политика затоа што - цитираше религиозна песна.

Партијата што ја основа четири години по политичката забрана победи на изборите една година подоцна. Набргу потоа, Ердоган си ја укина забраната да се занимава со политика и можеше да го започне своето патување кон позицијата премиер.

По првите поништени избори во Истанбул, Имамоглу рече: „Нашиот пат е долг.“ Се верува дека тој  ќе игра важна улога во турската политика во наредните години, и оти забраната може само да ја зголеми неговата популарност.

Можеби на крајот, како што рече тоа момче, се ќе биде во ред за Имамоглу. Но, се чини дека патот дотаму е трнлив.