1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори за ЕУ ​​парламент: На Европа и` е доста од Зелените?

Лусиа Шултен
20 февруари 2024

Според анкетите, ситуацијата за европските Зелени не е многу светла. На изборите во јуни тие би можеле да загубат околу една третина од местата во Европскиот парламент.

https://p.dw.com/p/4ca2i
плакат Зелени Германија
Стар оштетен постер на германските зелениФотографија: Hendrik Schmidt/dpa-Zentralbild/picture alliance

Според анкетите, ситуацијата за европските Зелени не е многу светла. На изборите во јуни тие би можеле да загубат околу една третина од местата во Европскиот парламент. Во моментов тие ја формираат четвртата по големина пратеничка група со 72 пратеници, а во Европската комисија ги претставува Вирџиниус Синкевичиус. 

Во очите на јавноста, Зелените, како ниедна друга партија, се симбол на борбата за заштита на животната средина. На последните избори за Европскиот парламент, движењето „Петоци за иднината“ им даде ветер во грб. 

Грета Тунберг ги започна тие протести во 2018 година со штрајкот за климатските услови на училиштата, кој донесе милиони млади луѓе на улица. На изборите во 2019 година, Зелените постигнаа подобар резултат од кога било досега.

Зелените не се успешни во сите земји на ЕУ

Влијанието на зелените партии е нерамномерно распоредено низ ЕУ. Зелените традиционално се силни во земјите од Западна Европа, како Франција, Германија и Австрија, вели Тобијас Герхард Шминке, основач на платформата „Europe Elects“ , која е лидер во Европа во анализата на анкетите и податоците за изборите.

Во тие земји вообичаено освојуваа десетина, понекогаш и до 20 отсто од гласовите. Но, во многу делови од јужна Европа, особено во источна Европа, тие се многу помалку вкоренети“, објаснува политикологот во интервју за ДВ. „Во Словачка, на пример, тие не ни постојат“.

Партиите на зелените се дел од владата во неколку земји од ЕУ. Во Германија, на пример, Зелените имаат вкупно пет министри, меѓу кои и министерката за надворешни работи Аналена Бербок и вицеканцеларот и министер за економија Роберт Хабек.

Партиите на зелените се дел од владата и во Ирска, Австрија, Белгија, Латвија и Шпанија. Во Полска ги претставува државна секретарка, а Австрија го има „зелениот претседател“ Александар ван дер Белен. 

Заштитата на климата во политиката на ЕУ  

Во актуелниот мандат на Европскиот парламент, заштитата на климата е важна тема. Европската Унија сака да стане климатски неутрална до 2050 година со таканаречениот „Европски зелен договор“.

Првата цел е да се намали емисијата на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина до 2030 година за најмалку 55 отсто во споредба со 1990 година. Според Европската комисија, законодавниот пакет неопходен за ова во голема мера е усвоен.

Зелените беа важни за гласањето и во процесот на подготовка на законот, вели Карин Талберг, која ја истражува европската енергетска политика во Институтот Жак Делор. Таа во интервју за ДВ потенцира дека влегуваме во важна фаза на имплементација во земјите членки.

Сепак, политичките ветрови повторно се сменија и законите за заштита на климата се помалку прифатливи. Земјоделците протестираа во многу земји од ЕУ. Нивниот гнев е насочен и против европското законодавство. 

Тери Рајнтке и Бас Ајкхут
Тери Рајнтке и Бас Ајкхут ќе ги предводат Европските Зелени на изборите за Европскиот парламентФотографија: Laurent Cipriani/AP/picture alliance

Отпор доаѓа и од другите политички табори. Манфред Вебер, лидерот на Европската народна партија (ЕПП), најголемата политичка група во Европскиот парламент, веќе во ноември најави дека сака да ја „преиспита“ тешката одлука за забрана на моторите со внатрешно согорување.

Според истражувањето на европските портали Политико и Еурактив, тоа барање било вклучено дури и во манифестот на партијата кој допрва ќе биде објавен. Жестока расправа се водеше и за законот за обновување на природата.

Во пресрет на европските избори, Карин Талберг забележува „загрижувачки тренд“, не само од екстремно десничарскиот табор, туку и од мејнстримот.

На пример, либералниот француски претседател Емануел Макрон зборуваше за „законодавна пауза“, а Европската народна партија повика на нешто како „мораториум на законите за животна средина“. 

Зелените не се откажуваат 

Сепак, европските зелени покажаа борбеност на конгресот на почетокот на февруари во Лион, Франција. Холанѓанецот Бас Ајкхут најави „тешка изборна кампања“. Тој ќе ја води заедно со неговата германска колешка Тери Рајнтке, одлучија делегатите.

Европската зелена партија се состои од 49 зелени партии во и надвор од ЕУ. Нивниот конгрес го носеше мотото „Храброст

И таа храброст ќе биде потребна за зелената трансформација, нагласи Тери Рајнтке. „ЕПП и либералите грешат кога велат дека Зелениот договор и штети на нашата економија“.

Рајнтке е член на Европскиот парламент од 2014 година. Таа е убедена дека Зелениот договор може да создаде економија која ги почитува природните ресурси на планетата, како и социјалната правда.

„Зелениот договор“ мора да се брани, се слушаше повторно и повторно на конгресот на кој се собраа над 1.200 зелени од цела Европа. Изборната програма бара климатска неутралност до 2040 година, а не до 2050 година.

Зелените, исто така, сакаат да се спротивстават на европските екстремно десничарски партии и да водат кампања за безбеден и легален абортус низ ЕУ. 

Дали Зелените можат да го променат текот на настаните? 

Експертката Талберг смета дека на Зелените во моментов им е многу тешко, бидејќи мора да балансираат помеѓу моменталното расположение и она што е неопходно за заштита на климата.

„Позитивна работа во нивната изборна програма, во споредба со другите програми, е тоа што имаат многу конкретни предлози“, вели таа.

Зелените имаат конкретни предлози кога станува збор за енергетско ефикасно реновирање на станбени згради, одржлив транспорт или зелена трансформација на индустријата и земјоделството.

Шефот на платформата „Европа избира“, Тобијас Шминке, смета дека Зелените би можеле да бидат меѓу губитниците на изборите. Меѓу другото, поради учеството на зелените партии во владата. Во интервју за ДВ, политикологот вели дека европските избори секогаш се користат за казнување на националните влади.

Сепак, има уште многу време до изборите, а Зелените имаа послаби анкети во февруари 2019 година отколку на денот на изборите во мај.

Тери Рајнтке се сеќава и на тоа. Откако беше избрана за главен кандидат во Лион, Рајнтке потсети дека на последните избори Зелените влегоа во Европскиот парламент со најдобар резултат досега и порача дека ќе продолжат да се борат, без разлика на политичките дискурси против нив.