1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Зошто во Франција сега ќе биде комплицирано

БЈ | дпа
8 јули 2024

По изборите, Франција мора да состави нова влада. Но, соодносот на силите по изненадувачката победа на обединетата Левица е комплициран. Анализираме што тоа ќе значи тоа за Макрон, Франција и Европа.

https://p.dw.com/p/4i0Yo
Претседателот Макрон распиша вонредни парламентарни избори, но земјата сега повторно се соочува со политички ќорсокак
Претседателот Макрон распиша вонредни парламентарни избори, но земјата сега повторно се соочува со политички ќорсокакФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Ден по неочекуваниот резултат на парламентарните избори во Франција, земјата мора одново да се постави. Поместувањето на десно е помалку изразено отколку што се очекуваше пред изборите – во новиот парламентарен состав обединетата Левица ќе биде најсилна. Сепак, мнозинство кое би било кадарно да владее нема на повидок, а покрај тоа Левицата нема заеднички лидер.

Дали на власт доаѓа левичарскиот фронт?

 Тоа е барањето на лидерите од Новиот народен фронт како најголема сила во парламентот. Како претседател, обврска на Емануел Макрон е да назначи премиер. Нејасно е дали ќе ја профати оставката на Габриел Атал, како и кому во тој случај би му го доверил мандатот. И покрај изненадувачката победа, Левицата е далеку од апсолутно мнозинство. Со тоа другите пратенички групи би можеле да урнат левичарска влада меѓу другото и со гласање на недоверба. Изминатите две години во кои блокот на Макрон имаше само релативно мнозинство, покажаа колку е тешко во Франција да се владее без апсолутно мнозинство.

Францускиот премиер Габриел Атал понуди оставка по изборите
Францускиот премиер Габриел Атал понуди оставка по изборитеФотографија: Blondet Eliot/Abaca/IMAGO

Дали во тоа поумешна ќе биде Левицата е неизвесно, особено што веројатно ќе имаат помалку мандати отколку што имаше партијата на Макрон пред распуштањето на парламентот. Теориски е можна коалиција од Левицата и Центарот, но од Левицата веќе се слушаат гласови кои отфрлаат таква алијанса. 

Во која временска рамка треба да има нова влада?

Нема јасни насоки за ова прашање. Макрон би можел да чека и по летната пауза за назначување нов премиер, иако новиот парламентарен состав ќе има прва седница на 18 јули, при што ќе биде избран претседателот на парламентот. Следниот ден се избира потпретседателот и составот на комисиите.

Што се случува, ако не се состави влада?

Ако ниту еден од политичките блокови не постигне апсолутно мнозинство или коалиција, или ако не дојде до формирање на влада која се толерира, Макрон може и покрај оставката на актуелниот премиер, да го замоли да остане како вршител на должноста со актуелниот владин состав. Таквиот преоден рок може да трае со недели, имајќи ги во предвид и Олимписките игри кои почнуваат на 26 јули во Париз, исто како и политичката летна пауза. Макрон би можел од експерти, економисти и високи претставници на државната управа да состави техничка влада. Распуштање на парламентот и нови избори се можни дури по една година.

Лидерот на левичарската радикална партија Жан Лук Меленшон сака да стане нов француски премиер
Лидерот на левичарската радикална партија Жан Лук Меленшон сака да стане нов француски премиерФотографија: Thomas Padilla/AP Photo/picture alliance

Кои се последиците за Германија и за Европа?

Тоа е неизвесно. Левичарската коалиција го остави отворено прашањето и до сега не понуди заедничка програма. Од таму не е јасно ни каква политика ќе се спроведува кога ќе дојде на власта. Единствено е извесно дека коалицијата е проевропски ориентирана и стои цврсто за поддршка на Украина. Берлин и Брисел не би можеле веќе да играат на картата на силна Франција како партнер, доколку во Париз дојде до политичка блокада. Земјата повеќе би била насочена кон управување, отколку поттикнување на нови планови.

Дали десничарските радикали на Ле Пен сепак ќе профитираат од резултатот?

Иако РН наспроти предвидувањата не излезе како победник од изборите и заврши дури и зад партијата на Макрон, сепак имаат значително поголем број на мандати во однос на претходниот состав. Тие се најсилно застапени од било кога и со тоа расте нивното влијание во работата на парламентот. Тие ќе добијат и повеќе средства од партиското финансирање, со кои ќе може да се подготвуваат за изборите во 2027 година и следните парламентарни избори. 

Марин Ле Пен не може да биде задоволна од резултатите од вториот круг на парламентарните избори во Франција
Марин Ле Пен не може да биде задоволна од резултатите од вториот круг на парламентарните избори во ФранцијаФотографија: Louise Delmotte/AP/picture alliance

Што е со Макрон?

Дали Макрон ќе може да спаси нешто од првобитните амбиции да биде реформатор на Франција и заговорник за силна Европа, ќе се покаже во претстојниот период. Ако со тактизирање и отстапки наспроти претежните очекувања му успее да постави долгорочно владејачко мнозинство со учество на неговата партија, можеби ќе излезе од целата работа со едно модро око. Но, со оглед на тоа дека во изминатите години ниту со многу појасна распределба на моќта, не успеа да состави коалиција, Макрон во преостанатиот мандат можеби ќе мора да опстои од позиција на управување во нестабилни околности и блокада во Франција. На внатрешно-политички и надворешно-политички план тој би бил заслабен. Иако беше спречена победа на десно-националните на парламентарните избори, Макрон политички повеќе си наштети отколку што си помогна.