Изградба на куќа во некои германски градови ќе биде исклучок
1 август 2023Заштитата на климата и економски исплатливото домување честопати е тешко да се усогласат - особено кога се градат домови за едно семејство. 45,1 отсто од површината за населени места и сообраќајните површини во Германија се веќе запечатени (што значи дека на нив има изградени објекти, или тие се бетонирани, асфалтирани, поплочени или на друг начин фиксирани, н.з.).
А запечатувањето брзо се зголемува, предупредува Анет-Мауд Јопиен од Техничкиот универзитет Дармштат: „Секој ден во Германија се окупира површина колку 80 фудбалски игралишта за нови сообраќајни или градежни намени. Ова трошење простор мора да престане во корист на зачувување на слободниот простор“. Проблемот со населените површини е што дождовницата не може да истекува и што запечатените површини се загреваат повеќе од зелените.
Дали сонот за сопствен дом одговара на времето?
Многу градови, како Франкфурт, Минстер и Хамбург, имаат намера да издаваат одобренија за изградба на куќи за едно семејство само во исклучителни случаи. Тие, наместо куќи за едно семејство, сакаат да стават акцент на станбени згради за на тој начин да се запечатува помалку простор за повеќе луѓе.
Со ваков проблем се соочуваат не само големите градови, туку и малите општини кои имаат многу отворен простор, на пример, Бихенбах во регионот на Нирнберг. Тука живеат околу 5.200 луѓе, главно во куќи за едно семејство. Во минатото, тука никнаа многу нови населби со индивидуални куќи.
Градоначалникот Хелмут Бауц (УВГ), кој е на функцијата 20 години, сака да стави крај на оваа пракса. Слободниот простор е важен не само за климата, туку и за земјоделството, „за да можеме да се грижиме за себе во оваа земја и да не зависиме само од увоз“. „Тоа е сон кој се распрскува“, вели Јопиен. Куќата за едно семејство е сон на многу луѓе, „но мораме да го промениме начинот на размислување и да прифатиме други форми на живеење“.
Строгите климатски барања ги зголемуваат цените
Притисокот е голем. Во Германија во моментов недостасуваат милион станови по пристапни цени, вели Аксел Таузендпфунд од Сојузот на станбената индустрија во југозападна Германија. Неизвесно е дали и кога би се граделе тие станови. Високите енергетски критериуми ги зголемуваат трошоците за градба: во изминатите 20 години цената е зголемена за повеќе од 300 проценти за еден квадратен метар станбена површина. За тие станови потоа да може да се изнајмуваат, а притоа да бидат покриени трошоците, мора да се плаќаат станарини од 16 до 20 евра по квадратен метар. Таузендпфунд предупредува дека мора да биде можно да се усогласат достапноста на домувањето и заштитата на климата.
Високи емисии на ЦО2 од градежништвото
Причина за сè построгите регулативи за климата се високите емисии на ЦО2. За 38% од емисиите се одговорни градењето и живеењето. Пред сè, уривањето и новата градба, како и одржувањето на постарите згради ги туркаат емисиите на ЦО2 нагоре. Владата, врз основа на овие сознанија, ја прилагоди својата политика за финансиска поддршка на почетокот на годината: во 2020 година, санацијата сè уште се финансираше со пет милијарди евра, новите градби со десет милијарди евра. Сега е обратно: санирањето се финансира со 13 милијарди евра, а субвенциите за нови згради се намалуваат на 1,9 милијарди евра. На тој начин треба да се поттикнат и преправките на постоечки објекти, како на пример претворање на канцелариски простор во станови за живеење. Но, со просечна цена на чинење од 5000 евра за метар квадратен, тоа е сепак толку скапо што овие мерки одвај играат некаква улога.
Големиот број на уривања ја оптоварува климата
Фаталното притоа е што е поевтино да се урне и да се гради одново, вели Таузендпфунд. Бројот на уривања на објекти е голем. Секоја година се уриваат и заменуваат со нови околу 14.000 згради, велат бројките на Сојузниот завод за статистика. Но, уривањето ја оптоварува климата и ресурсите и често го уништува итно потребниот простор за домување по прифатливи цени.
Кога се работи за климата, голем фактор е не само изградбата, туку и живеењето: 60 проценти од сите куќи се постари од 40 години и имаат соодветно ниска енергетска ефикасност. Тоа само уште повеќе ја нагласува важноста на прашањето - дали ќе се успее во тоа да се санира повеќе, а да се гради помалку.