Израел наскоро во контранапад на Иран?
9 октомври 2024САД сакаат да преземат деескалирачка улога во конфликтот на Блискиот Исток, но односите со нивниот сојузник Израел неодамна беа затегнати поради американските критики за израелското водење на војната. По речиси два месеца молк, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска (9.10) треба телефонски да разговара со американскиот претседател Џо Бајден, објави американскиот портал Аксиос, повикувајќи се на тројца неименувани американски претставници. Според ваквите информации, Бајден и Нетанјаху ќе зборуваат за конфликтите во Либан и во Појасот Газа.
Покрај израелската борба против терористичките организации Хезболах во Либан и Хамас во Појасот Газа, тука е и прашањето за можниот одговор на Израел на нападот од Иран пред една недела. Режимот во Техеран истрела околу 200 ракети кон Израел, од кои повеќето беа пресретнати. Нападот дојде по серијата целни убиства од страна на Израел насочени кон клучните играчи во мрежата на недржавни сојузници на Иран. Израел најави одмазда.
Одмаздата „најверојатно ќе биде значителна“
Аксиос сега, повикувајќи се на израелски официјални лица, објави дека Нетанјаху во вторникот вечерта (8.10) се сретнал со министрите и шефовите на израелската војска и разузнавачка служба за да донесе одлука за опсегот и времето на нападите на Израел.
Одмаздата на Израел се очекува да биде „значителна“ и треба да вклучува комбинација од воздушни напади врз воени цели во Иран и скриени напади. Израел, како што се вели, размислува и за можни напади врз нафтената инфраструктура на Иран. Нетанјаху сака да го информира Бајден штом ќе биде донесена одлука, се вели од израелска страна. Тоа би можело да се случи денеска.
Галант го одложи патувањето во САД
Во исто време, израелските медиуми објавија дека телефонскиот разговор со Бајден бил причина Нетанјаху да му наложи на министерот за одбрана Јоав Галант да го одложи своето патување во САД, планирано за денеска. Освен тоа, веројатно ќе треба да се чека одобрување од владата на плановите за израелски одговор на Иран.
Од американското Министерство за одбрана потврдија дека посетата нема да се одржи според планираното. „Штотуку бевме информирани дека министерот Галант ќе го одложи своето патување во Вашингтон“, изјави портпаролка на Пентагон, без да наведе причина. Американскиот министер за одбрана Лојд Остин, како што беше речено, се радува на средба со Галант наскоро.
Напади од Хезболах и израелската војска
Во меѓувреме, нема смирување во конфликтот меѓу либанската терористичка организација Хезболах и Израел, а меѓусебните напади продолжуваат со несмалено темпо. Според либанското Министерство за здравство, само во вторникот во израелските напади загинале 36 лица, а 150 други се повредени. Израелската војска соопшти дека неодамна убила 50 терористи на Хезболах. Освен тоа, уништен бил и подземен тунел во јужен Либан кој водел директно до Израел.
Во исто време, според израелската војска, проиранскиот Хезболах истрелал околу 135 ракети од Либан кон Израел. Оштетени се куќи и автомобили. Една жена е повредена во третиот по големина град Хаифа.
Терористичката милиција го предупреди Израел од натамошни напади и се закани дека ќе ги интензивира нападите. „Зголемените напади на израелскиот непријател“ значат дека израелскиот град „Хаифа и други места ќе бидат напаѓани од нашите ракети исто толку често како Кирјат Шмона, Метула“ и други места, рече Хезболах. Кирјат Шмона и Метула се наоѓаат во северен Израел, на границата со Либан.
Израел ги предупредува Либанците од уништување како во Газа
Предупредување упати и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Во видео-порака тој го предупреди народот на Либан од уништување како она во Појасот Газа. „Имате можност да го спасите Либан пред да падне во бездната на долга војна што ќе доведе до уништување и страдање како што гледаме во Газа“, рече тој и продолжи: „Ви велам вам, либанскиот народ: ослободете ја вашата земја од Хезболах за оваа војна да може да заврши. Вие сте на значаен крстопат“, нагласи тој. „Кренете се и вратете си ја вашата земја“.
Осомничен израелски воздушен напад во Сирија
Во моментов има напади на многу фронтови. Според сириското Министерство за одбрана, најмалку седум лица загинале во веројатно израелски воздушен напад во сирискиот главен град Дамаск. „Израелскиот непријател изврши воздушен напад врз станбена и комерцијална зграда во густо населената населба Масех“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон објави дека има деветмина загинати. Таа соопшти дека цел на нападот била зграда што ја користеле високи функционери на иранската револуционерна гарда и на либанскиот Хезболах.