1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Израел, САД и дилемата на Бајден

Инес Пол
3 август 2023

Израел стана изборна тема во САД. Додека кај Демократите расте критиката кон Нетанјаху, Републиканците се залагаат за „апсолутна поддршка“.

https://p.dw.com/p/4UfkB
Џо Бајден САД Ицак Херцог Израел
Бајден се сретна со израелскиот претседател Херцог во јули - на средба со Нетанјаху сè уште се чекаФотографија: Shawn Thew/CNP/Cover-Images/IMAGO

Владата на американскиот претседател Џо Бајден надворешнополитички досега, покрај Украина, се фокусираше пред сѐ на Кина. По делумното усвојување на контроверзната судска реформа и протестите во Израел кои не запираат, Бајден ќе мора повеќе да се фокусира на Блискиот Исток, дури и ако со тоа може само да загуби во својата земја.

Израел и САД споделуваат долга и блиска историја - и финансиска поврзаност. САД го поддржуваат Израел со речиси 3,5 милијарди евра годишно - од кои значителен дел оди за одбрана од ракети и воена технологија.

Еврејската држава е најголемиот примател на акумулирана американска воена помош од крајот на Втората светска војна, која моментално изнесува околу 158 милијарди долари. Сега оваа соработка доби пукнатини поради судските реформи во Израел.

Пријателска критика

„За жалење“ (несреќно), коментираше Бајден по усвојувањето на проектот на 24 јули во израелскиот парламент - Кнесетот. Ова беа невообичаени и досега нечуени зборови од американскиот претседател, кој инаку сака да укажува на своите блиски врски со Израел.

Неколку дена претходно, во интервју за американската телевизија Си-Ен-Ен, тој веќе ја изрази својата загриженост за политичката ситуација во Израел: „Постојат некои многу екстремни елементи во владата. Особено оние во кабинетот кои велат дека Палестинците немаат права.“

Изјавите на Бајден се толку невообичаени и поради тоа што актуелниот претседател, спротивно на сите дипломатски конвенции, повторно се изјаснува во врска со внатрешнополитичка контроверза во пријателска земја. Ова се должи на екстремниот притисок врз Претседателот.

Протести на дијапората

Политичко пробивање на браната се случува не само во Белата куќа, туку и во еврејската заедница ширум светот. На пример, откако беше усвоен дел од судската реформа, Светскиот еврејски конгрес постави огласи на цела страница во американските весници како што се „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“.

Лојд Остин Јоав Галант
Блиски воени сојузници: американскиот министер за одбрана Лојд Остин (л.) во посета на неговиот израелски колега Јоав Галант на 9 март во Тел АвивФотографија: Ariel Hermoni/AA/picture alliance

Пораката гласи: „Ние, Евреите во дијаспората, вообичаено не се мешаме во израелската политика. (...) Ние секогаш внимаваме да го почитуваме суверенитетот. Но, денес е во прашање иднината на Израел. Единствената држава на еврејскиот народ е во непосредна егзистенцијална опасност“.

До неодамна, беше апсолутно незамисливо меѓународното здружение на еврејски заедници и организации јавно да се изрази толку критички кон Израел.

„Црн ден за демократијата“

Темата во меѓувреме пристигна и на домашната политичка агенда во САД. Во изјава по усвојувањето на централниот аспект на судските реформи во Израел, демократскиот пратеник во Претставничкиот дом, Џери Надлер, рече: „Денес е црн ден за израелската демократија“. 76-годишниот Надлер, кој бил воспитан како ортодоксен Евреин, досега ја бранеше политиката на државата Израел, дури и во сериозни кризи.

Тука е и прогресивното крило на американските Демократи, кое долго време се залага за покритичен курс против Израел поради палестинското прашање и, по најновата судска реформа, го повикува претседателот да ја откаже финансиската поддршка за Израел.

Ицак Херцог Сенат САД
„Најдобри пријатели“ и покрај несогласувањата: израелскиот претседател Ицак Херцог на заедничката седница на американскиот Сенат и Претставничкиот дом во Вашингтон во март 2023 годинаФотографија: Jacquelyn Martin/AP Photo/picture alliance

„Апсолутна поддршка за Израел“

Опозициските Републиканци се обидуваат да ја искористат тешката политичка ситуација. Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс рече: „Децениската преокупација на Демократите со внатрешната политика на Израел е погрешна“. Пенс во изминатите недели не пропушти можност да ја повтори својата „апсолутна поддршка“ за Израел.

Значи, што може да направи актуелниот претседател во оваа ситуација? Според Стивен Кук, надлежен за Блискиот Исток и Африка во американскиот тинк-тенк Совет за надворешни односи, Бајден е во стратешка дилема.

„Претседателот не сака да се плетка со Израелците пред изборите, особено затоа што неговите противници во Републиканската партија сега го направија Израел своја тема, заедно со прашањата за абортусот, оружјето и пониските даноци“. Тој смета дека е нереално Бајден да ја намали финансиската помош за Израел: „Веројатноста за тоа е нула“.

Сличен став има и Брет Брун, политички стратег кој работеше за поранешниот претседател Барак Обама (2009-2017) во Белата куќа: „Иако е малку веројатно дека помошта за Израел ќе биде запрена, ќе видиме повеќе симболични дејствија кои ќе ја изразат нашата загриженост“.

Џо Бајден Бенјамин Нетанјаху
Критички поглед: Во ноември 2010 година, тогашниот американски потпретседател Бајден се сретна со Нетанјаху, кој веќе беше премиер на Израел во тоа време (архивска фотографија)Фотографија: Avi Ohayon/picture alliance/ dpa

Брун е претседател на здружението за политички кризен менаџмент од висок ранг Соба за глобални состојби. „Симболични чинови“, според Брун, „може да вклучуваат одложување на посетата на (израелскиот, н.з.)премиерот на Белата куќа или ограничување на патувањето во Израел на високи американски функционери“.

Чекајќи го Трамп

Како и многу американски аналитичари, и поранешниот советник на Обама претпоставува дека Бенјамин Нетанјаху шпекулира со реизбор на Доналд Трамп на крајот на 2024 година. Арон Дејвид Милер од Фондацијата Карнеги за меѓународен мир има објаснување за тоа:

„Администрацијата на Трамп му даде на Израел четиригодишен политички подем. Таа го призна Ерусалим како главен град на Израел“, објаснува тој. Трамп на амбасадата и на Израел им даде суверенитет над Голанската висорамнина.

„Републиканската десница, конзервативците, евангелистичките христијани и конзервативните Евреи во САД во основа се собираат околу Трамп затоа што тој не сака да поставува прашања“, нагласува Милер. „Нему не му е грижа што прави владата на Нетанјаху сѐ додека од Нетанјаху го добива она што му треба.“