1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел сѐ уште без одлука како да реагира на нападот од Иран

ЕМФ | агенции
15 април 2024

Израелскиот воен кабинет не успеа да постигне договор за можниот одговор на иранскиот напад. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика двете страни да покажат максимална воздржаност.

https://p.dw.com/p/4elAq
Тел Авив | Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант (втор од десно) на седница на израелскиот воен кабинет, 14.04.2024Фотографија: Israeli Ministry of Defense/Handout/Anadolu/picture alliance

Израелскиот воен кабинет не успеа да донесе заклучок во врска со можниот одговор на иранскиот напад. Според медиумските извештаи, кои, како што се вели, доаѓаат од информирани кругови, воениот портпарол Даниел Хагари не сакал директно да се изјасни околу плановите за евентуална одмаздничка акција. „Ние сме во состојба на висока подготвеност на сите фронтови“, изјави тој. Претходно Бени Ганц, член на воениот кабинет и поранешен министер за одбрана на Израел, најави одмазда, но не зборуваше за времето на дејствување. „Ќе формираме регионална коалиција и ќе бараме одговорност од Иран, во вистинско време и на начин што е вистински за нас“, рече тој.

Генералниот секретар на ОН со апел до двете земји

Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди од ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран. На состанокот на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата на Блискиот Исток, тој рече: „Ниту регионот ниту светот не можат да си дозволат уште една војна. Блискиот исток е на работ на бездна. Луѓето во регионот се соочуваат со вистинска закана од разорен, сеопфатен конфликт“. Сега е време да се „смири и деескалира“ конфликтот, предупреди Гутереш, кој повика на „максимална воздржаност“ од сите страни.

Седница на Советот за безбедност на ОН во врска со нападот на Иран врз Израел
Седница на Советот за безбедност на ОН во врска со нападот на Иран врз ИзраелФотографија: Fatih Aktas/Anadolu/picture alliance

Во својот говор, Гутереш уште еднаш ги осуди иранските напади врз Израел и нападот врз зградата на иранскиот конзулат во Дамаск. „Време е да се повлечеме од работ на бездната“, рече тој. „Важно е да се избегне каква било акција што може да доведе до големи воени конфликти на повеќе фронтови на Блискиот Исток.“

Иран нападна со стотици беспилотни летала и ракети

Во текот на изминатиот викенд (13/14.04) Иран за првпат во историјата директно го нападна Израел од своја територија. Техеран ги опиша нападите со беспилотни летала и ракети како одмазда за нападот врз зградата на иранскиот конзулат во Дамаск, во кој на први април, меѓу другите, беа убиени двајца генерали на иранската револуционерна гарда. Израел соопшти дека биле пресретнати 99% од над 300 беспилотни летала, како и балистички и крстосувачки ракети лансирани од страна на Иран.