1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Израел за првпат изврши напад во северен Либан

Тагесшау | ЕМФ
5 октомври 2024

За првпат од почетокот на офанзивата во Либан, Израел нападна цел на северот на земјата. Лидерот на военото крило на Хамас е убиен во напад со беспилотно летало врз бегалски камп во близина на Триполи.

https://p.dw.com/p/4lRPh
Либан | израелски воздушен напад Бејрут
Чад во јужните преградија на Бејрут по израелски воздушен напад (5.10.2024)Фотографија: ETIENNE TORBEY/AFP/Getty Images

Израелската авијација, според локални безбедносни извори, во текот на изминатата ноќ гаѓала цели длабоко во внатрешноста на Либан. Притоа, дрон погодил стан во палестински бегалски камп во близина на пристанишниот град Триполи. Ова е прв напад од ваков вид во областа откако Израел ја започна својата офанзива пред повеќе од две недели, јавуваат новинските агенции.

Според терористичката организација Хамас, во нападот е убиен водач на нејзиното воено крило, бригадата Ал Касам. Саид Аталах загинал заедно со тројца членови на семејството. Засега нема изјава од Израел во врска со нападот.

Напади и на цели во близина на Бејрут

Напади се извршени и во јужните предградија на главниот град Бејрут и во долината Бека на истокот. Очевидец за новинската агенција Ројтерс потврди дека рано наутро се слушнала експлозија во јужните предградија на Бејрут. Нападот, како што се вели, се случил набрзо откако израелската армија од жителите побарала евакуација од таа област. Воздушни напади имаше и во долината Бека на истокот од земјата.

Милицијата Хезболах соопшти дека истрелала повеќе ракети врз Израел. Според Хезболах, имало и престрелки меѓу милицијата и израелските единици долж либанската граница со Израел. Израелската армија повторно се обидела да напредува во близина на селото Адајсе. Хезболах соопшти и дека истрелал ракети врз војници во областа Јарун во јужен Либан, како и врз двајца војници преку границата.

Американската влада соопшти дека обезбедува повеќе од 150 милиони долари хуманитарна помош за Либан. Стејт департментот во Вашингтон соопшти дека средствата треба да се искористат за помош на раселените лица во земјата и на луѓето кои побегнале во соседна Сирија.

Во Појасот Газа, израелската армија, според сопствени наводи, повторно од воздух нападнала команден центар на Хамас. Се вели дека тој се наоѓал во центарот на крајбрежниот појас во зграда во која порано имало училиште.