1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Израелски напади врз Либан: Будење во страв

АРД
24 септември 2024

По израелските напади во Либан владее страв и паника. Луѓето сакаат да стигнат на безбедно, но не знаат каде да одат. Израелската армија има намера да ја продолжи офанзивата.

https://p.dw.com/p/4l0Am
Големи разурнувања и бројни жртви во израелските воздушни напади во Либан
Големи разурнувања и бројни жртви во израелските воздушни напади во ЛибанФотографија: Hassan Ammar/dpa/AP/picture alliance

Илјадници луѓе се обидуваат да побегнат од југот на Либан и да се упатат кон главниот град Бејрут - како Мохамед: „Кај нас имаше воздушни напади, па брзо влеговме во автомобилот. Возиме кон Бејрут“. Друг човек, пак, вели: „Воздушни напади, експлозии, борбени авиони, уништување. Никој веќе не е таму, сите побегнаа. Ги зедовме нашите работи со нас и побегнавме. Во моментов никој не знае каде да одиме“.

Израелската војска го предупредила населението

Израелската војска користела СМС пораки и повици за да побара од цивилите да ги напуштат зградите кои, според Израел, биле користени од Хезболах за складирање оружје. Според една либанска телекомуникациска компанија, 80.000 Либанци добиле такви пораки, прво на југот на земјата, а подоцна и во долината Бека на исток.

Хаос во Либан: Илјадници во бегство по жестоките израелски воздушни напади
Хаос во Либан: Илјадници во бегство по жестоките израелски воздушни нападиФотографија: Mohammed Zaatari/dpa/AP/picture alliance

Од луѓето таму било побарано да ги напуштат своите домови во рок од два часа. Многумина не знаат каде да одат - во Бејрут и во други градови училишни згради се отворени како прибежишта за бегалците.

Владата говори за повеќе од 1.500 повредени

Либанската влада повикува на помош. По последните напади на израелската армија на југот и на истокот на земјата, бројот на повредени е над 1.500. „Нашето Министерство за здравство, заедно со Министерството за надворешни работи, контактираше со пријателските земји кои се подготвени да му помогнат на Либан во оваа вонредна состојба. Ги информиравме кои лекови и опрема ни се потребни“.

Министерот за здравство најави дека ќе бидат поставени итни прифатни центри во безбедните подрачја за тешко болни лица во бегство. Безбедни подрачје - тоа значи далеку од упориштата на Хезболах на југот и на истокот на земјата. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика Либанците да се држат настрана од Хезболах - просторно и идеолошки да  се дистанцираат од милицијата.

Чад се крева по експлозија на израелски проектил на југот на Либан
Чад се крева по експлозија на израелски проектил на југот на ЛибанФотографија: Hussein Malla/dpa/AP/picture alliance

Либанскиот министер за внатрешни работи Басам Мавлави се спротивстави на ова со остри критики: „Израелскиот непријател е тој кој постојано напаѓа. Неговата агресија е одговорна за смртните случаи и повредите. Затоа, израелскиот непријател не треба да диктира што треба да прави Либан сега“.

Населението очекува подолги борби

На улиците на Бејрут луѓето се се попесимистични. Тие не очекуваат борбите наскоро да завршат. Еден минувач вели: „Израел нема да отстапи, нема да ја прекине војната во Газа. Условот на Хезболах е: тие ќе престанат со гранатирањето на Израел од југот на Либан кога ќе заврши војната во Газа“. Многумина во земјата сега стравуваат и дека израелската армија ќе изврши инвазија со копнени трупи. Војниците на ОН стационирани таму веќе престанаа да патролираат на границата на југот на Либан.

Автор: Мориц Беренд, АРД Каиро