1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Јагео“ ја објави најголемата инвестиција во С. Македонија

Костадин Делимитов
18 април 2023

Во Тајпеј е потпишан договор за проширување на инвестицијата на тајванската групација „Јагео“ во Северна Македонија со вкупен износ од 250 милиони евра. Планирано е отворање на 3900 работни места во период од 10 години.

https://p.dw.com/p/4QF0f
Првиот човек на ТИРЗ, Јован Деспотовски и Дејвид Ванг, главен извршен директор на Јагео по потпишувањето на договорот во Тајпеј
Првиот човек на ТИРЗ, Јован Деспотовски и Дејвид Ванг, главен извршен директор на Јагео по потпишувањето на договорот во ТајпејФотографија: Kostadin Delimitov/DW

Делови и компоненти за „Тесла" и „Епл" произведени во С. Македонија. Тајванската групација „Јагео" ги обелодени плановите за проширување на инвестицијата во Македонија. Договорот кој беше потпишан во Тајпеј, го добива епитетот најголема гринфилд инвестиција во Македонија. Со вкупен износ од 205 милиони евра и план за отворање на 3900 работни места во период од десет години. Позитивното искуство од работењето на „Кемет"на македонскиот пазар, кој пред две години стана сопственост на Тајванската групација била клучна за одлуката:

„Направивме многу истражувања во регионот, но две причини за нас беа пресудни да ја одбереме Македонија за оваа инвестиција. Првата беше досегашното 10 годишно искуство од работењето, но и позитивниот однос и поддршка што ја довивме од страна на владата. Дополнително за нас е важна стабилноста на државата, но исто така и квалитетот на работната сила", изјави Дејвид Ванг, главен извршен директор на Јагео.

Јагео ќе инвестира 250 милиони евра
Јагео ќе инвестира 250 милиони евраФотографија: Kostadin Delimitov/DW

„Јагео" планира да изгради два нови производствени капацитета, Едниот во Скопје, а вториот во Штип. Првично, фокусот ќе биде зоната во непосредна близина на метрополата каде изградбата треба да стартува во текот на наредната година.

За првиот човек на ТИРЗ, инвестицијата е од големо значење, не само поради фактот што е досега најголема, туку и што е добиена во конкуренција со земјите од регионот:

„На почеток кога дојдоа за нас беше само сон, дека можеме да обезбедиме една волку голема инвестиција во земјата, да дојде кај нас. Процесот на преговори не беше лесен бидејќи од другата страна имавме сериозна компанија која знае што сака а имавме и конкуренти од регионот, пред се од Србија и Хрватска. По една година со заеднички напор, не само на ТИРЗ, туку и на сите институции кои беа вклучени во процесот“, изјави Јован Деспотовски-директор на ТИРЗ

Потписот на договорот преку видео конференциска врска го поздрави и македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Тој нагласи дека влезот на „Јагео" на македонскиот пазар е за доброто на сите граѓани и додаде дека концептот на привлекување на инвестиции дава резултати. 

Инвестицијата на „Јагео" отвора можности и за домашните компании кои добиваат можност да станат дел од снабдувачкиот синџир на компанијата:

Претставниците на ТИРЗ и на „Јагео“ во Тајпеј
Претставниците на ТИРЗ и на „Јагео“ во ТајпејФотографија: Kostadin Delimitov/DW

„Сакаме да привлечеме на македонскиот пазар да инвестираат наши глобални партнери, но исто така сме отворени за соработка и со домашни компании. Очекуваме од Владата да ни достави конкретен список на компании со кои би можеле да соработуваме. Но исто така сакаме да инвестираме и во човечкиот капитал. Планираме инвестиции во развој во соработка со домашните универзитети во насока на креирање додадена вредност“, изјави Андреас Мајер", шеф за операции на компанијата. 

„Јагео" е основана во 1977 година и се смета за еден од најголемите глобални добавувачи во автомобилската индустрија, зелената енергија и електроника. Има 49 производствени капацитети на глобално ниво со 40.000 вработени, со годишен обрт од над 4 милијарди долари.