Каде има најмногу украински бегалци?
13 мај 2023Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук индиректно ги повика Украинците во областите под контрола на Русија да бегаат со оглед на претстојната украинска офанзива. „Ги советувам Украинците кои се на привремено окупираните територии или да одат во трети земји или да се подготват“, напиша таа пред неколку дена на Телеграм, без да наведе дополнителни детали.
Во текот на руската агресивна војна во Украина, која започна пред нешто повеќе од една година, многу од 41 милион Украинци веќе беа принудени да ја напуштат својата татковина. Многумина побегнаа во други европски земји, други побараа засолниште во други региони на Украина и се т.н. внатрешно раселени лица.
Русија - страна во војната и примател на бегалци
Најмногу украински бегалци, 2,8 милиони, прими Русија, земјата која ја започна војната. Тоа се веројатно главно луѓе од источна Украина за кои другите патишта за бегство се премногу опасни, па дури и невозможни, или се тоа лица лојални на Русија.
Русија очигледно дури и целно ја промовира имиграцијата од источна Украина: Според медиумски извештаи, Москва на бегалците им нуди финансиска помош, па дури и руско државјанство. Се зборува дури и за „депортации“ на источни Украинци, особено на деца.
Соседна Полска го прими вториот најголем број бегалци. Според Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), до почетокот на април таму биле регистрирани повеќе од 1,58 милиони Украинци. Потоа следат Германија со околу 923.000 бегалци и Чешка со 504.000.
На европскиот континент до почетокот на април годинава се регистрирани вкупно околу 8,05 милиони украински бегалци.
Милиони внатрешно раселени лица
Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), до 23 јануари годинава 5,4 милиони Украинци биле внатрешно раселени. Тој број беше дури и поголем минатото лето. Но, со засилените борби на истокот на земјата, бројот на внатрешно раселени лица може повторно да се зголеми.
Најмногу внатрешно раселени лица, 1,96 милиони, има во источна Украина, веројатно затоа што таму најинтензивно беснеат борбите. Потоа, како макро региони следат централна Украина и западниот дел на земјата.
Според ИОМ, 58 отсто од внатрешно раселените лица се во бегство повеќе од шест месеци. Дванаесет проценти биле протерани само во последните два месеца пред да се соберат податоците (23 јануари). Голем дел од приходот во домаќинствата на четвртина од внатрешно раселените лица доаѓа од државна помош.