1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Како функционира руската хибридна војна?

Томас Лачан
28 ноември 2024

Од почетокот на рускиот напад врз Украина, западните тајни служби сè почесто ја обвинуваат Москва за хибридно војување. Феноменот не е нов, но методите стануваат сѐ пософистицирани.

https://p.dw.com/p/4nWVs
сајбер-операции војна во Украина
Експертите предупредуваат дека нападите за кои постои сомневање дека се контролирани од Русија стануваат сè пософистицирани, и тоа не само на интернетФотографија: Kacper Pempel/REUTERS

Во Литванија се урнатоварен авион на германскиот сервис за пратки ДХЛ, во Балтичкото Море се оштетени два подводни кабли за пренос на податоци, а во Романија проруски десноекстремен кандидат неочекувано стаса до вториот круг на изборите за претседател. Три значајни вести од оваа недела.

Иако сè уште нема докази, западни политичари и тајни служби се сомневаат во истата движечка сила зад сите овие настани, имено - Русија. Заканите од т.н. „хибридна војна“ на Кремљ не се нови, но експерти предупредуваат дека по инвазијата на Украина, тие се значително поголеми.

„Хибридно војување“ е проширување на чисто воена борбена операција со употреба на шпионажа, саботажа, сајбер напади, влијание врз избори, ширење пропаганда или кампањи за дезинформација со цел непријателот да се ослабне и дестабилизира одвнатре. Експерти предупредуваат дека Русија во изминатите години континуирано го проширувала својот арсенал на можности за хибридна војна.

Шпионажа

Од почетокот на руската инвазија на Украина, европските држави протераа околу 500 руски дипломати. Британската тајна служба МИ5 најмалку 400 од нив ги класифицира како шпиони. Во многу руски амбасади и конзулати наводно има најсовремена технологија за комуникации и шпионирање. Тврдењето не може со сигурност да се потврди бидејќи објектите се сметаат за руска суверена територија и уживаат дипломатски статус и заштита. Холандската тајна служба предупреди дека Русија обезбедува лажни документи за шпиони и ги инфилтрира во западните институции како бизнисмени.

Редовно се појавуваат извештаи во кои Русија е обвинета за шпионажа, како случајот со прислушувани разговори на Бундесверот за антиракетниот систем Таурус, или со наводните руски беспилотни летала над европски воздухопловни бази и индустриски зони, или пак наводните истражувачки бродови кои пловат по морињата на Северна Европа и се осомничени дека прават картографија на критична инфраструктура на морското дно за можни акти на саботажа.

Саботажа

Минатата недела кинески товарен брод управуван од руски капетан оштетил два подморски кабли со сидрото што го влечел по морското дно. Случајот е налик на инцидент од октомври 2023 година. Минатиот месец пожар беше подметнат во магацин во Лондон, во кој се чува помош за Украина. Во јули, во логистичкиот центар на ДХЛ во Лајпциг, се запали пакет наменет за авионски транспорт. Во овие и бројни други случаи постојат сомневања за руска саботажа. Но, досега ништо не е докажано.

Европските разузнавачки служби предупредуваат дека бројот на чинови на саботажа и подметнување пожари во ЕУ и Велика Британија драстично е зголемен во изминатата година.

Германија ДХЛ Лајпциг
Во јули 2024 година, се запали пакет во товарниот центар на ДХЛ во Лајпциг - разузнавачките служби се сомневаат дека се работи за можен руски напад со запаливо средствоФотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Сајбер напади

Германската Сојузна служба за информатичка безбедност предупредува дека заканата во сајбер-просторот е „повисока од кога било“. Шпионажата и саботажата се во подем на интернет. „Пред рускиот напад врз Украина, групи поврзани со Русија беа особено активни во Германија со сајбер-шпионажа и финансиски мотивирани напади. По нападот, спектарот на закани е проширен“, велат од службата.

На пример, многу е зголемен „бројот на DDoS-напади од проруски хактивисти“, односно преплавување на институционалните веб-страници или сервери до точка повеќе да не може да се управуваат поради преоптоварување. Се зголемуваат и хакерските напади кои имаат за цел навлегување во заштитени мрежи на компании или институции.

хакерски софтвер лаптоп
Бројот на осомничени проруски сајбер напади е значително зголемен од февруари 2022 година, предупредува БСИФотографија: Silas Stein/IMAGO

Дезинформации и пропаганда

Друго поле на активности од хибридното војување е обидот да се влијае на јавното мислење во таргетираната земја. Се шират лажни информации, како и проруски или антиукраински наративи, преку т.н. фабрики за тролање на социјалните мрежи или преку руски медиуми во странство.

На почетокот на 2024 година, Министерството за надворешни работи ја разоткри кампањата во која 50 илјади лажни кориснички профили ширеле лажни наводи и проруски мислења на социјалните мрежи, поврзувани со лажни веб-страници, од кои некои биле неверојатно слични на познати информативни медиуми, само што тука се ширеле проруски лажни вести.

Мешање во избори и политички процеси

Примарна цел на овие кампањи за дезинформирање е да се минира поддршката меѓу населението за Украина. Друга цел е да се поткопа политичката стабилност во (демократската) таргетирана земја преку зајакнување на екстремни партии и нивни кандидати - на пример, преку финансиска поддршка.

Во април чешката тајна служба ја откри пропагандната веб-страница „Гласот на Европа“, која наводно е финансирана од Москва и користена за поткупување на разни европски пратеници.

интернет портал „Гласот на Европа“
Прорускиот интернет портал „Гласот на Европа“, некогаш со седиште во Прага, е затворен од чешките власти, а денес повторно работи - од КазахстанФотографија: ROBIN UTRECHT/picture alliance

Европратеникот од германската АфД, Петр Бистрон, меѓу другите, е осомничен дека примил такви исплати, иако тој самиот ги отфрла обвинувањата.

Западните тајни служби ја обвинуваат Русија за директно или индиректно мешање во десетици избори во Европа и Северна и Јужна Америка. Па така, рускиот радиодифузер РТ за странство, произведувал видеа за време на кампањата за претседателските избори во САД на контроверзни теми како што се помошта за Украина, миграцијата или економијата, кои пак биле преземани преку десничарски ориентирани американски блогери.

Дел од рускиот репертоар се и т.н. напади со протекување на доверливи податоци од политичари или партии, понекогаш дури и измешани со фалсификувани документи, кои се објавуваат непосредно пред избори. Ова се случи на изборите во САД во 2016 година, или во кампањата за претседателските избори во Франција во 2017 година.

Хилари Клинтон
За време на предизборната кампања во САД во 2016 година, одеднаш се појавија илјадници мејлови од демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон, кои наводно биле „протечени“ благодарение на Русија - на крајот победи нејзиниот противник Доналд ТрампФотографија: Olivier Douliery/ABACA POOL/dpa/picture alliance

Целни убиства

Во средствата за хибридна војна спаѓаат и целни убиства на лидери на непријателската страна. Фактот дека рускиот претседател Путин не се воздржува од напади во странство го докажува убиството во Берлин на поранешен чеченски командант, кој во втората војна во Чеченија наводно се борел против Москва, или пак нападите во Велика Британија врз критичарот Александар Литвиненко во 2006 година, или врз рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во 2018 година.

Досега само руски државјани беа мета на вакви напади. Меѓутоа, во јули 2024 година, се обзнани дека Русија планирала обид за атентат врз Армин Папергер, прв човек на германската компанија за оружје Рајнметал. Кремљ ги отфрла сите обвинувања. Рајнметал меѓу другото испорачува тенкови Леопард II за Украина.

Што да се прави?

Русија во моментов боцка на многу страни во Европа, објаснува Зенке Мараренс, офицер на Бундесверот и експерт за хибридна безбедност, во интервју за Тагесшау. „Руските оператори во многу европски земји испробуваат различни работи кои се индивидуално одмерени за секоја држава. Хибридните мерки што функционираат во Полска не функционираат во Германија, а тоа што функционира во Германија не би функционирало во Финска“, вели Мараренс и додава дека оттаму мора „да се очекува многу широк спектар на напади и во иднина“. Соодветно на тоа е нужна и флексибилност со која треба да се реагира на такви напади.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик