1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како германската влада врбува странски стручни работници

Розалија Романиец
26 јануари 2024

На Германија ѝ се неопходни квалификувани работници. Германските политичари интензивно настојуваат да ги привлечат од други земји, како Виетнам. Но заинтересираните се загрижени поради растечката ксенофобија во земјата.

https://p.dw.com/p/4bhax
Виетнам германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и германскиот министер за труд Хубертус Хајл
Претседателот Франк-Валтер Штајнмајер (л.) и министерот за труд Хубертус Хајл во офанзива на привлекување на квалификувани рабоници од ВиетнамФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Откако на крајот на 2023 година стапи во сила изменетиот Закон за доселување на квалификувана работна сила, со кој според бодовен систем се намалуваат пречките за странските квалификувани работници, високо позиционираните политичари во Германија уште поагресивно се ангажираат за доаѓање на квалификувани работници од странство: министерката за надворешни работи, Аналена Баербок, беше на Филипините во средината на јануари, министерката за развој Свења Шулце моментално е во Мароко, а германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и министерот за труд Хубертус Хајл во Ханој, Виетнам, сега потпишаа изјава за намери кои подобро ќе ја регулираат работната имиграција во Германија.

Во комунистички Виетнам интересот е голем. Виетнамската дијаспора во Германија сега порасна на повеќе од 200.000 луѓе. Населението на Виетнам е младо и затоа на земјата не ѝ се заканува „одлив на мозоци“ како кај многу други. Самото виетнамско раководство беше многу заинтересирано за заеднички договор со цел подобро да се регулира работната миграција на нивните граѓани во Германија.

Потпишување на заедничката изјава за намери за соработка во областа на работната миграција меѓу Германија и Виетнам во Ханој
Потпишување на заедничката изјава за намери за соработка во областа на работната миграција меѓу Германија и Виетнам во ХанојФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Германија има потреба од 400.000 стручни работници секоја година

Според податоците на Сојузната агенција за вработување, во Германија има 1,73 милиони слободни работни места. За разлика од најголемата германска кампања за регрутирање пред 60 години, каде првенствено се бараа работници за германската индустрија, сега недостасуваат висококвалификувани специјалисти и луѓе во услужните дејности. Во тоа време секоја година доаѓаа речиси 300.000 луѓе, а денес на Германија ѝ се потребни околу 400.000 годишно, покажуваат студиите.

Министерот за труд Хајл неодамна отпатува во Бразил, Индија и во Кенија и таму ја промовираше Германија, а сега тоа го прави во Виетнам. „Со Законот за имиграција на квалификувани работници ги подобривме рамковните услови, сега се работи на нивно спроведување во пракса“, изјави Хејл за ДВ во Ханој.

работник стручна работна сила
Недостигот на стручни работници - голема болка на германското стопанствоФотографија: Christoph Schmidt/dpa/picture alliance

Лоша координација

Официјално, Министерството за внатрешни работи е одговорно за влез на странски квалификувани работници, но во пракса обврските се преклопуваат. Еден пример е околу 300.000 баратели на азил во Германија кои, доколку нивното барање за азил биде одбиено, не се интегрирани на пазарот на труд, ќе мора да ја напуштат земјата.

Десетици од нив сега се Турци - главно млади, добро образовани, либерално настроени луѓе кои сакаат да побегнат од режимот на Ердоган. Меѓутоа, само секој десетти турски барател на азил добива заштита во Германија. И наместо да им понуди работа, Германија во моментов бара од нив да ја напуштат земјата.

Од друга страна, Министерството за надворешни работи е познато по долгите процедури за издавање визи - што ја одвраќа и професионалната работна сила. За ова надлежни се Министерството за економија, Министерството за труд и Сојузната агенција за вработување. Постојат и организации како што се Друштвото за меѓународна соработка (ГИЗ) и фондации.

Многу компании имаат свои програми за регрутирање и обука бидејќи бирократијата на јавниот сектор е премногу бавна за нив.

Она што неодамна ја направи Германија поатрактивна е новиот закон за државјанство. „Во споредба со Јапонија, каде што многу Виетнамци емигрираат, но им е дозволено да работат само на ограничен временски период, Германија сега нуди подолгорочна перспектива“, велат експертите во Виетнам.

Германските болници полни со медицински сестри од Балканот

Штета предизвикана поради омраза кон странците

Затоа, тековните извештаи за ксенофобни групи во Германија се гледаат со загриженост во странство. Министерот за труд Хајл во интервју за ДВ изјави дека не бил директно прашан за ова во Виетнам, но дека мора да се направи нешто пред да биде предоцна. „Во Германија мора јасно да кажеме дека не можеме да го обезбедиме нашиот просперитет без работници од странство“, рече Хајл.

И Виетнамците кои веќе живеат во Германија се загрижени. Една од нив е Хуонг Труте, која претседателот Штајнмајер ја покани на своето патување во Виетнам. Оваа виетнамска угостителка живее во Германија 40 години и вели дека во последно време морала да одговара на сѐ повеќе прашања од загрижените сонародници во Виетнам. Откако, како што вели, во Гете институтот видела друга група која се подготвува за работа во хотели и ресторани во германската покраина Тирингија, помислила: „Најискрено? Да имав можност да ги одведам овие млади луѓе на друго место, ќе го направев тоа.“ Настаните во Тирингија, вели таа, се сѐ полоши и тоа ја плаши.

Овој текст е првично објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи