1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италијанскиот бегалски камп во Албанија

Зилке Хане | АРД
6 август 2024

Италија сака мигрантите фатени во Средоземјето да ги носи во Албанија. Или, барем оние бегалци чии шанси за азил се мали. Наскоро треба да е готов првиот бегалски камп.

https://p.dw.com/p/4j7tX
бегалци миграција
Бегалците што италијанските власти ќе ги фатат во Средоземјето, а чии шанси за азил се мали, во иднина треба да се носат во АлбанијаФотографија: Daniel Kubirski/picture alliance

Сонцето пече на стариот воен аеродром Ѓадер. Температурата е над 30 степени. На ридот во близина тлее шумски пожар, облаци од чад го заматуваат инаку синото небо. Градилиштето во италијанскиот камп за азиланти што се гради во албански Ѓадер е во мирување поради жештините, како што налага италијанскиот закон за работни односи. И тоа важи и овде, бидејќи Албанија ѝ ја даде воената област на Италија. За кампот со контејнери не е потребна дури ниту албанска градежна дозвола.

За 3.000 мигранти месечно

Италијанскиот закон во моментов важи за градежните работници, а во иднина ќе важи за повеќе од 3.000 мигранти и бегалци кои треба да поминуваат овде секој месец. Во иднина, Италија сака да ги носи во Албанија луѓето кои се спасени во меѓународните води, прво до пристаништето Шенѓин, каде што е веќе подготвен мал прифатен центар во пристаништето. Таму ќе се земаат отпечатоци од прсти и други податоци за барателите на азил пред тие да дојдат во Ѓадер. Според италијанската амбасада во Тирана, одлуката за тоа кој ќе оди за Албанија ќе се носи уште на чамците за спасување. Таму потеклото и здравствената состојба на луѓето ќе треба да одлучува за тоа кој во која земја ќе биде одведен.

Албанскиот премиер Еди Рама и неговата италијанска колешка Џорџа Мелони
Албанскиот премиер Еди Рама и неговата италијанска колешка Џорџа Мелони го потпишаа договорот за бегалците во ноември 2023 годинаФотографија: Tiziana Fabi/AFP/Getty Images

Само за краток престој

Организациите за човекови права, како што е Амнести интернешнел, критикуваат дека повеќето чамци за спасување не се опремени за таков предизбор, како, на пример, за сеопфатни медицински прегледи. Освен тоа, многу од бегалците немаат никакви документи. А тие се клучни: наводно во Албанија ќе се носат само луѓето кои доаѓаат од таканаречените безбедни земји на потекло или од земји со кои Италија има договори за репатријација. Ова има за цел да ги спречи одбиените баратели на азил трајно да останат во кампот. За долг престој контејнерите во Ѓадер и не се соодветни. Два кревета на кат, два метални плакари и четири пластични столчиња заземаат најголем дел од просторот. Во еден контејнер треба да се сместуваат по четири лица. Тушевите и тоалетите се во друг дел од кампот.

Во Италија само во исклучителни случаи

Според законот, областа во Ѓадер треба да има ист статус како граничните области и транзитните зони на аеродромите - предуслов за барателите на азил да можат да поминат низ брзи процедури. Трансфер во Италија ќе може да се случи само во исклучителни случаи. Значи, се поаѓа од тоа дека оние кои ќе дојдат во Ѓадер, немаат шанси за добивање азил. И таквите луѓе нема да се носат во Италија. Сепак, процедурите треба да бидат законски сигурни. На влезот во кампот има контејнери кои треба да служат како канцеларии. Според италијански наводи, тука на постапката за азил ќе треба да работат адвокати и судии. Но, се вели и дека некои работи би можеле да се одвиваат преку видео врска. Тешко е да се добијат конкретни информации, вклучително и за прашањето: Дали барателите на азил можат да бидат принудени на престој во таков камп, без вистинска слобода на движење?

Италија | мигранти на Лампедуза
Во Италија ќе треба да се носат само оние кои имаат некакви шанси за азил (фото: мигранти на италијанскиот остров Лампедуза)Фотографија: Cecilia Fabiano/AP Photo/picture alliance

Критики, но и надеж за економијата

Во тоа се сомнева и албанската активистка Арилда Леши од Шенѓин. Таа смета дека ова е прекршување на правата на мигрантите кои им припаѓаат според Европската конвенција за човекови права. Договорот е апсурден и им служи само на шефовите на влади на Албанија и Италија, Еди Рама и Џорџа Мелони, вели Леши и додава: „Тоа не им служи на мигрантите или на нашата заедница овде“.

Шенѓин е туристичка локација во подем. Плажата, каде во август една до друга се наредени лежалки, се наоѓа веднаш до пристаништето каде што мигрантите ќе се симнуваат во иднина. „Немаше јавна консултација за ова. За тоа дознавме на 5-ти ноември, кога беше потпишан договорот во Рим“, се жали Леши. Други луѓе во регионот, пак, се надеваат дека кампот ќе има позитивно влијание врз економијата, особено во Ѓадер. Италија ветува дека во кампот ќе отвори работни места за мештаните, како чистачи или работници во кујната. Храната за кампот исто така треба да се купува локално. Стотици италијански полицајци треба да бидат сместени во хотелите во околните градови.

Според договорот, кампот треба да биде во функција најмалку пет години. Кампот во Ѓадер треба да биде готов за неколку недели, потоа тука треба да се донесат првите азиланти. Но, само откако италијанските власти ќе го одобрат тоа. При една обиколка на кампот беше нагласено дека грешки не може да се дозволат, сè треба да се направи според закон. Италија, се чини, сака да го направи Ѓадер концепт за урнек.

Суперхерој во очите на мигрантите

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема