Кандидатите за претседател во трка за потписи
26 февруари 2024Ниту еден од кандидатите за претседател досега ги нема собрано потребните 10 илјади потписи од граѓаните. Најблиску до целта е кандидатот на ДУИ, шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи,додека зад петици му се Максим Димитриевски, Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски.
Листа со 11 кандидати
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) до 25 февруари, вкупно 24.830 граѓани дале потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата. На листата има 11 кандидати.
Најмногу потписи има Бујар Османи - 8.560, а веднаш по него е лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски со 5.923 собрани потписи. Кандидатката поддржана од Левица, Билјана Ванковска Цветковска има собрано 4.478 потписи, а кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски - 3.091 потписи.
Кандидатот на опозицискиот блок „Вреди“, Арбен Тарвари има 1.645 потписи, Вело Марковски - 433 потписи, Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачки демократски сојуз има 523, Ѓорѓи Манасков - 93, Зорица Цветковска - 74, додека Господин Попоски им 10 потписи. Единствено кандидатот Томе Николоски во изминатите три дена нема добиено ниту еден потпис за кандидатурата.
Постапка
Постапката за собирање потписи започна на 23 февруари и ќе трае до 8 март. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците. Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори.
Претседателските избори треба да се одржат на 24 април, а вториот круг на 8 мај заедно со парламентарните избори.
И најголемите политички партии неодамна ги соопштија своите фаворити за претседателската трка. Претседателот Стево Пендаровски ќе се обиде да ја добие довербата на гласачитe за втор мандат, откако СДСМ застана зад неговата кандидатура. Како и на изборите во 2019 година, негова противкандидатка од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова.
„Се плаќа за потписи“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека на 3 март, за неколку часа, ќе бидат собрани сите потписи за поддршка на нивниот претседателски кандидат, професорката Гордана Силјановска Давкова.
Тој денеска изјави дека е „згрозен од информациите според кои се давале пари за потписи за некои кандидати“. Дел од тие случаи се документирани и предадени до МВР за натамошно постапување, вели Мицкоски
„Имаше политички опции кои со недели креираа кампања дека за еден ден, за неколку часа, ќе ги собират потписите, но поминаа неколку дена, а тие едвај дали се до половина или близу до половина. Тоа е јасна порака од народот. Згрозен сум од информациите од терен, дека се даваат пари, се плаќа за потписи, некои се документирани и предадени до МВР за натамошно постапување“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по посетата на Општина Гази Баба.