Катастрофален настап на Бајден на дуелот со Трамп
28 јуни 2024Џо Бајден се бори - со зборовите, со бројките, со својот глас. Американскиот претседател стои до Доналд Трамп на телевизиската сцена во Атланта, гракајќи се обидува да одговори на прашање за даноците, националниот долг и економската ситуација. Во една реченица ги меша трилионерите и милијардерите, во следниот милионите и милијардите долари. Одвреме-навреме трепка нервозно. Потоа започнува реченица која едноставно како да не сака да заврши.
„Ние би биле во можност да обезбедиме сите работи што треба да ги направиме - згрижување на децата, нега на старите лица, да продолжиме да го зајакнуваме нашиот здравствен систем“, вели 81-годишниот Бајден, „да обезбедиме, дека сме во состојба, секој човек...“. Џо Бајден ја губи нишката. Ги затвора очите и повторно почнува: „Да имаат право... за она што има врска со... Ковидот...“ Повторно ги затвора очите и го прочистува грлото. „Се извинувам, хм.“ Најмоќниот човек на светот гледа надолу кон својот пулт. „Справување со... сè што треба да направиме...“ Демократот продолжува да гледа надолу кон пултот. Трамп се врти кон него со прашален поглед.
Паузата, која е болна дури и за гледање, продолжува. Потоа Бајден го крева погледот, додава нешто неразбирливо за здравствениот систем, пред водителот на Си-Ен-Ен, Џејк Тапер да го прекине и да каже: „Ви благодарам, господине Претседателе“. Времето за говор на Бајден истекува.
Расеан, збунет и префорсиран
Тоа е само еден од многуте моменти во првиот ТВ-дуел меѓу двајцата претседателски кандидати во оваа изборна кампања во САД, во кој Бајден изгледа расеано, збунето и едноставно не е на ниво на својата задача во дебатата. Фактот дека на сцената покрај него има осуден криминалец, политичар опкружен со скандали, кој се обиде да го саботира исходот на едни демократски избори и кој и во оваа дебата бесрамно шири лаги, останува во втор план.
Бајден се презентира како подготвен за напад, во неколку наврати го напаѓа својот противник невообичаено жестоко, оцрнувајќи го како „губитник“, „лелекав“, а еднаш дури и како човек со „морал на улично куче“. Но, тоа не делува моќно. Со рапав, а понекогаш и тивок глас, тој се бори со различни одговори, кои често се неповрзани. Има моменти кога зјапа во празно со отворена уста.
Реакциите за настапот на лидерот на демократите се поразителни, особено во неговата партија. Годините на Бајден и дебатата за неговата физичка и психичка состојба се неговиот најголем проблем во предизборната кампања. На оваа прва средба со Трамп по четири години, тој требаше да се докаже и да му покаже на народот дека и покрај неговите 81 година, е совршено способен да ја води земјата и да го победи Трамп.
Но, токму тоа не успеа.
Паника во партијата
Дури и заменичката на Бајден, Камала Харис, по дебатата призна: „Тоа беше трнлив почеток, тоа е очигледно за сите“. Но, крајот бил силен, оцени таа пред камерите. Ваквата оценка не е толку очигледна за многу гледачи. Во првата брза анкета на Си-Ен-Ен, Трамп е јасен победник, со голема разлика. Дури и политичките коментатори кои обично се симпатизери на Бајден изразуваат ужас од настапот на Претседателот, зборуваат за понижување и катастрофа во изборната кампања. „Ќе има дискусии за тоа дали тој ќе продолжи“, вели на пример Дејвид Акселрод, главен стратег на поранешниот претседател Барак Обама.
Зад затворени врати, Демократите веднаш по дебатата зборуваат токму за ова - всушност незамисливо - прашање: дали нивниот фронтмен е толку слаб што мора да најдат алтернативен кандидат на четири месеци до изборите. „Тешко е да се аргументира дека Бајден треба да биде наш кандидат“, цитира Си-Ен-Ен неименуван партиски претставник. Други зборуваат за чиста „паника“ во партијата.
План Б за Демократите?
Но, дали би било воопшто можно вадење на Бајден од трката? Теоретски да. На крајот на август, Демократите ќе се состанат на партиска конвенција за „крунисување“ на кандидатот во Чикаго. Всушност, треба официјално да го номинираат Бајден за свој претседателски кандидат. Но, партијата таму би можела да направи промена и да назначи нов кандидат. Сепак, Бајден би морал да се откаже по своја слободна волја, бидејќи формално победил на прелиминарните избори во неговата партија и делегатите на партиската конференција се обврзани кон резултатите.
Бајден би можел да наведе здравствени или семејни причини за повлекување од трката со цел да го зачува образот. Прашање е дали тој би бил подготвен на такво нешто. А уште поголем проблем е што партијата нема вистински план Б. Таа не успеа да создаде наследник. Тоа е пред сѐ вина на Бајден. Дедото на седум внуци тврди дека е најквалификуваната личност за таа работа и дека само тој може да го победи Трамп. Ова сега изгледа речиси вообразено.
Природен наследник би била Харис. Но, таа досега е бледа на својата потпретседателска функција, едвај е видлива и самата се бори со лош рејтинг. Бидејќи таа беше прва жена - и тоа со темна боја на кожата - што ја презеде функцијата, ќе беше тешко да се утврди резервен кандидат со нејзино заобиколување. А сега е предоцна.
Дури и ако опцијата за излегување на Бајден од трката е теоретски замислива, таа политички веројатно би била безизгледна. Се чини дека е тешко можно на националната сцена во рок од четири месеци да се етаблира друг демократ како алтернатива, кој е исто толку познат како Трамп. Шансите на Трамп да се врати во Белата куќа никогаш не биле подобри.