1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатите и Арсовска во „војна“ околу Водовод

ДТЗ
25 октомври 2022

Мегданот на меѓусебни расправии од ЈСП се префрли во „Водовод“. Арсовска најавува бескомпромисна борба против партизацијата на институциите и порачува дека нема повеќе да земаат плата оние кои не работат.

https://p.dw.com/p/4IeLr
вода фонтана
Скопјани сега стравуваат од нова опасност - да не останат и без вода.Фотографија: Petra Schneider/IMAGO

Синдикатите и скопската градоначалничка, Данела Арсовска, мегданот на меѓусебни расправии од ЈСП го префрлија на „Водовод“. Откако минатата недела беше блокиран градскиот превоз, скопјани сега стравуваат од нова опасност - да не останат и без вода. Арсовска најавува бескомпромисна борба против партизацијата на институциите и порачува дека нема повеќе да земаат плата оние кои не работат. Од Синдикатите, пак, велат да не шири паника, туку да помогне во борбата за остварување на правата на работниците и да ги спречи оние кои ги прекршуваат. Во спротивно ќе се потврдат фактите дека работничките права се кршат „по нејзин диктат од нејзините шерифи“, кои оставија повеќе од 1000 работници во ЈСП без плата.

„Сега сака да остави повеќе од 1.000 работници во ЈП Водовод и канализација Скопје без работа доколку не се послушници на нејзиниот в.д директор“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Паника и клевета

Според ССМ, на вчерашната вонредна прес конференција Арсовска искажала лага дека на Скопјани ќе им биде исклучена водата од страна на синдикатот, со што се врши ширење на паника, а во едно и клевета и навреда. Според нив, „срамно и жално е што во време на ваква економска криза, градоначалничката на Скопје да се обидува да профитира од лажни вести и да се влева дополнителен страв кај граѓаните кои едвај го поминуваат месецот и секојдневно се заглавуваат во долгови, а работниците во јавните претпријатија да живеат во страв и паника за нивната егзистенција и работа“.

чешма вода
Синдикатите и скопската градоначалничка, Данела Арсовска, мегданот на меѓусебни расправии од ЈСП го префрлија на „Водовод“. Фотографија: picture-alliance/Global Travel Images/Travelstock44

Арсовска вчера истакна дека и покрај паниката којашто сакаат да ја креираат неколку инструментализирани лица, градот Скопје ќе има непречено, квалитетно и континуирано снабдување со вода. „Апелирам до надлежните институции, до Јавното обвинителство да преземат соодветни дејствија како превенинција по оваа закана“, изјави Арсовска откако претходно синдикатите најавија штрајк и прекин на водоснабдувањето.

„Овие лица кои наводно се борат за правата на десетина вработени лица, треба да бидат доблесни и во целост да ја кажат вистината дека ова што го прават, а најавуваат дека ќе го прават во сите други претпријатија, не е борба за работнички права. Овие политички елити не можат на друг начин да се пресметуваат, туку одат со лични напади. Работниците не треба да бидат нивна маша за политички пресметки, ова не е борба за работнички права“, децидна е Арсовска.

Биро за партиски вработувања

ССМ деновиве побара Арсовска итно да го разреши в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Марјан Митовски, бидејќи ги малтретирал и деградирал вработените, а во спротивно градот ќе остане без вода, како што остана без јавен превоз. Но, Арсовска вели дека во случајот на „Водовод и канализација“ се работи за прераспределба на десетина лица, хоризонтално, што значи дека на овие лица не им е укинато никакво право.

„Не им е намалена платата, две од овие лица земаат плата над 60.000 денари, две од нив над 40.00 денари, меѓутоа сега ќе треба да работат“, вели таа.  Ова претпријатие коешто има над 1250 вработени, според скопската градоначалничка, во изминатите 30 години е претворено во биро за вработување на политичките партии најголем дел од нив се административни кадри, а не технички персонал. Поради тоа, биле ангажирани надворешни фирми за да вршат работи кои треба да ги работи „Водовод и канализација“. Од оваа причина, се најавува оптимизација на работните процеси и преквалификација.

„Повеќе нема да можат да не одат на работа и да земаат плата или, пак, да одат на работа, да не работат и да земаат плата од 60 000 или 40 000 денари и да го оштетуваат буџетот“, децидна е скопската градоначалничка.