Ќе замрзнуваат цените на оризот и јајцата
20 март 2023Владата најавува замрзнување на цените и на оризот и јајцата. Mинистерот за економија, Крешник Бектеши на прес-конференција информираше дека врз основа на анализите направени во министерстото, на владина седница во вторник се очекува да биде донесена ваквата одлука.
Според министерот, во моментов цените на јајцата во земјата се најниски во однос на другите земји од регионот. Поскапување на цените во пресрет на празниците нема да се дозволи.
Ќе паѓаат ли цените на шеќерот и брашното?
Што се однесува за шеќерот и брашното нема да се интервенира со замрзнување, бидејќи веќе има намалување на цените на овие производи и тој тренд се очекува да продолжи.
„Очекуваме цените на шекерот и брашното сами да паѓаат, а тие веќе и бележат намалување. Ако тоа не се случи од страна на трговците, во наредните денови ќе има дополнителни одлуки за цените на овие производи“, вели Бектеши.
Ваквите мерки следат откако на 16 март Владата одлучи да ги замрзне цените на тестенините и млечните производи, а на крајот на февруари беше донесена одлука и за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб,која што претходно драстично се зголеми.
На ред и месните производи
Цените на месните производи ќе бидат една од наредните мерки што ќе се анализираа. Бектеши ги поздрави компаниите од месната индустрија кои уште пред март почнаа да ги намалуваат цените.
„Цените на месните проиозводи кои се увезуваат ќе биде една од наредните мерки што ќе се анализираат од страна на Министерството за економија“, најави министерот.