1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСеверна Кореја

Ким Јонг Ун пристигна во Русија на средба со Владимир Путин

ЖА / агенции
12 септември 2023

Аналитичарите веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да побара од Северна Кореја артилериски гранати и противтенковски ракети за инвазијата врз Украина. Се очекува средбата да се одржи во Владивосток.

https://p.dw.com/p/4WDy3
Севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун
Севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун со воз пристигна во РусијаФотографија: Korean Central News Agency/Korea News Service/AP/picture alliance

Возот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун стигна во Русија, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Руските и јужнокорејските медиуми претходно објавија дека возот со севернокорејскиот властодржец Ким ја поминал руската граница. Ким има намера да се сретне со претседателот Владимир Путин во Русија. Песков изјави дека средбата ќе се одржи на далечниот исток на земјата „во наредните денови“. Покрај разговорите во четири очи меѓу шефовите на двете држави и разговорите меѓу делегациите, предвидена е и официјална вечера. Сепак, прес-конференција не е планирана.

Портпаролот на Кремљ не објави каде и кога точно ќе се сретнат Ким и Путин. Имаше шпекулации дека тоа би можело да се случи на Економскиот форум во руската далечна источна метропола Владивосток. Форумот ќе трае до среда.

Ќе се разговара и за „чувствителни теми“

Разговорите треба да се фокусираат на соработката меѓу двете земји во различни области, но и на ситуацијата во регионот и меѓународните прашања, рече Песков. Треба да се преговара и за „чувствителни теми“ без да се внимава на „предупредувањата“ од САД. „Се разбира, двете земји - како што е вообичаено за соседни држави - исто така соработуваат и во чувствителните области. Но, тие не треба ниту да се обелоденат ниту да се рекламираат", го цитираше портпаролот новинската агенција Тас.

Како што изјавил заменик-министерот за надворешни работи Андреј Руденко, според информациите на агенцијата Интерфакс, за исходот од состанокот, доколку тоа се сака, ќе биде информирана и јужнокорејската влада: „Доколку амбасадата на Јужна Кореја во Москва го побара тоа, ние ќе ги обезбедиме достапните информации."

Набљудувачите претпоставуваат договори за оружје

По неколкудневните шпекулации во странство, Москва и Пјонгјанг дури во понеделникот ја потврдија „официјалната посета“ на Ким на Русија. САД се сомневаат дека првенствено ќе се работи за договори за оружје меѓу Русија и строго изолираната Северна Кореја. „Секое пренесување на оружје од Северна Кореја во Русија би било кршење на повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН“, предупреди портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер. Земјата го задржува правото да воведе дополнителни санкции.

Возот на Ким Јонг Ун на пат кон Русија
Руските медиуми објавива фотографии од возот на Ким Јонг Ун на пат кон РусијаФотографија: RTTV/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Според набљудувачите, Северна Кореја веројатно располага со десетици милиони артилериски гранати и ракети од советски тип кои огромно би ѝ помогнале на руската армија во борбата против украинските војници.

За возврат, Северна Кореја би можела да ја добие потребната енергија и помош во храна, како и напредни технологии за оружје, вклучително и оние за интерконтинентални балистички ракети, нуклеарни подморници и воени извидувачки сателити. Таа можност ги поттикна стравувањата дека таквите руски пратки ќе ја зголемат заканата од растечкиот арсенал на Северна Кореја, чија цел се САД, Јужна Кореја и Јапонија.

По повеќедецениските комплицирани односи меѓу Русија и Северна Кореја, во кои постојано доаѓаше до тензии, двете земји се приближија меѓусебно од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. На Путин му е потребна помош во неговата војна, додека Ким сака да стави крај на дипломатската изолација на Северна Кореја и да ја води во обединет фронт против Вашингтон. Северна Кореја постојано ги обвинува САД дека се одговорни за војната во Украина и ја опиша руската офанзива како чин на самоодбрана.