Со нетрпение ја очекувам ексклузивната телевизиска најава кога премиерот, претседателот на државата , министрите и партискиот пропаганден врв на власта, во раните утрински часови, опашани со кецели и со тавата во раце, ќе вртат палачинки и ќе месат зелник. Таков спектакуларен директен ТВ пренос не смеам да пропуштам. Тоа ќе биде многу позабавно од наездата за големите успеси што владата ги постигнува секоја минута.
Само ќе мора малку да повежбаат дома да не им се случи некоја палачинка да им плесне на земја, или да им изгори зелникот, па да не се за јадење. Сепак, месењето зелник е подобра варијанта, еднаква како месењето на граѓаните.
Македонската бледа копија на популизмот на српскиот претседател Александар Вучиќ постигнува и кај нас извонредни резултати на ТВ екраните и на социјалните мрежи. Разликата е во тоа што Вучиќ покрај популизмот има и успеси. Овие нашиве властодржци уште ништо не направиле, а веќе на цел глас се фалат. Кога се кријат злоупотребите од јавноста важи максимата - тоа што не е објавено не се случило. Сега е отидено голем чекор напред - тоа што е објавено како голем успех најчесто е голема лага, ама ефектот кај воодушевените гледачи е ист како да е вистина.
Затоа е голема медиумска наезда на „добри вести“ за моќната власт и лоши вести за слабата опозиција. Така најдобро се прикрива што ништо не се работи за остварување на најзначајните државни интереси и покрај тоа што власта има комотно двотретинско мнозинство во Собранието да ги донесе сите потребни одлуки. Соочена со откривање на предизборните лажни ветувања одлучи да ги одложува државните национални интереси со кампања за локалните избори што ќе се одржат идната година.
Кога ќе се качиш на погрешен воз, симни се
Деновиве прочитав една убава мисла: кога ќе се качиш на погрешен воз, симни се на првата станица. Што подолго патуваш во погрешен правец, поскапо ќе го платиш повратниот билет. Англичаните се уште попрецизни. Тие велат: Кога ќе паднеш во дупка, прво што треба да направиш е да престанеш да копаш, оти што повеќе копаш, подлабоко пропаѓаш.
Пред повеќе години го прашав д-р Методи Чепреганов, вечна му слава, дали популизмот е болест. Беше категоричен. НЕ, рече, тоа е добро пресметана политичка стратегија. Станува неизлечива болест кога политичарите почнуваат да веруваат во своите лаги. Од тоа полошо е кога и мнозинството граѓани верува во лагите.
Сега сме во една таква фаза кога сѐ уште се верува во лагите и не се симнуваме од возот што по брза пруга оди во погрешен правец. Како може поинаку да се толкува кога еден универзитетски професор по егзактни науки станал премиер, па на своите колеги универзитетски професори и научници јавно ќе им каже дека некои од нив како членови на заедничката бугарско македонска историска Комисија недоволно ги бранат државните и национални интереси, што значи дека работат против интересите на Македонија. И згора на тоа дека академикот Драги Ѓоргиев кој претседава со Комисијата коленичел пред министерски и премиерски кабинети. Јако. Многу јако и многу навредливо. Автогол во 95 минута.
Ме изеде туѓиот срам
Кога ги слушнав овие зборови емитувани како главна вест во сите медиуми си ја покрив главата со ќебе, ме изеде туѓиот срам. Професорот Христијан Мицкоски како премиер фрли анатема врз свои колеги кои со години водат тешки расправи со бугарските историчари, не за да пишуваат нова историја, туку како денешните генерации Македонци и Бугари да престанат да се мразат поради минатото, како што во тоа успеале по повеќе децении научни расправи Французите и Германците, иако војувајќи меѓу себе во двете светски војни имаат милионски човечки жртви и поминале низ ужаси и разорувања.
Не можел професорот Мицкоски да направи поголема штета на Македонија кога како премиер јавно жигосува членови на историската Комисија дека не ги бранат националните интереси. Поголем доказ од овој „лупинг“ дека политиката ќе диктира како да се толкува науката тешко може да се најде и слушне. Во историската наука, иако доказите од историските настани мора да бидат точни исто како во егзактните науки, тие секогаш можат да се оспорат ако политиката ги замеша прстите како што е случајот со Бугарија и со Македонија низ целата историја до ден денешен.
Пред две години, претседавачот на Историската комисија Драги Ѓоргиев и неговиот колега, член на Комисијата, историчарот Петар Тодоров во време кога ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски беа во опозиција, а СДСМ и ДУИ на власт, излегоа со јавно соопштение и со сериозна критика дека политиката им врши притисок. Тоа соопштение, ако воопшто го прочитал Мицкоски, немаше да приопшти такви груби навреди и опасни тези на вмешување на политиката на најлош можен начин прогласувајќи ги историчарите без малку за предавници на националните интереси. Најверојатно дека на овој недоличен чин за еден универзитетски професор, па макар бил и премиер, да се пресметува со свои колеги и преку нивна јавна клевета, е да формира нова Комисија која ќе ги брани националните и државни интереси по негов терк.
Дали тоа значи дека ќе се назначуваат нови политички подобни членови на Историската комисија кои ќе работат под партиско влијание. Премиерот тоа јавно го озаконува. Ај да го видиме и тоа чудо, кои ќе бидат тие историчари кои ќе се согласат да работат во Комисијата под диктат на политиката.
Мрачните сенки на политиката над минатото
Еве го соопштението на Ѓоргиев и Тодоров од пред две години па просудете самите кој за што е. Кој сака коленичење и политички диктат, а кој со наука ги брани националните интереси. Тогаш Ѓеоргиев и Тодоров се обратија до јавноста со следното соопштение: „Кога научни конференции и дебати за минатото се организираат, или се поддржани од политичари, кога на нив тие се главните актери, кога гласот на политичарите е посилен од тој на историчар(к)ите и кога нивните изјави за минатото се најцитираните во медиумите, а историчар(к)ите учествуваат во тоа седејќи покрај нив и давајќи легитимитет на злоупотребата на историјата за политички и партиски цели, тогаш тоа не е ништо друго освен страшен пораз на историографијата и историчар(к)ите.
Доколку се променат актерите (не сите) и иконографијата на ваквите политички научни конференции, тогаш пред нас се враќаат сликите и контекстот присутен на овие простори пред повеќе од 30 години, период во кој политичко-идеолошката контрола над историографијата и самоцензурата на историчар(к)ите беа доминантни во толкувањето и презентирањето на минатото. Всушност, битката за минатото меѓу Македонија и Бугарија продолжува на ист начин, само историскиот и идеолошкиoт контекст е различен.
Злоупотребата на историјата за политички и партиски цели која ја сведочиме деновиве, има за цел да испрати порака до сопствената јавност, до „своите“, да помогне во политичката борба на оние кои го промовираат овој пристап и злоупотреба на историјата, но, и до другата страна дека „историската објективна вистина“ припаѓа само на 'нашата' страна и секаков разговор и можноста за поинаков пристап и поглед кон минатото претставува фалсификат, предавство и е неприфатливо.
Во оваа политичка борба и злоупотреба на историјата целта не е да се научи од минатото, да се разбере улогата на одредена историска личност, или значењето на одреден историски настан за нас, за нашата држава и за сите оние кои ги сметаат како дел од својот идентитет, туку да се игра и манипулира со чувствата на граѓаните, да се создаде претстава за предавство, за несигурност, за губење на идентитетот, едноставно, да се создаде состојба на страв по која ќе дојдат спасителите, поточно истите оние кои го креираат стравот и несигурноста.
Сето тоа покажува дека македонското и бугарското општество и најголем дел од македонските и бугарските интелектуални елити не се подготвени за отворен и академски дијалог ослободен од политички влијанија за најчувствителните прашања, а национализмот и партиските интереси не се одвоиле од историјата.
За жал, мрачната сенка на политиката сѐ уште господари над минатото кое останува инструмент во постигнување на политички и партиски цели“.
Ете ова соопштение кое јасно ја лоцира мрачната сенка на политиката над науката како инструмент на партиски цели не ја поштедува ни Бугарија ни Македонија од злоупотребите и притисоците да нема научен дијалог кој најверојатно поради чувствителноста на темите за историското минато можат да потраат уште долги години. Политиката е таа која треба да обезбеди непречена работа на Комисијата без никакви притисоци со тоа што ќе постигне добрососедски односи, да не се попречува Македонија во преговорите со ЕУ поради работата на Комисијата. Јавната закана на премиерот Мицкоски до членови на Комисијата за недоволна одбрана на националните интереси всушност ја ослободува Бугарија од одговорноста за политичкиот притисок што таа го врши врз Македонија и врз Комисијата за историското минато.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.