1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колев: Сакаме Бугарин на чело на Обвинителството во Охрид

26 јануари 2023

Лидерот на ГДУ ја советува Владата: впишување на Бугарите во Уставот, а согласно со пописот, прва задача - назначување Бугари во МВР и Бугарин на чело на Обвинителството во Охрид.

https://p.dw.com/p/4MiF6
Претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на клубот „Цар Борис Трети во Охрид во фокусот на најновите бугарско-македонски тензии
Претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на клубот „Цар Борис Трети во Охрид во фокусот на најновите бугарско-македонски тензииФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Како Бугари во Македонија ги коментираат актуелните тензии меѓу Скопје и Софија по претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на клубот „Цар Борис Трети во Охрид? Како го замислуваат решавањето на провокациите, и што очекуваат од уставните измени? Одговори на овие прашања дава Петар Колев кој се декларира како Бугарин, и е претседател на партијата Граѓанско демократската унија (ГДУ) регистрирана во РСМ, а од минатата недела и координатор на новоформираниот „Центар за стратегиски анализи и планирање“ во Скопје. Во разговор за Радио Благоевград кој го пренесува БНР, тој оценува дека „агресијата во РСМ е со институционално покровителство".

„Македонската политичка елита не сака да продолжи европската интеграција на Македонија и затоа што не презема никакви мерки кон тоа што се случува. Зошто не сака? Затоа што Македонија е една од најкорумпираните држави во Европа. Македонската политичка елита преку нејзниот конфликт со Бугарија, наоѓа начин да ја оддалечи земјата од ЕУ и тоа го прави апсолутно намерно", вели Колев.

Посетата на министерот Османи на Пендиков во софиската болница, тој ја оценува како смешна.

„Ако Османи толку беше загрижен за тоа момче, уште истата вечер заедно со министерот за внатрешни работи можеа да одат во Охрид, и заедно со неговиот колега - министерот за здравство, за да можат да го преземат сето тоа што е нужно. Самиот факт што бугарската држава проценила дека треба да го прибере тоа момче во Софија, значи дека нема никаква доверба во македонската страна, ниту во здравството, ниту во политичарите. Целата политичка елита не беше на висина на задачата. Ниту еден политички лидер во Македонија, вклучително и албанските, не излегоа јавно да го осудат нападот и да побараат правда за тоа што се случи. Ниту еден, што е трагично“, изјави Колев.

Предлогот на претседателот Пендаровски за лица од Бугарија на кои не треба да им биде дозволен влез во РСМ, според Колев, е „класичен пример на кризен пиар".

„Тоа е другата страна од монетата на оваа срамна посета на Бујар Османи во Софија, кога цела Европа и цел свет разбра дека таа држава и тие луѓе се злобни луѓе кон сѐ што е бугарско. Тоа е обид некој да претстави дека тоа што се случило во Охрид и претепувањето на тоа момче, е последица од тоа што некои политичари во Бугарија користеле говор на омраза. Што не отидоа да го претепаат Џамбаски, зошто го тепаа Христијан? Ако не им се допаѓа Џамбаски, Костадинов, или кој било бугарски политичар, нека тргнат со две коли од Скопје, нека ги натепаат во Софија. Зошто не отидоа во Скопје, додека крештеше Џамбаски, да го натепаат, туку отидоа да го натепаат тоа дете?“ праша Колев.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски предложи на лица од Бугарија, кои постојано ги провоцираат Македониците да им се забрани влез во РСМ
Македонскиот претседател Стево Пендаровски предложи на лица од Бугарија, кои постојано ги провоцираат Македониците да им се забрани влез во РСМФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Притоа ги посоветува македонските власти - да се зафатат со промена на Уставот.

„Место да се занимава македонската влада и македонската држава со такви, никому ненужни глупости, би ги посоветувал да се зафатат со промена на Уставот, да ги впишат Бугарите во Уставот, да ги гарантираат нивните права. При што, првата задача, согласно со пописот, ги очекуваме првите назначувања на Бугари во Министерството за внатрешни работи и во Обвинителството. Првото што го бараме, е главниот, односно градскиот обвинител во Охрид, согласно со последниот попис, да биде Бугарин. Како што во другите градови се Албанци, Турци, Власи итн. Ние сакаме во Охрид одговорниот градски обвинител да биде Бугарин. Тогаш да видиме дали некој ќе тргне да врши такви престапи“, рече Колев.

Бугарија ќе реагира за забрана на влез во РСМ

Посетата на Османи на Софија, неговата осуда на инцидентот во Охрид и пораката дека тој чин на насилство не ги одразува вредностите на граѓаните на РСМ, не резултираа со намалување на тензиите. Неговиот бугарски колега, Николај Милков, соопшти дека бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, останува во Софија сѐ додека нема знаци на промена во РСМ, а официјална Софија ќе ги прекине сите меѓудржавни проекти со Скопје.

За вчерашната изјава на европратеникот Ангел Џамбаски, со закана кон македонскиот претседател, македонското МНР реагираше до бугарското, и соопшти дека заканите и изјавите за закани се прашање со кое се занимаваат безбедносните органи.

„Очекуваме тие сериозно да ги земат предвид последните изјави на Џамбаски и да донесат соодветна одлука за негов ограничен пристап во земјава“, соопшти МНР.

Но, од другата страна на границата имаат поинаков став.

„Бугарија е подготвена и веднаш да реагира, доколку тамошните власти воведат забрана за нашите граѓани, вклучително и за европратеникот Ангел Џамбаски, да ја посетат земјата за честувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4-ти февруари“, порача вчера шефот на бугарската дипломатија, Николај Милков.

Министрите за надворешни работи на Бугарија и на С.Македонија, Николај Милков и Бујар Османи
Министрите за надворешни работи на Бугарија и на С.Македонија, Николај Милков и Бујар ОсманиФотографија: Government of North Macedonia

Кирил Топалов, дипломат и член на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, околу најавите за такви забрани, изјави дека „тоа е државен став што загрижува“.

„Големо изненадување беше тоа што го објави претседателот Пендаровски, бидејќи не беше навредена РСМ. Навредена е Бугарија, претепан е млад човек кој е секретар на бугарскиот културен клуб во Охрид. Би требало Бугарија да го направи тоа, но нема да го направи“, рече Топалов на „Нова“.

Причините за инцидентот ги лоцираше во надворешни влијанија.

„За никого не е тајна, дека Белград го запира Скопје по патот кон ЕУ по наредба од Москва - тоа е синџирот. Многу луѓе во Северна Македонија се нервираат што ја откриваме оваа вистина. Тие ќе стигнат до радикални екстреми, што не е пожелно“, изјави Топалов.

Игнорирањето боли повеќе

Како да се излезе од синџирот на постојани обвинувања и да се оди кон деескалација на тензиите?

„Инцидентот со Пeндиков крена многу врева од двете страни на границата, а во таа заглушувачка врева не е можно да се слушнат рационални и умни гласови“, вели поранешниот македонски амбасадор во Софија, Ѓорги Спасов.

„Треба да почекаме вревата да се смали, колку и таа да ги оштетува меѓусебните односи. За Македонија би било паметно да успее да ја изврши промената на Уставот, да ја внесе бугарската етничка заедница во него, и да не одговора на секоја политичка и националистичка провокација од Бугарија во ист стил. Најважно ќе биде ако сите, а пред сѐ членовите и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, си ја вратат и јавно ја манифестираат самодовербата во македонскиот национален идентитет. Ништо не може повеќе да ги обесхрабри провокаторите од јавно манифестирани сигурност дека никој не може ниту да не бугаризира ниту да не натера да веруваме во некоја бугарска историска вистина“, вели Спасов.  

Можна ли е деескалација на тензиите меѓу двете соседни земји?
Можна ли е деескалација на тензиите меѓу двете соседни земји?

Истовремено, смета дека е важно сите органи на државата - од судството и полицијата до МНР, да функционираат спред строгото владеење на правото и почитувањето на меѓународните норми.

„Без таламбаси, најави и закани. Мора да бидеме свесни дека има многумина кај нас, во соседството и пошироко, кои сакаат Македонија да не стане членка на ЕУ и македонско- бугарските односи да ги држат на ниво на замрзнат конфликт. Мора да научиме да игнорираме навреди и провокации. Понакогаш игнорирањето на провокаторите и националистите повеќе ќе ги здоболи од најбезобразните одговори со кои им се дава можност да се прават значајни, важни и да останат во центарот на вниманието. Македонија мора да си ја врати својата сигурност и верувањето дека по промената на Уставот, се што ќе доаѓа од Бугарија ќе бидат само празни закани ако ние си ги почитуваме човековите и малцинските права и обезбедиме владеење на правото", оценува Спасов.