1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молк во ФЗО дали е платен откуп на хакерите

ДТЗ
22 февруари 2023

Две недели по хакерскиот напад врз ФЗО, надлежните немаат одговори. Директорката Магдалена Филиповска Грашкоска тврди дека податоците на граѓаните се безбедни и не биле загрозени.

https://p.dw.com/p/4NpsU
Северна Македонија ФЗО
Молк во ФЗО дали е платен откуп на хакеритеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Две недели по хакерскиот напад врз системот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), сè уште нема одговор на најважните прашања - кој стои зад нападот, каква штета е предизвикана со него, дали се безбедни податоците на граѓаните и дали хакерите барале и им биле исплатени пари за да го вратат системот во функција? Надлежните велат дека е во тек истрага, по што ќе може да се лоцира одговорноста за нападот. На истражните органи им е доставена и прелиминарна анализа за хакерскиот напад којшто го парализираше фондот 14 дена и ја сопре исплатата на плати во здравството и надоместоци за граѓаните.  

Податоците се безбедни 

Директорката на ФЗО, Магдалена Филиповска Грашкоска на денешната прес-конференција со новинарите тврдеше дека податоците на граѓаните се безбедни и дека во ниту еден момент не биле загрозени. „Нашата примарна грижа беше граѓаните да не претпрпат штета - тоа беше најважно и мислам дека успеавме во тоа“, вели Грашкоска. 

Системот полека се враќа во функција, со што се нормализираше и исплатата на платите и средствата за породилно и боледувањата. Хакерскиот напад врз ФЗО се случи на 7 февруари, непосредно пред да се стави во функција новата заштита од сајбер напади. Надлежните најавуваат дека се преземаат дополните мерки за заштита на податоците и за нивна миграција во најскоро време, со цел да се спречат вакви напади во иднина. 

хакери
Како нападнатиот систем повторно е вратен во функција и дали се исплатени пари на хакерите засега останува непознато. Фотографија: Jochen Tack/IMAGO

Молк дали е баран откуп

Како нападнатиот систем повторно е вратен во функција и дали се исплатени пари на хакерите засега останува непознато. 

„Не смеам да кажам дали некој ни побара откуп од страна на хакерите. Отворена е истрага и за ова не смеам да коментирам“, вели Грашкоска.

Во јавноста беше лиферувана информација дека хакерите за да ги вратат податоците наводно барале поголема сума пари, а премиерот Димитар Ковачевски објаснуваше дека станува збор за напад со „ransomware“ и дека тоа е дел од хибридна војна која се води моментално во Европа. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. За да се врати системот во функција помош беше побарана и од странски експерти.

Анализата на експертските технички тимови покажала дека при сајбер нападот немало излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Надлежните се децидни дека податоците на корисниците на здравствени услуги вклучително и личните податоци се безбедни и заштитени и дека нема неовластено преземање на личните податоци.