1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку пари, толку парламентарна демократија

20 октомври 2022

Единствената општествена категорија која нема лобисти во Собранието се обичните работници, селани и сиромашните. И затоа сме таму каде со ваков избор на претставништво си имаме изгласано. На дното. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4IRve
Пратениците во македонското Собрание
Пратениците во македонското СобраниеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во нашето Собрание има Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци. Има социјалдемократи, интегристи, алтернативци, вмровци, сончогледи, бесатари, либерал-демократи, левичари. Има скопјани, битолчани, охриѓани, тетовчани, пештанци и слупчанци. Има тренирани од демократски и републикански, аденаурови, фридрикови, розини и реџепови фондации. Има пратеници со проруски, проамерикански, прогрчки, пробугарски, просрпски, протурски, профранцуски, прогермански ставови. Има пратеници кои биле осудени, кои се на судење и на кои допрва им следи повик од обвинителство. Има пратеници кои по дома слушаат Полумента, а пред медиуми се сликаат под Пикасо, ги има оние кои дома имаат Пикасо а по митинзи цупкаат на Полумента. Тоа е, велат, нашата политичка елита.

Кусата полемика помеѓу Димитар Ковачевски и Павле Трајанов за нивните кариери ме поттурна да се запрашам и замислам за она што го има на претек и она што го нема во таа елитна дружба. Среде сета таа камарила на претставници, има ли луѓе кои работеле како ѕидари, како чистач(к)и, како шумари, камионџии? Мешал ли некој малтер како работно место? Има ли кранисти по кариера? Дали некој од нив истоварувал камиони и шлепери со вреќи цемент? Дали некој од нив знае зошто гравот по нива се бере од мугри до 10 наутро? Дали некој почуствувал какво е чувството да бидеш изгребен по испотени рамења од оштри ко жилет лисја на пченка сред лето? Колку од нив знаат каква е разликата на косење трева по сува или мокра ливада? Колку од нив некогаш чекале пред бараката на Студентска задруга за некоја дневница? На колку од нив им било кажано во лице „жалам, отпуштен си од работа”? Доживеал ли некој да биде намокрен до гола кожа, качен на трактор спуштајќи се од планина? Има ли некој ишијас стекнат поради нозе и раце во вода и грб свиен за грст ориз? Освен цигарата, допрел ли нежен лист тутун на поле? Чистел ли наслаги балега од под нозе на крави, биволи, овци, кози? Има ли редено цигли по зидови, во топло и мразливо? Чекорел ли по градина со јагоди по град, нашол ли бивол легнат во ливада со детелина, се пробудил ли среде јагниња облиени во црвенило? Со еден збор, колку – ако воопшто – има од нив што се сметаат или се сметале како дел од работничката класа или земјоделец од нива?

-повеќе од авторот: Мисионерски позирања и Огнени реалности

Ќе кажете, добар дел од наведеното е надминато со развојот на технологијата. Потврдувајќи дека не биле скоро време по села, ниви и ливади. Ќе кажете, има такви кои биле црпнати од нива пред да добијат повик во политиката. Потврдувајќи дека не умеат да прават разлика помеѓу земјосопственик и земјоделец. Ќе кажете, од секоја шупелка не бива кавал. Потврдувајќи дека не ги следат нашите квалитетни политички дебати. Ќе кажете, такви се политичарите насекаде. Потврдувајќи дека не ги познавате нашите невладини организации, институти за човекови права, академии, универзитети, здруженија.

Некогаш зборовите „работници и селани” беа носечки столбови, ударни точки и поенти на секоја штедра политичка дебата или кариера. Она што денес се „почитувани граѓани” или „граѓанинот е суверен”, е тоа беа работниците и селаните до пред триесетина години. Се грабаа за нив и комунисти и фашисти, небитно дали ги нарекуваа роботник или арбајтер. Култот кон работникот и земјоделецот беше диктиран од нивното производство, плодови на нивната работа, умешност од црна земја да изградиш град и нахраниш држава.

Пратеници во македонскиот парламент
Пратеници во македонскиот парламент Фотографија: Reuters/T. Georgiev

Денес веќе нема работничка класа и земјоделци. Имаме здравствени работници. Имаме и просветни работници. Тука се и општествено-политички работници, културно-уметнички, банковни, медиумски работници. Имаме слушнато и за сексуални работнички (и неработници). Во духот на орвелијанскиот речник, терминот работници се компартментализира на десетици взаемно изолирани комори, сплотено здружени во релативизирање, минимизирање и елиминирање на автентичната смисла на работништвото и земјоделството. Нивната тотемска почит е истистната, потисната и на крај сведена на „рмбачи и сељаци, физикалци и трактористи”, на предупредувачки коментар на татко кон синот додека возат крај фабрика или нива „со такви оценки вака ќе завршиш”.

Во духот на полемиката Ковачевски-Трајанов, би било редно да ги загледаме биографиите на  нашите претставништва.  Во кое за доминантна позиција се борат безбедносните работници (полиција, армија, шпионажа, семејна традиција од занаетчкиска бранша на кодошлак), судски работници (обвинители, правници, судии, приправници, криминалци), економски работници (директори, шефови, на магацини, шверцери), просветни работници (професори, доценти, учители, писатели, новинари, аналфабети), здравствени работници (хирурзи, педијатри, фармацевти, погребални, пациенти). И глава сечам ако најдете еден со кариера на ѕидар, тракторист, малтер-мешач, шумар, чистач итн. Нема да ги најдете кај секогаш размрсулено расплаканите социјалдемократи за судбината на сиромаштијата. Ниту кај професионалните вмровски патриоти, прекомандирани од „небањати сељаци” во банкарство и шпедиција. Со боринче да ги барате нема да ги најдете кај „памук-газиња” интегристите качени на позиција газејќи преку груби раце на работници и црвени вратови на селани. А доколку ги барате во Левица, ќе добиете баражна палба цитати од Маркс до Варуфакис и високо дигнати тупаници во воздух, составени од така нежни рачиња и прстиња на кои и Париз Хилтон би им позавидела.

-повеќе од авторот: Денот потоа

Нашата земја, нашиот регион е заробен  во канџите на организираниот криминал.  Тоа е барем јасно и консензуално прифатено како реалност. Она што е помалку разбрано и повеќе криено е заробеноста на општествата во челустите на организираното взамено поддржување и фаворизирање на теоретичките шпекуланти на сметка на оние со реални познавања и искуства од реалните индустрии и воопшто животот. Еден површен поглед врз нашите политики, парламентарни, партиски претставништва е повеќе од достаточен за потврда на таа реалност, не помалку туку повеќе деструктивна и од организираниот криминал. Во таква средина, пробивот на еден обичен работник, обичен селанец од малтер и нива кон претставништвото е единствено можен или преку одработување за служби или лажење за добро на партијата. Надворешната емиграција ја сруши таквата можност, додека пак внатрешната емиграција кон урбаниот центар ја дотолчи и самата нејзина смисла и егзистенција.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Нашата парламентарна демократија  е полна со (неслужбени) лоби груби за енергетиката, за банкарството, за фарамцијата, за шпедиција, за текстил, за сообраќај, за ЛГБТ, за Телеком, за Комерцијална. Секој увозник на коли има свои лобисти. Секој произведувач на шпионски апарати. Секој хотелски ланец. Ќе се најде пратеник за секој што има пари да плати лобирање во сопствена корист и профит. Единствената општествена категорија која нема лобисти во Собранието се обичните работници, селани и сиромашните. И затоа сме таму каде што со ваков избор на претставништво си имаме изгласано да бидеме. На дното. И само работниците и земјоделците не` спасуваат да бидеме под него.

Во нашата дебата, разбирање и наметната претстава за претставништвото, акцентот е редовно доминиран од етнички и религиски, локалистички и клановски, партиски и идеолошки пресметки. Има простор и за хендикепирани, за полови и сексуално-ориентирани квоти. Она што го нема е квоти за вистински работници и селани со реален бекграунд и реална поддршка. Нивната про-форма застапеност е симулирана на ист начин како со системски етникуми, т.е. системски моделирани, маркетинг-подметнати аватари на работништвто и земјоделството.

-повеќе од авторот: Огнена група на огнената линија

Среде таквата системска-репрезентативност, единствената опција за промена на сопствениот статус е заминување од земјата, сега веќе прерасната во епидемија. Пречекана со вознемиреност, сожалување, протести и осуди од оние кои благодарение на привилегираниот апсолутизам во толкување и имплементација на претставништвото, се главните виновници за егзодусот. Финалниот ефект на таа огромна социјална дисторзија? Работникот и селанецот, она што е преостанато од нив, веќе не се социјална, туку хуманитарна категорија на општеството. Слични на уличните дечиња кои продаваат пенкала за десет денари. Но им даваме дваесет. Од сожалување.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач