1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

Колку се опасни десничарите од „Граѓани на Рајхот“?

Лиза Хенел
8 декември 2022

Во голема рација беше уапсена милитантна група екстремни десничари од движењето „Граѓани на Рајхот“ кои планирале државен удар во Германија. Какво е ова движење?

https://p.dw.com/p/4KeUC
Демонстрација на „Граѓани на Рајхот“ во Берлин
Демонстрација на „Граѓани на Рајхот“ во БерлинФотографија: Abdulhamid Hosbas/AA/picture alliance

Очигледно мечтаеле да спроведат вооружен државен удар – групата од движењето „Граѓани на Рајхот“ и „Кверденкер“ со месеци се подготвувала за „Денот X“ на кој според наводите на државниот јавен обвинител Петер Франк  сакале да го соборат државниот поредок. Во голема рација во средата наутро беа уапсени голем број осомничени, меѓу кои и поранешни војници и поранешен пратеник во Бундестагот.

Што е познато досега?

Издадени се налози за апсење на 22 осомничени членови на терористичко здружение од милјето „Граѓани на Рајхот“, како и тројца нивни поддржувачи,  меѓу кои и една Русинка. Осум од 25-мината осомничени се веќе во истражен затвор. Дополнително има уште 27 осомничени за кои постои почетно основано сомнение, рече државниот јавен обвинител. Тој додаде дека групата од ноември 2021 година одржувала тајни состаноци, вежби за стрелање и разработувале планови за спроведување на државен удар. Целта била насилно да се собори владата и државниот поредок да се замени со посебен облик на владеење. Требало да се основа и таканаречено Здружение на резервисти за заштита на татковината (“Heimatschutzkompanien”). Групата не исклучувала ниту убиства во спроведувањето на плановите, вели државниот јавен обвинител.

„Бројот на уапсени и претреси ме шокираше“, вели за ДВ Тимо Рајнфранк, директор на фондацијата „Амадео-Антонио” која е активна во борбата против десниот екстремизам во земјата.

„Вистински државен удар тешко да може да успее во Германија, бидејќи државниот поредок и Уставот се силно втемелени во општеството, но овие луѓе верувале дека тоа е навистина можно, што покажува колку се тие заробени во своето лудило,“ додава социологот.

Но, Рајнфранк стравува дека ваквите апсења покажуваат оти и во Германија се можни напади како оној врз Капитолот во Вашингтон од 6 јануари 2021 година.

Кое е движењето „Граѓани на Рајхот“?

Во изминативе години безбедносните власти алармираа дека има  пораст на десничарската екстремна сцена поврзана со  движењето „Граѓани на Рајхот“.  Според еден извештај од јуни 2022 година, домашната тајна служба проценила дека дури 21 илјада лица и` припаѓаат на оваа сцена.

Особено загрижувачки е високиот потенцијал за употреба на насилство кај овие луѓе. „Околу 500 лица од нив имаат барем по една дозвола за поседување огнено оружје,“ предупреди Сојузната служба за заштита на уставниот поредок. 

 „Граѓани на Рајхот“ Хајнрих XIII, принцот Пројс
Во рацијата против десничарите од „Граѓани на Рајхот“ е уапсен и Хајнрих XIII, принцот Пројс, кој требало да има водечка улога по планираниот пучФотографија: Boris Roessler/picture alliance/dpa

Каква е нивната идеологија?

Екстремните десничари од движењето „Граѓани на Рајхот“ го отфрлаат германскиот правен систем и сите демократски структури, а голем дел од нив пропагираат повторно воспоставување на германското царство или веруваат дека сојузниците кои во Втората светска војна во 1945 година ја поразија нацистичка Германија, сè уште во тајност владеат со земјата.

Ова движење не е хомогена група, покажува студија на фондацијата „Амадео-Антонио” од 2018 година. Опишани се како „големо различно милје на десничарски идеологии“ кое може да се подели на четири подгрупи: суверенисти, самоуправувачи, граѓани на Рајхот и десни екстремисти. Сите тие имаат различен степен на подготвеност за примена на насилство, но заедничко им е убедувањето дека Германија не е суверена држава.

Околу 1150 лица од нив, односно нешто над 5%, во 2021 беа регистрирани како екстремни десничари. Но, и многу други користат делумно десно-екстремичарска идеологија или веруваат во антисемитски теории на заговор. Исто така има заговорници и на идејата дека Германија треба повторно да се прошири до поранешните граници на истокот.

Колку се опасни?

Во последниве години на оваа десничарска сцена и се припишуваат тешки кривични дела. Сè почесто нивните поддржувачи се на обвинителна клупа поради убиство или обид за убиство. Домашните разузнавачи регистрирале и значително зголемен број на кривични дела и насилства со десничарска заднина меѓу 2020 и 2021 година.

Според Тимо Рајнфранк, милитантноста е вкоренета во самата идеологија на групата: „Со оглед на тоа дека тие не го признаваат Уставот и легитимитетот на безбедносните сили во земјата, според нивната идеологија е легитимно да употребат насилство."

„Тоа не се луѓе кои вршат самоволни, случајни напади. Тие целно ги напаѓаат темелите на државниот поредок, како  избрани политичари на локално ниво,“ вели Рајнхард. 

И протестите против корона мерките за време на пандемијата со себе донесоа радикализација и нови поддржувачи на десничарското милје, смета Рајнхард. Пример за тоа како се развива антидемократско движење од протести против корона-мерките на кој самиот посведочил, е групата „Слободен дух“ на чиј транспарент за време на протестите било испишано „Суверенитет. За слободата на нашата земја“.  

„Сцената се радикализираше. Луѓето стануваат сè поприемчиви за основната идеја на десничарското милје, дека Германија не е слободна земја и избраната влада не е суверена,“ вели Рајнфранк.

Колку добро вмрежени се „Граѓаните на Рајхот”?
Тоа што особено загрижува е дека истрагата е насочена и против еден припадник на специјалните сили на Бундесвер и против повеќе резервисти. Меѓу осомничените наводно е и една поранешна пратеничка во Бундестагот од редовите на деснопопулистичката АфД, како и поранешен полицаец кој пред да биде суспендиран бил задолжен за безбедноста на еврејската заедница во Долна Саксонија. Експерти со години предупредуваат од  десничарски мрежи кај безбедносните служби и во Бундесверот.  Тимо Рајнфранк од фондацијата „Амадео Антонио” е „шокиран” и не може да разбере како повторно војник на специјалните единици е во фокусот на обвинителството. Во јули 2020 година тогашната министерка за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер, распушти цела единица на специјалните сили.  Припадниците на таа единица меѓусебно се поздравувале со Хитлеровиот поздрав, на забави се пуштале десничарски рок-нумери омилени меѓу екстремистите. Кај еден од војниците во Саксонија полицијата нашла скривалиште за оружје и муниција.

„Тоа што ме шокира е дека повторно нештата дојдоа до таму кај безбедносните служби", вели Рајнфранк.  „Овие апсења треба да бидат повод детално да се погледа ситуацијата и да се сфати дека овој проблем не е нешто што Бундесверот може интерно да си го реши."