1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кон каков модел ќе се врти СДСМ

10 август 2024

Што би можело да биде важно за СДСМ од победата на британските лабуристи при конципирањето на идната програма и трансформацијата на партијата? Една од најважните лекции е брзата рехабилитација. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4jJhV
Венко Филипче, новиот лидер на СДСМ, Северна Македонија
Венко Филипче, новиот лидер на СДСМ, Северна МакедонијаФотографија: SDSM

Големи, па дури и катастрофални порази на партии кои биле владејачки во Европа, не се нешто што е непознато. Да споменеме само неколку – маргинализирањето на Социјалистичката партија во Франција по мандатот на претседателот Франсоа Оланд (поддршката ѝ падна на изборите на долните едноцифрени броеви); спектакуларниот пораз на Лабуристичката партија на Британија под водството на Џереми Корбин во 2019 (нејзиниот најлош резултат од 1935); неколкукратното пропаѓање па кревање на Демократската партија во Италија или Шкотската национална партија. Потоа, партиите на премиерите на Словенија Марјан Шарец и Миро Церар. Од врвот па кон дното, а потоа таму да се размисли како би можело да оди повторното искачување нагоре.

На француските социјалисти тоа им успеа на неодамнешните парламентарни избори во рамките на левичарската коалиција Нов народен фронт. Британските лабуристи под водство на Кир Стармер освоија неверојатна победа на националните избори на 4 јули и повторно се вратија на власт по 14 години.

Поразот на СДСМ на мајските избори, не само што изгледа, туку е катастрофален.  Пратеничката група е во три реда.  Во неа голем дел се министри од нивната последна влада. Членството е резигнирано, се прашува дали може да верува во партиско воскреснување.

Ниедна партија не може да егзистира на подолго време ако не верува дека поразите на некои избори ќе се претворат во победа. Освен ако некое тесно самозадоволно раководство се чувствува удобно во маргинализирана ситуација. Кај големите партии партискиот ген е тој што не го дозволува тоа.

Во кој правец би можела СДСМ да почне да ги трасира патиштата за свое опоравување, не само меѓу гласачите, туку и во внатрешните структури.

Македонската политика е уникатна по некои работи во Европа. И тоа навистина уникатна. Двете најголеми партии дневно продуцираат по пет-шест соопштенија за општи пропагандни теми или за настани што се актуелни во моментот. Интересот на медиумите за нивно објавување секој ден е помал и помал, освен ако ставот не е поврзан со некој навистина актуелен настан.

ВМРО-ДПМНЕ тука се апсолутни шампиони. Никогаш не е доволен бројот на партиските соопштенија.  СДСМ во нивниот раководствен интерегнум  (партијата избра претседател, но не и раководни тела поради конгресниот јазол) настојува да го одржи својот профил во јавноста со  партиски реакции за настаните и темите за кои има интерес. Се забележува малку  поинаков вординг во тие соопштенија   по изборот на Венко Филипче,  попрецизен и посуштински, а не само со општи флоскули.

Европски примери

Но за една партија, која сака да се врати во врвот на политичкиот избор на граѓаните, потребно е нешто многу повеќе, концепциска и идеолошка платформа. Секако, тоа не се прави ни преку ноќ, ни за шест месеци, па дури ни за 20 месеци.  СДСМ сега е пред големата дилема  каква платформа да изготви (откако ќе ги формира органите), кој да ја составува, како да се калибрира и како да се претстави на граѓаните, гласачите и партиските членови. Изборот на раководството е најлесната задача во тој процес, концептот за идното делување е најтешкиот.

СДСМ може да погледне наоколу низ Европа да избере примери кои можат да бидат земени за образец, но кои не може да се копираат, затоа што секое општество е различно и партиите лево од центарот имаат поинаков светоглед за нивната улога во него.

Огромната победа на Лабуристичката партија на општите избори во Велика Британија испрати моќни лекции за централно-левичарските партии низ континентот. Најважната задача што е поставена пред премиерот Кир Стармер е и најтешка – како да се справи со економските проблеми кои на земјата ѝ ги оставија конзервативните влади, особено во последниве пет хаотични години. Неговиот успех на долг рок ќе биде многу важен за левицата низ цела Европа.

Тој веќе успеа да го смири радикализираниот бунт на припадниците на екстремната десница по грозоморното убиство на трите девојчиња, особено поради неговото поранешно искуство како јавен обвинител. Спроведувањето на законот со демократски методи му ја обезбеди поддршката на британската јавност. Па контрапротестите на демократски посветените граѓани пред некој ден ги потиснаа екстремните десничари во истиот ден на британските улици. Особено во расно најмешаните градови. И уште да ги принудат националистичките популисти како Најџел Фараж да бараат излез од нивните запалливи зборови, кои беа осудени од мнозинството. Оваа тешка епизода од првиот месец на премиерството на Стармер изгледа како да е смирена, иако не завршена.

Британскиот премиер Кир Стармер  Велика Британија
Најважната задача што е поставена пред британскиот премиер Кир Стармер е и најтешка – како да се справи со економските проблеми кои на земјата ѝ ги оставија конзервативните владиФотографија: Ben Bauer/PA/dpa/picture alliance

Што би можело да биде важно за СДСМ  од победата на британските лабуристи при конципирањето на идната програма. Една од најважните лекции е брзата рехабилитација на Лабуристичката партија под Стармер. Тој ги презеде уздите од Џереми Корбин во 2020 година, веднаш по најтешкиот пораз на партијата. Корбин беше дел од левото, дури и крајното лево крило на партијата, и поради тоа се стекна со многу поддржувачи. Но во партијата, е не во поширокото граѓанство. Кир Стармер беше посветен поддржувач за останување на Британија во ЕУ, а во тимот од сенка на Корбин беше секретар за „Брегзит“. Патуваше во Брисел заедно со Корбин на сите средби во европските институции во разговорите како да се заврши разделбата меѓу долгогодишните партнери. Но откако Британија и официјално излезе од ЕУ, тој веќе не зборува за можен референдум за враќање назад во европското друштво, барем не за време на оваа генерација политичари.

Тој се сврте кон пораки што треба да ги испрати дома. Стармер ја нагласи умереноста и политиките за подобрување на економијата и јавните услуги. Неговата победа покажува дека е можно да се добијат избори без екстремизам. Тој вети дека демократијата ќе функционира подобро за сите.

Познатиот професор по економија на американскиот унивезитет МИТ, Дарон Аџемоглу, вели дека тоа е „моќна порака“. И наведува важни согледувања: „Моето неодамнешно истражување покажува дека луѓето стануваат многу попродемократски кога гледаат дека демократијата функционира правилно и дава резултати во смисла на економски раст, стабилност, јавни услуги и ниски нивоа на нееднаквост и корупција“.

Секој нов лидер кој сака да ја трансформира партијата  (не е важно дали во овдешната ситуација тоа е  СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ) многу брзо разбира колку е тешко да се направи тоа. Во некои случаи тоа изгледа дури и невозможно. И да се трансформира вистински, а не лидерот и тие околу него самите да даваат оценки дека се направени трансформативни промени, а во суштина не се.

За Стармер, тоа вклучуваше сместување настрана на Корбин и јасно ставање до знаење дека неговиот бренд на крајно левичарски екстремизам повеќе нема да биде на агендата на партијата. Стармер издржа многумесечни широки критики од левицата, но тој остана цврст на својот став. Поради неговиот антисемитизам (секако и пренагласено истакнат од политичките противници) Корбин беше суспендиран од партијата во 2020. Кога беа распишани изборите за 2024, партијата не дозволи тој да биде кандидат на лабуристите во неговата изборна единица. Корбин објави дека ќе оди на изборите како независен кандидат, па после тоа Лабуристичката партија го исклучи од своите редови. Сепак тој победи уште еднаш во својата изборна единица и сега пак е пратеник.

За Стармер приказната со Корбин е завршена. За новиот премиер допрва доаѓа поголемиот тест. Извозот на победата на лабуристите на крајот ќе зависи од тоа дали партијата ќе постигне резултати, особено кога станува збор за заживување на економскиот раст. Економските перформанси на Британија во текот на изминатите 14 години од владеењето на ториевците беа прилично разочарувачки. Недостатокот на јавни и приватни инвестиции е основата на анемичните перформанси на Велика Британија. Лабуристите имаат добри идеи за отпочнување на силно економско закрепнување во здравството, образованието, инфраструктурата и технологијата, но за тоа владата ќе треба да ги зголеми своите даночни приходи. Стармер вети дека нема да ги зголемува даноците за работниците, но можеби ќе дојде моментот кога ќе треба да го направи тоа.

Аџемоглу во своите истражувања прави анализа како социјалдемократскиот модел стана доминантен во скандинавските земји уште пред сто години и опстанува до денес. Според него, раѓањето на нордискиот модел може да се проследи со изборните победи на работничките партии во Данска, Шведска и Норвешка пред речиси еден век. Овие партии прво се оддалечија од тврдите леви идеи и реторика. Потоа, откако беа на власт, ги исполнија конкретните подобрувања што ги ветија.

Во случајот на Шведска, социјалдемократијата беше искована во котелот на Големата депресија. Работничката партија – која се оддели од своите марксистички корени две децении претходно – водеше кампања на платформа за макроекономска стабилност, повеќе работни места и раст на платите. Откако ги исполни овие ветувања, таа стана главната владејачка партија во земјата.

Норвешката Лабуристичка партија изработи патека слична на онаа на нејзиниот британски братучед во 2024 година, оценува Аџемоглу. Откако настапи со тврдолевичарска платформа и изгуби повеќе од 20 отсто од своите места на изборите во 1930 година, таа започна брза рехабилитација. Во 1935 година, фундаментално различната Лабуристичка партија дојде на власт преку кампања за реформи во училиштата, програми за социјална помош и работни места. Преку својата историска „Народна училишна реформа“, го подигна квалитетот на образованието во помалку економски развиените делови на земјата, добивајќи ја трајната поддршка од многу гласачи. Социјалдемократијата оттогаш остана доминантен модел во Норвешка.

Расправата меѓу познатите политички научници и економисти по победата на британските лабуристи и Новиот народен фронт во Франција повторно ја доведоа во преден план левицата во западните демократии, особено по бранот на екстремно десничарскиот популизам на европските избори. Пред една деценија се зборуваше за „абдикација на левицата“, но денес левичарските партии се во подобра позиција.

Што ѝ треба на левицата

Што е она што сега изгледа дека е главниот проблем за левицата. Познатиот француски економист, Томас Пикети, добро забележа дека левичарските партии станаа неповрзани со нивната традиционална работничка база и се свртеа кон образованата елита.

Новиот народен фронт во Франција
Новиот народен фронт во Франција се фокусираше на прераспределбатаФотографија: Aurelien Morissard/AP Photo/picture alliance

Дени Родрик, професор по меѓународна политичка економија на Универзитетот Харвард, вели дека левицата допрва треба да создаде идентитет кој одговара на моменталната реалност. Како треба да се репозиционираат? „Дали треба да се фокусираат на прераспределбата, како што изгледа дека направи Новиот народен фронт во Франција? Дали треба да ја поддржат фискалната одговорност, како Лабуристичката партија на Британија? Дали треба да ги прифатат индустриските политики а ла Бајден и со која цел? Како треба да се справуваат со прашања како што се имиграцијата, животната средина или правата на трансродовите, за кои културната елита има многу различни ставови од пошироката јавност?

Ако левицата сака да ја врати политичката сила, таа мора да се врати на своите корени и уште еднаш да ги застапува интересите на работните луѓе. Ова значи директно фокусирање на добри, сигурни, продуктивни работни места за работници без диплома. Зголемувањето на економската несигурност, ерозијата на средната класа и исчезнувањето на добрите работни места во заостанатите региони беа во срцето на подемот на десничарскиот популизам. Само со промена на овие трендови левицата може да претстави веродостојна алтернатива“.

Она што ѝ треба на левицата, значи, е веродостојна програма за создавање добри, продуктивни работни места во целата економија. Родрик вели дека новата левица мора директно да се соочи и со новата структура на економијата и со императивот на продуктивноста. „Само тогаш ќе се претвори во вистинско политичко движење на иднината и веродостојна алтернатива на крајната десница“.

Оваа дебата пренесена на македонска почва изгледа како научна универзитетска расправа за тесен круг луѓе. Но не е така. За да можеш да ги разбереш барањата, стравовите и желбите за иднината треба подлабоко да копаш во науката, а не само во обичното прокламирање на одредени политики. Секоја земја има свои посебности. Она што е важно во Македонија не е битно во Норвешка. Македонија не е целосно демократски консолидирана земја. Таа е сиромашна (но и Норвешка беше таква во 1935), тормозена од соседите и со неизвесен пат кон ЕУ, етнички разновидна и комплицирана. Но тоа не значи дека не треба да се размислува за длабоки политички потфати и важни промени.

СДСМ, Северна Македонија
Ако сака да успее СДСМ треба похрабро да зачекори на овој работнички терен кој ВМРО-ДПМНЕ го напуштиФотографија: Petr Stojanovski/DW

За СДСМ искушенијата допрва доаѓаат. Дени Родрик вели дека ако левицата сака да ја врати политичката сила, таа мора да се врати на своите корени и пак да ги застапува интересите на работните луѓе. Сегашното ВМРО-ДПМНЕ е некоја светлосна година подалеку од неговите први десетина години од постоењето. Надвор од популистичко-националистичко-патриотскатата агенда тоа ВМРО-ДПМНЕ се претставуваше како заштитник на работниците и обесправените. Последниве петнаесетина години ВМРО-ДПМНЕ со силни ортоми е поврзано со „големите пари“, врската со работниците ја снема, остана само онаа преку националистичките пораки. И клиентелизмот. Оваа партија некогаш со помала, а некогаш со поголема брзина, се движи кон крајната десница. Ако сака да успее СДСМ треба похрабро да зачекори на овој работнички терен кој ВМРО-ДПМНЕ го напушти.

Каков модел треба да избере СДСМ во трансформацијата на партијата – оној на Кир Стармер или нордискиот кој дава успеси веќе сто години. Или можеби на француската левица од Новиот народен фронт. Одговорот на овие прашања не само што е тежок, туку е и многу комплициран. Одржувањето во политичкиот живот само со партиските соопштенија е рецепт за опстанок на краток рок. За трансформација е потребно многу повеќе, па и консултации со оние што успеале да го постигнат тоа. Но првиот предуслов е партијата да собере доволно испиративен, посветен и за нови идеи отворен кадар. Дали тоа го има таму, или може да се привлече од страна – тоа во СДСМ би требало да го знаат.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар