Контролата на прислушувањето на тенок мраз
28 ноември 2024Изборот на нови членови на граѓанското тело коешто треба да го контролира прислушувањето предизвика огромно незадоволство кај опозицијата во Северна Македонија, која што стравува од злоупотреби и опасност од масовно прислушување. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вели дека последните одлуки на Владата носат сериозна опасност за „брутална партизација на Советот за граѓански надзор на комуникациите“.
„Ова тело, кое треба да биде столб на независност и заштита на правата на граѓаните, сега се претвoра во алатка за партиска контрола и злоупотреба“, вели Филипче.
Тој оценува дека ова може „да ја врати земјата назад во мрачните времиња на режимскиот систем, кога безбедносните структури беа под целосна партиска контрола, а правата на граѓаните беа системски кршени“. Поради тоа, најавува дека партијата ќе ја информира меѓународната заедница за оваа „скандалозна партизација“ и ќе преземе се што е неопходно за да ги заштити граѓаните и институциите од овој „партиски брутален напад“.
„Македонија заслужува независни и професионални тела, а не репродукција на режимски практики“, вели лидерот на СДСМ.
Но, од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираа дека со реформите кои ги воведуваат, токму овој совет ќе биде столб на независност и професионализам, „за разлика од контролираниот хаос што го остави СДСМ“.
„Партиски кадри за партиска контрола“
Советот за граѓански надзор ја контролира работата на институциите задолжени за следење на комуникациите односно Оперативно-техничката агенција (ОТА) и други институции и постапува по претставки доколку некој е прислушуван, но и по службена должност врши надзор над овие институции.
Пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, на прес-конференција потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ, спротивно на законот, на седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања во средата (27.11) избрале партиски членови во ова тело, претворајќи го во инструмент за партиска контрола на прислушувањето и следењето на комуникациите.
Според СДСМ, претседателот и дел од членовите на Советот се долгогодишни партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ, што ја урива довербата во телото што треба да биде независно.
„Илче Димовски, којшто е предложен за претседател на ова тело, бил претседател на УМС во Битола. Бил секретар на Општинскиот комитет во Битола и бил советник во Општина Битола во два наврати. Сега, се предлага како претставник и кандидат од одредена невладина организација, што е скандалозно. Мирче Стојков, којшто е исто така предложен, е поранешен претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани и замислете – во моменов е советник во Советот на Општина Кочани. Никола Затуровски, бил организациски секретар на владејачката партија, бил регионален координатор и партиски функционер на ДПМНЕ“, изјави Николовски.
Опозицијата бара власта да се повлече и итно да се врати процедурата во рамки на законските норми и стандарди.
„Ако ДПМНЕ остане глува на овие предупредувања ќе мора да бидат преземени порадикални мерки“, вели Николовски.
Кој ги злоупотребува безбедносните служби?
Но, премиерот Христијан Мицкоски вели дека за многу скоро време јавноста ќе слушне што се правело со безбедносните служби за време на мандатот на претходната Влада, а „СДСМ ќе се срамат и ќе треба да се извинат“.
„Се сеќавате на оној проект ‘вистината за Македонија’, ќе ја видите невистината на тие што правеле околу прислушкувањето и ќе се срамите и ќе излезете да се извините, затоа што (ниту) во услови на фашистички режими не се следеле и прислушкувале луѓе кои водат опозициски партии. Убеден сум дека дел од последното раководство на СДСМ не знаеле, но дел го правеле за злоупотреба и лична агенда, но тоа што се случувало ќе ве згрози, какви мерки се преземале, физичко следење и употреба на недозволени методи“, рече Мицкоски на собраниска седница за пратенички прашања.