1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предлогот на Орбан неприфатлив за Бугарија

ДТЗ
30 септември 2024

Нема потреба од посредник во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, порача европратеникот Андреј Ковачев по предлогот на унгарскиот премиер Виктор Орбан да посредува меѓу Софија и Скопје.

https://p.dw.com/p/4lEBF
Андреј Ковачев
Нема потреба од посредник во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, порача европратеникот Андреј Ковачев Фотографија: EP/S. Pirlet

Нема потреба од посредник во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, изјави европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев за БНР по повод предлогот на унгарскиот премиер Виктор Орбан да посредува меѓу Софија и Скопје.

Во врска со раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија на нивниот пат кон ЕУ, Ковачев вели дека главниот наратив на раководството на Северна Македонија е дека земјата е блокирана од Софија и дека „лошите Бугари се виновни за сè“.

Преговарачката рамка ќе остане иста 

„Бугарија секогаш ја поддржувала и ја поддржува интеграцијата во ЕУ на сите земји од Западен Балкан, но тие мора да си ја завршат домашната задача“, додава европратеникот Ковачев. „Во однос на Република Северна Македонија, главната домашна задача е да се надмине омразата и фалсификувањето на историјата, бидејќи оттаму доаѓа дискриминацијата на луѓето кои сега сакаат да се идентификуваат како Бугари“, вели тој.

Ковачев смета дека преговарачката рамка за Северна Македонија ќе остане иста.  

Северна Македонија ЕУ
Европската Унија реши да го раздели патот на Македонија и на Албанија кон полноправно членствоФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Бугарија прави сѐ, но Македонците не сакаат во ЕУ“ 

Одвојувањето на Албанија од Македонија на патот кон Унијата го коментира и бугарскиот дипломат и писател професор Кирил Топалов.

„Видов дека Виктор Орбан им вети помош на Македонците да го решат нивниот спор со Бугарија. По неуспехот во неговата европска и светска политика, Орбан се обиде да го компензира тоа со тоа што стана регионален фактор на Балканот за да се појави како силен политичар“, изјави Топалов во програмата „Во фокус со Лаура Крумова“.

Според него, меѓународната заедница доста внимателно забележала како Бугарија сака да ѝ помогне на Северна Македонија да стане членка на ЕУ, но „Северна Македонија прави сѐ што е можно тоа да не се случи. Македонците не сакаат или поточно не им даваат“, додава Топалов.

„Добро не се прави со сила. Кога ќе видите дека вашиот помлад, малолетен брат прави неправилни чекори, и покрај вашите обиди да го спасите, конечно го оставате сам да се спаси“ , вели бугарскиот дипломат.  

Виктор Орбан и Христијан Мицкоски во Охрид
Предлогот на Орбан за посредува меѓу Скопје и Софија е неприфатлив за Бугарија Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Според него, досега на часовите по историја децата во Македонија учеле дека на територијата на Бугарија живеат Турци, Татари и Монголи. „Бугарија направи сѐ што е можно за да ѝ даде можност на Република Северна Македонија да се движи кон ЕУ, но Македонците не сакаат“, додава Топалов.

Само неколку часа по понудата Унгарија да посредува за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, Бугарија го отфри предлогот на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов изјави дека не ѝ се потребни посредници во процесот, бидејќи европскиот договор со Македонија бил јасен.

Во петокот (27.09) во Охрид, Орбан соопшти дека до македонската страна доставил предлог за надминување на проблемот меѓу Македонија и Бугарија, откако Европската Унија реши да го раздели патот на Северна Македонија и на Албанија кон полноправно членство.