Ковачевски премиер до крајот на идната недела
16 јануари 2024Премиерот Димитар Ковачевски најави оставка од челната позиција во Владата на крајот на идната недела, согласно роковите за избор на техничка влада која што треба да раководи со државата во наредните 100 дена, до изборите на 8 мај.
Ковачевски денеска во изјава за медиумите информираше дека изутрината имал разговори и консултации со собранискиот спикер, Талат Џафери кој е предложен за технички премиер и со координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, кој е кандидат за претседател на Собранието во наредните 100 дена.
„На средбите стана збор за законските рамки за поднесување на оставка, избор на нов претседател на Собрането и избор на техничка влада. Целата процедуура ќе се одвива согласно законските рокови на крајот на идната недела“, рече Ковачевски.
Иако беше најавено дека Ковачевски и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски на лидерска средба ќе ги договараат деталите околу составувањето на техничката влада, во која треба да влезат и двајца министри и тројца заменици од опозицијата, премиерот вели дека за многу прашања можат и телефонски да се договорат.
Ковачевски и Мицкоски се договараат по телефон
„Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ - имаме комуникација со претседателот на партијата, Христијан Мицкоски. Не мора сите средби да бидат во сали за состаноци, некои работи можат и на телефон да се завршат. Сметам дека има работи кои можат да се направат и се од техничка природа - како предлагање на министри во техничката влада и договарање на термини“, изјави Ковачевски.
Формирањето на преодната влада е предвидено со Пржинскиот договор и таа ќе функционира 100 дена пред парламентарните избори. Законот со кој се предвидува ваква влада пред избори е дел од таканаречениот Пржински договор постигнат во 2016 година. Според него, Владата ќе добие технички премиер по предлог на ДУИ, а двајца министри (за внатрешни работи и за труд и социјална политика) треба да бидат назначени по предлог на најголемата опозициска партија - ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата треба да добие и тројца заменици министри и тоа во министерствата за земјоделство, финансии и администрација и информатичко општество.Главна задача на техничката влада е да ги организира изборите. Во текот на нејзиното функционирање не може да има вработувања, унапредувања и инвестиции.
„Широка палета“ на кандидати за претседател
Во однос на претседателските избори, СДСМ се уште не ги открива своите кандидати. Ковачевски вели дека процедурата за предлагање можни кандидати за претседател е отпочната.
„Штом ќе заврши тогаш ќе можат да бидат споделени имињата со врвот на партијата. Дотогаш имињата не се коментираат, оти има поширока палета на еминентни имиња“, вели премиерот.