Ковачевски: Без кочници, сѐ можеше да биде поинаку во Брисел
14 декември 2023„Не смееме да се откажеме од европската перспектива на Северна Македонија. ЕУ како и досега останува најголем и најсигурен партнер на земјата и на регионот. Местото на Северна Македонија е во Унијата и од тој процес не отстапуваме. Работиме напорно да ја оствариме својата стратешка цел - членство во ЕУ до 2030 година, порача премиерот Димитар Ковачевски по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.
Ковачевски вели дека како никогаш досега постои подготвеност за проширување на ЕУ - процес којшто отсекогаш имал геополитички апспект, но во овие моменти е важно и да се зачува и зајакне европската безбедност. „Тој процес на пристапување може да биде забрзан, но тоа ќе биде засновано на заслугите на секоја земја поединечно и на подготвеноста да ги носи одлуките кои треба да се донесат“, вели Ковачевски.
Се можеше да биде поинаку
Оваа посета на Брисел, според премиерот, можеше да заврши и поинаку, доколку земјата ги имаше исполнето обврските за уставни измени, коишто се кочница на понатамошниот пат кон ЕУ.
„Оваа работна посета на Брисел можеше да изгледа сосема поинаку, можевме да дојдеме победнички и јасно и гласно да кажеме дека продолжуваме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и дека го продолжуваме нашиот евроинтеграциски пат. Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ и анти-НАТО и проруската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица“, изјави Ковачевски во Брисел.
„Нашите граѓани можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство и можеа уште еднаш да се уверат како изгледаше 2008 година. Тогаш беше во Букурешт, а вчера и денес беше во Брисел“, рече Ковачевски во изјава за медиумите. „Нека им служи на чест на сите овие партии и политичари, а на граѓаните да им служи на ум и сами да проценат кој за каква иднина за државата се бори“, додаде премиерот.
Сепак, Ковачевски вели дека во Брисел имало позитивни дискусии и поддршка за патот на земјата кон ЕУ. „Штом Северна Македонија го исполни условот за спроведување на амандманите во Уставот, веднаш ќе биде одржана Втората меѓувладина конференција. Нашата единствена алтернатива е ЕУ, од европскиот пат ние нема да се откажеме“, дециден е Ковачевски.