Ковачевски: Штајнмајер порача да не го кочиме патот кон ЕУ
30 ноември 2022Посетата на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во Северна Македонија е исклучително значајна. Тој испрати силна порака за сите пратеници во Собранието и повтори дека не треба самите себе да се кочиме на патот кон полноправно членство во ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ја посетата на германскиот претседател Штајнмајер кој вчера (29.11) имаше обраќање во македонскиот парламент пред државниот врв и пратениците.
„Кој можеше да претпостави дека германски претседател во Собранието ќе ги цитира Блаже Конески и Петре М. Андреевски. Беше многу јасно кажано дека македонскиот јазик и идентитет се добредојдени да го збогатат европското семејство, европската култура и идентитет со нашиот македонски идентитет“, изјави Ковачевски.
Тој потецираше дека со Германија имаме исклучително високо ниво на поврзаност од сите аспекти. „Германија е наш пријател 31 година, и помага во унапредувањето на нашето општество во голем број на области“, вели македонскиот премиер.
Една од најсилните економии
Тој оцени дека посетата на германскиот претседател е значајна со оглед на значењето на големината на Германија како земја членка на Европската Унија и како една од најсилните економии и како држава од која зависат многу процеси во Европа.
„Ако ја погледнете нашата економија таа е најмногу поврзана со германската економија. Исто така и голем број на наши сограѓани живеат и работат во Германија“, додаде Ковачевски.
Тој смета дека е особено важна пораката на Штајнмајер упатена до пратениците, дека не треба самите себе да се кочиме на патот кон полноправно членство во ЕУ.
„Сите пратеници во Собранието тоа го должат на граѓаните, не само на нашата генерација туку и на идните генерации, бидејќи тие заслужуваат да живеат во европска држава - но во своја држава, а не во европска држава туѓина, каде ќе бараат подобар живот. Мојата порака е дека сите политички партии, сите пратеници во парламентот имаат обврска пред граѓаните да ги носат одлуките кои се пред нас, кои ќе ни овозможат што побрзо зачленување во ЕУ“, рече Ковачевски по увидот на градежните работи за изградба на магистралниот гасовод, делница Неготино-Битола.