1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ не знаат што со себе!

30 јануари 2024

Претседателот на СДСМ изрази убеденост во двојна изборна победа. Опозицијата возврати - глуми триумфализам, иако знае дека губи 2:1

https://p.dw.com/p/4bp0r
Димитар Ковачевски СДСМ
Претседателот на СДСМ, Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

СДСМ ќе го има победничкиот кандидат за претседател, на 8-ми мај ќе победи европскиот блок предводен од СДСМ, а на 9-ти мај, Денот на Европа, ќе ја формираме новата проевропска Влада којашто ќе обезбеди членство во ЕУ до 2030 година, изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на синоќешното отворање на промотивната канцеларија на СДСМ во скопски Центар.

Иако кампањата за претстојните претседателски и парламентарни избори не е официјално почната, отворањето на промотивната канцеларија на СДСМ со цел симпатизери и граѓани да доаѓаат на разговор и да ги даваат нивните сугестии, ги вкрсти копјата на политичките опоненти за изборниот исход.

„Подготвени сме за оваа победа - точно 99 дена до победа на изборите на СДСМ и проевропската коалиција“, одброи Ковачевски, и заедно со присутните скандираше „Победа, победа, победа...“

Според  претседателот на СДСМ, на изборите  на 8 мај пред граѓаните ќе бидат два концепта:  поголеми плати, пензии, инвестиции и повеќе пари за граѓаните со СДСМ и со европскиот фронт, или помали плати, работници како евтина работна сила и фрлање пари на споменици, жални врби и криминални проекти со ВМРО-ДПМНЕ. Првиот концепт го опиша како „извесна европска иднина со СДСМ, безбедност, стабилност слобода и демократија“, а вториот - како „изолација, уназадување, враќање назад во црното минато, со загрозена слобода на говор и задушена демократија со ВМРО-ДПМНЕ“.

Уништен животниот стандард на Македонците

Ковачевски суштинската разлика со политиките на опозициската партија ја опиша и преку сликата за центарот на Скопје.

„Овде во центарот на Скопје се распаѓаат фасадите, овде се распаѓа стиропорот, овде е распадната и онаа шуплива фонтана што ја правеа, во која секој ден пропаѓаат камиони. Тука во центарот на Скопје го уништија животниот стандард на Македонците. Тука истрошија една и пол мијлијарада евра, кои што ден денес треба да ги враќаме“, посочи претседателот на СДСМ.

Тој оцени дека СДСМ има подобар резултат од ВМРО-ДПМНЕ во секое поле и ги посочи остварените успеси: зголемена минималната плата за 120%, зголемена минималната пензија за 50%. За разлика од поддршката на државата кон домашните компании која во времето на ДПМНЕ била 0 денари, СДСМ обезбедила рекордна поддршка од 100 милиони евра за поддршка на 919 домашни компании, невработеноста од 25% ја преполовила под 13%, и за само 3 години вратила над 2,6 милијарди евра кај граѓаните со неколку антикризни пакет мерки.

Ковачевски на ВМРО-ДПМНЕ и забележа дека немала став за ниту едно национално прашање.

„Само нешто кочеа и блокираа. А тоа го гледаме и деновиве. Прво ја проблематизираа техничката влада, па велеа дека нема да учествуваат. Потоа решија дека ќе учестувуваат, предложија министри ама нив не ги гласаа нивните пратеници во Собранието. Па, не го признаваа техничкиот премиер, за на истиот тој технички премиер му достават писмо со предлог за министри и дополнителни заменик-министри. Сега седат во техничката влада, а се прават дека не се дел од неа. Значи, тие се дел од владата, ама немало да одат на владата. Дома ќе седат. Избрани министри не одат на прием кај претседателот Пендаровски. Се заплеткаа самите и не знаат што да прават со себе, а не па да знаат што да прават со државата“, рече претседателот на СДСМ, кој тековната 2024 ја нарече пресудна година за европска Македонија.

ВМРО ДПМНЕ Северна Македонија
Реакција од ВМРО ДПМНЕ: СДС и ДУИ ќе останат запаметени по неспособност кога станува збор за функционирање на системотФотографија: DW/Petr Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ: Никогаш не било полошо

„На 8-ми мај ќе нема кој да го изгаси светлото во СДСМ, со Ковачевски Македонија тоне, немаме повеќе држава“, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ. „Слаби се собирите на СДС и Ковачевски кој вечерва во предвреме почната компања глумеше триумфализам, иако во себе знае дека губи 2:1. Што се однесува на ЕУ,  Македонија не се помрдна ниту милиметар кон Унијата  додека се СДС и ДУИ во влада. Изминативе 7 години како држава имавме само криминал, корупција и мафијашки престрелки. До толку е неспособна власта што издавање на патни исправи не можеше да организира и дозволи да се направи хаос. Додека земјите од регионот од 2017 до 2023 година имаа раст на БДП над 50%, Македонија имаше раст од само 20%. Никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме“, се вели во партиското соопштение од опозициската партија.

Оттаму реагираа и на најавите дека вработените од Фондот за здравство може да стапат во штрајк, доколку се донесе одлука за намалување на нивните плати за 21 процент. Тоа би значело дека не ќе може да се прават исплати од ФЗО кон граѓаните кои користеле боледувања, нема да се исплаќаат рефундации за лекови, капитацијата за матичните лекари и други услуги.

„Во здравството никогаш не било полошо. СДС и ДУИ ќе останат запаметени по неспособност кога станува збор за функционирање на системот. По минатогодишниот колапс на Фондот за здравство, деновиве на праг е втор колапс на Фондот. Со овој втор колапс на ФЗО загрозен е здравствениот систем во државава. Едноставно се ќе биде блокирано“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека Талат Џафери само ги продолжува политиките на Димитар Ковачевски.

Ако е приоритет...

Техничкиот премиер Талат Џафери  за денеска напладне ја закажа првата седница на новоизбраниот владин состав.  Останува прашањето дали министрите на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на седницата.

„Доколку е приоритет да присуствувам на седница на Влада - да, ќе присуствувам“ изјави вчера министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски, во интервју за „360 степени“, по изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека министрите од неговата партија нема да му даваат отчет на техничкиот премиер Талат Џафери и нема да одат на владините седници.

„Доколку е приоритет да го менаџирам работењето на МВР, во рамки на оваа институција, ќе го менаџирам овде. Доколку е приоритет да излезам на терен и да бидам помеѓу луѓето, ќе бидам на терен, така што, сѐ што е од приоритет и од интерес на граѓаните ќе го спроведувам“, изјави Тошковски.

Тој посочи дека неговиот став не е во колизија со изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ќе работи во интерес и во согласност со приоритетите на граѓаните.