1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бектеши: Струјата нема да поскапи од 1 јануари

ДТЗ
23 ноември 2023

Регулаторната комисија за енергетика ќе ја одредува цената на струјата за домаќинствата, вели министерот за економија, Крешник Бектеши. Не се очекуваат промени ниту во блок-тарифите

https://p.dw.com/p/4ZMKI
Крешник Бектеши
Струјата нема да поскапи, вели Крешник Бектеши Фотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Струјата нема да поскапи ниту по 1 јануари, вели министерот за економија Крешник Бектеши. Според него, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе го има последниот збор во однос на одредување на цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи согласно став 5 од член 10 од Законот за енергетика, бидејќи ќе прави надзор и ќе потврдува дали начинот на пресметкасогласно тарифниот систем е направен коректно.

„Со последните измени на Законот за енергетика граѓаните имаме воведено универзален снабдувач на кој рокот му истекува наредната година, а постапката за избор на универзален снабдувач веќе е започната и кон почетокот на наредната година ќе има нов. Се надеваме дека тој ќе понуди помали маржи согласно конкуренцијата која ја има“, рече Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање на Самитот за женско претпримеништво во Скопје. 

Анализи 

Тој е дециден дека цената на електричната енергија нема да се зголеми, ниту во блоковите, ниту во целина. „Моментно се прават анализи од РКЕ и надлежните институции во делот на блоковите зашто сакаме што повеќе да ги заштитиме ранливите категории граѓани“, вели Бектеши. 

Според Бектеши, кога се утврдува цена на електрична енергија, генерално најважна е цената која ЕСМ ќе ја даде кон универзалниот снабдувач, која што двапати годишно ја утврдува Владата на затворена седница  и може да влијае колку ќе биде цената на потрошувачите.

Влијанието на бугарската такса во цената на електрична енергија, според Бектеши,  речиси е нула заради тоа што ЕСМ освен за топлинската енергија за производство на електрична енергија не користи природен гас за потребите на регулираниот пазар. 

струја
Регулаторната комисија за енергетика ќе го има крајниот збор за цената на струјата за домаќинствата. Не се очекуваат промени ниту во блок-тарифитеФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Ќе има ли промени кај блок-тарифите? 

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, деновиве најави дека новата одлука за цената на струјата ќе ја одредува и кажува „ЕВН хоум“, откако претходно Регулаторната комисија за енергетика ќе направи проверка дали е соодветно пресметана и ќе укаже каде има потреба од корекции ако има отстапувања, но формулата е јасна за сите енергетски компании.

Бислимоски вели дека ќе нема промена на опсегот на четирите блок-тарифи за електричната енергија на регулираниот пазар и покрај забелешките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Има забелешки од ММФ дека блоковите треба да се намалат, но одговорно тврдам – блоковите и нивниот опсег нема да се намалат. Не е тоа решение. Блоковите даваат резултати. Воведената реформа има ефект и има заштеди од 16 отсто. Дури и тоа што беше потопла зимата има удел, но сепак до овој процент е стигнато со штедење на домаќинствата и факт е дека потрошувачката е намалена“, рече претседателот на РКЕ.