1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кристине Ламбрехт – неуспешна министерка

АРД | БЈ
16 јануари 2023

Ламбрехт всушност сакаше да ја заврши политичката кариера уште пред последните избори за Бундестагот. Но, канцеларот Шолц неочекувано ја постави за министерка за одбрана. Сега таа бара да биде ослободена од должноста.

https://p.dw.com/p/4MF9u
Германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт е цел на критики уште од самото стапување на функцијата
Германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт е цел на критики уште од самото стапување на функцијатаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Кога Кристине Ламбрехт ја презеде функцијата во декември 2021 година, таа беше свесна дека презема „машинерија“ на која низ годините многу се штедело и каде има огромен недостиг на опрема. Таа вети дека подобрувањето на набавките во Бундесверот ќе биде приоритет. Ламбрехт мораше да сфати колкав напор бара таа задача и колку е долготраен процес, кога поради рускиот напад врз Украина итно беше одвоен специјален фонд од 100 милијарди евра за да ја подигне одбранбената подготвеност на Бундесверот повторно на висина на задачата. Првиот од многуте планирани проекти за вооружување беше спроведен дури изминатиот декември.

Грешки и срам

Ламбрехт никогаш не успеа да се извлече од негативните наслови во медиумите. Различни политички грешки, често поврзани со несмасна комуникација, следеа една по друга. Таа никогаш не се спријатели со работата со Бундесверот. Се зголемуваа сомнежите за нејзината компетентност да води еден толку важен ресор како одбраната, а опозицијата постојано бараше разрешување на Ламбрехт. Но, канцеларот Олаф Шолцдолго време стоеше зад неа давајќи и целосна поддршка. Дури многумина во редовите на самата СПД се прашуваа како еден искусен политичар може да направи такви грешки со оглед на тоа дека Ламбрехт сепак е две и пол децении во сојузната политика.

Германскиот канцелар Олаф Шолц (лево) долго и пружаше целосна поддршка на Кристине Ламбрехт (лево)
Германскиот канцелар Олаф Шолц (лево) долго и пружаше целосна поддршка на Кристине Ламбрехт (лево) Фотографија: Sebastian Gabsch/Geisler-Fotopress/picture alliance

Министека за правда - функција по струка

Откако го завршила школувањето за правник и работела како адвокат, во 1998 година за прв пат добила мандат во Бундестагот. По раѓањето на синот одела на работа заедно со него. „Син ми порасна во Бундестагот”, раскажуваше еднаш за весникот „Ди Цајт”. Вели дека пелени му менувала на работната маса. Родум од Манхајм, таа пет пати го добивала мандатот од народот сѐ до 2017 година и повеќе пати била шеф на пратеничката група на СПД и заменик шеф на фракцијата. Кога Шолц во 2018 година стана министер за финансии, Ламбрехт му беше парламентарен државен секретар во ресорот. Потоа во јуни 2019 Ламбрехт стана министерка за правда кога тогашната министерка Катарина Барли замина на европската политичка сцена. Како правник беше во свој елемент на таа функција. Доста ангажирано се бореше против омразата и и подбуцнувањата во онлајн просторот. Тогашниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер во 2020 година „и го качи притисокот” откако демонстративно и врати нацрт закон за стечај во кој Ламбрехт користела исклучиво женски род во формулациите. Во ноември 2020 година таа најави дека нема да се кандидира за реизбор. „22 години Бундестаг значат 22 години втора адреса и живот во куфери”, објасни таа тогаш за магазинот „Шпигел”. Таа оцени дека е „на возраст на која може да се започне и со нова професија” притоа алудирајќи на работата како адвокат - опција која сега повторно и е отворена.