Критики за Бајден при посетата на границата со Мексико
9 јануари 2023Првата посета на американскиот претседател Џо Бајден на јужната граница на САД, во сојузната држава Тексас, е засенета од длабоките политички тензии во земјата. За време на неколкучасовната посета во градот Ел Пасо, Бајден се сретна со граничарите и прошета долж граничниот ѕид со Мексико, по што отпатува за Мексико Сити. Демократот Бајден имаше студен пречек од гувернерот на Тексас, Грег Абот. Републиканецот Абот му предал на Бајден писмо во кое упатува сериозни обвинувања против владата. Посетата, според него, доаѓа две години предоцна, а за „хаосот“ на границата е одговорен „неуспехот“ на Бајден.
Абот бара продолжување на изградбата на граничниот ѕид
Ел Пасо од неодамна е претворен во тежиште на миграцијата во САД. Ситуацијата драматично се влоши во декември. Абот веднаш јавно го објави писмото што му го дал на Бајден. „Нивната политика на отворени граници ги охрабри картелите кои се збогатуваат од трговијата со смртоносен фентанил, па дури и со луѓе“, се вели во писмото. САД ја доживеаја „најлошата илегална имиграција“ во историјата на земјата. Републиканецот бара веднаш да се продолжи со изградбата на граничниот ѕид во Тексас.
Една од првите работи кои Бајден ги презеде по стапувањето на функцијата е запирањето на изградбата на ѕидот. Тој постојано е остро напаѓан од Републиканците поради ситуацијата на границата. Републиканските гувернери на различни држави во јужниот дел на САД - вклучително и Абот - минатата година постојано испраќаа автобуси полни со мигранти во сојузните држави управувани од Демократите, како Њујорк или главниот град Вашингтон, со цел да извршат притисок врз Бајден. Белата куќа потоа ги спореди гувернерите со шверцери.
На границата меѓу САД и Мексико, во периодот помеѓу октомври 2021 и октомври 2022 година, американската Агенција за гранична заштита регистрирала повеќе од два милиони обиди на луѓе да влезат во САД. Притоа, статистиката покажува дека се зголемува бројот на луѓе кои не потекнуваат од Мексико, Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор. Сè повеќе луѓе доаѓаат од Куба, Колумбија, Никарагва и Венецуела. Илјадници мигранти во моментов чекаат на границата со САД, надевајќи се на можност да влезат во земјата.