Кризата ги подгрева стравувањата за загадувањето
14 декември 2022Енергетската криза, високите цени на струјата и пелетите, натераа голем број граѓани повторно да ги запалат шпоретите на дрва во своите домови. Кризата ги подгрева стравувањата дека не очекува особено тешка зима со енормно загадување во повеќето градови. Скопје со години наназад е високо на листата на енормно загадени градови на Балканот, но оваа зима тешко се дише и во останатите градови во внатрешноста. Облаци од чад и тешка миризба надвиснуваат и над Кавадарци, Гостивар, но и над Охрид.
„Мерните станици во текот на вчерашниот ден покажаа загадување на воздухот во повеќето урбани средини во земјата, а големо загадување во одреден момент од вчерашниот ден е забележано и во Охрид“, вели ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски, кој ја следи оваа проблематика и раководеше со Лабораторијата за животна и работна средина „Амбикон“.
Аларм во повеќе градови
Мерните станици на УГД-Штип засега не откриваат големо загадување во Штип, поради местоположбата, ветерот и климата. Но, мерните станици покажуваат дека повеќето урбани средини во земјата покажуваат повисоки нивоа на загадување, над дозволеното. Причина за тоа, професорот ги лоцира во енергетската криза и промената на горивата кои се користат за загревање.
„Луѓето повторно се враќаат на изворите на греење кои загадуваат. Струјата е доста скапа и повторно се враќаат на согорување на дрва и други материјали, коишто не само што се опасни за загадувањето, тие се екстремно опасни и по здравјето на луѓето“, вели Мираковски. Решението за проблемот го гледа во изградба на системи за греење и во останатите градови, по примерот на Скопје, а за да се намалат трошоците за струја неопходно е да се инсталираат фотоволтаици и други извори на зелена енергија. Тоа не само што ќе го намали товарот од трошоците, туку ќе доведе и до помало загадувањето на воздухот во текот на зимата.
Стравувања
И невладините организации изминатиот период посочуваа дека зимава ќе има големо загадување поради ПМ честичките, како и емисиите од стакленички гасови кои ги испуштаат сите термоелектрани, кои ќе користат јаглен и мазут. Граѓаните кои не можат да врзат крај со крај често посегнуваат по се што ќе најдат за да ги стоплат своите домови, не водејќи смета за густиот чад кој се издига од нивните оџаци.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, во неколку наврати укажа дека и граѓаните, како и институциите треба да се грижат за животната средина и да ги почитуваат стандардите, во однос на затоплувањето на нивните домови во зимскиот период. Тој е дециден дека скопските топлани не смеат да работат на мазут, кој како опција единствено би можел да се користи во случај на хаварија, која би спречила пристап до гас.
Надлежните стравуваат дека не очекува тешка зима во која ќе се користат нечисти горива за производство на електрична енергија и за затоплување на домовите, што ќе го зголеми загадувањето на воздухот. Но, министерот Нуредини во октомври вети дека инспекциите и понатаму ќе бидат на терен, а на големите индустриски капацитети и загадувачи нема да им се прогледува низ прсти.