1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската влада бара место во орбитата на Трамп

13 ноември 2024

Играњето само на една карта во надворешната политика - Доналд Трамп и Виктор Орбан, е ново самозалажување и купување време во отсуство на храбрите чекори кои се бараат од државното раководство. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4mwqz
Доналд Трамп
Колку Доналд Трамп ќе и помогне на Северна Македонија?Фотографија: Evan Vucci/AP Photo/dpa/picture alliance

Безмалку цела владејачка партија со се поддржувачи и симпатизери воскликна по изборите во САД дека Северна Македонија ќе има протекции кај победникот Доналд Трамп. Кон триумфот лично се придружи и премиерот Христијан Мицкоски, кој веднаш по гласањето во САД побрза да каже дека и на изборниот ден бил во контакт со луѓето околу републиканскиот кандидат. „Искомунициравме од заднината на самиот настан во текот на денот од Мар-а-Лаго каде што и тие ги следеа резултатите. Така што имав комуникација би рекол во текот на утринските часови. Ја честитав победата“, рече тој.

Мицкоски смета на конекциите со Хауард Лутник, основач и извршен директор на една од водечките финансиски корпорации во САД – Кантор Фицџералд (Cantor Fitzgerald), кој го предводи транзицискиот тим за Белата Куќа и за кој премиерот рече дека стоел рамо до рамо со семејството на Трамп на прес-конференцијата по неговата победа. 

Хауард Лутник
Хауард Лутник летово престојуваше во Северна Македонија во својство на бизнисмен и потенцијален инвеститорФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Лутник летово престојуваше во Северна Македонија во својство на бизнисмен и потенцијален инвеститор при што заедно со уште двајца други гости беа примени на највисоко ниво, како од премиерот така и од претседателката Сиљановска. Во гостинската група беше и Девин Нунес, поранешен конгресмен на Калифорнија, и актуелен извршен директор на Трамп корпорација за медиуми и технологија. Мицкоски при посетата ги опиша како дел од најблискиот круг на соработници на американскиот милијардер и иден претседател. Во текот на летото Мицкоски имаше две средби и со Ричард Гренел, кој исто така се смета за важна личност во опкружувањето на Доналд Трамп, и за кој соработниците на Мицкоски веднаш прогнозираа дека ќе биде новиот шеф на дипломатијата и грб на Северна Македонија во битката со Бугарија. 

Нема ништо лошо во тоа да се бара место во орбитата на моќните, меѓутоа неодговорно е во јавноста да се подгреваат надежи дека македонскиот државен врв добил на томбола со изборот на Доналд Трамп за претседател. Тоа во политиката се вика купување време, купување мир, додека трае мандатот и предизвикување фатаморгана за жедните граѓани за европски вредности да поверуваат дека целта е на дофат без никој да мрдне со прст. 

Рано е за триумфализам 

За триумфализам прво ќе треба да се почека да се случат именувањата што ќе ги направи новиот станар на Белата Куќа. Њујорк Тајмс на пример, повикувајќи се на извори од најблиските луѓе на идниот претседател објави дека државен секретар ќе биде Марко Рубио, републикански сенатор од Флорида, а  веродостојноста на веста се засили и кога неговиот колега сенатор во понеделникот (11.11) му честиташе на Рубио за новата позиција. 

Марко Рубио Доналд Трамп
Доналд Трамп и идниот државен секретар на САД Марко РубиоФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

За очекување е дека пријателите на Северна Македонија, како што ги нарекува партијата на власт, навистина ќе извршуваат важни функции во администрацијата на претседателот Трамп. Но зарем некој верува дека покрај толку горливи прашања во светот кои ќе се најдат на нивното работно биро, тие ќе дадат предност на малата балканска држава чија влада не сака да ја преземе обврската што претходната влада ја прифатила во име на државата? Зарем нашата земја ја водат толку неискусни и политички непотковани луѓе за да очекуваат дека Трамп и Вашингтон ќе ја внесат Македонија на бел коњ во Европската унија, без да ги исполни меѓународно преземените обврски на кои мораше дури и Емануел Макрон да потсети. 

Таква наивност и подгревање на лажни очекувања во македонската политика не е нова. Ист таков амбиент градеше и Никола Груевски во спорот со Грција, надевајќи се пред секоја смена на влада во Атина дека таму ќе дојде премиер кому нема да му пречи името Македонија и ќе го отповика грчкото вето за членството во НАТО. Врв на наивноста и на манипулациите беа „анализите“ дека Грција поради должничката криза ќе биде избркана од ЕУ и дека ќе и се намали геополитичкото влијание, па Македонија слободно и без никакви условувања ќе влета во НАТО зачувувајќи си го името. 

Јалови тактики 

Кога сме кај американското влијание на кое сега сметаат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, како да се заборава дека утрината пред почетокот на НАТО самитот во Букурешт во 2008 американскиот претседател Буш даде изјава дека покана за членство тој ден ќе добијат Македонија, Хрватска и Албанија. Меѓутоа исходот беше поинаков. Со покани се вратија само Хрватска и Албанија, а Македонија се врати со задача да го реши спорот со Грција. И СДСМ користеа такви тактики кога го рушеа Груевски ширејќи вести дека САД ќе се заложат Македонија да влезе во НАТО без промена на името, но не сакаат тоа да го сторат додека е Груевски е на власт, туку кога тие ќе ја преземат власта. Потоа со нелагодност беше соопштувано дека при средбите во САД им било речено дека прво треба да го решат името па потоа ќе влеземе во НАТО. 

Победата на Трамп уште повеќе го зацврсти Орбан на пиедесталот на кој го постави владата на премиерот Мицкоски бидејќи унгарскиот лидер е еден од ретките на европско тло кој одржува лично пријателство со новиот американски претседател. Мостот меѓу Скопје и Будимпешта деновиве е прилично фреквентен, а во посета на Унгарија отиде дури и првиот човек на Армијата на Северна Македонија каде се сретна со колегата од унгарската армија. Во вторникот (12.11) во Баку на самитот за климатски промени се одржа и средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со унгарскиот премиер, на која присуствуваше и министерката Сања Божиновска, што сѐ заедно укажува на исклучителното значење што македонската дипломатија ја придава на односите со Виктор Орбан.  

Овие јалови игри досега ја чинеа многу нашата држава бидејќи се губеа години и децении во очекување нам да ни се наредат картите и да ги оствариме нашите стратешки интереси по најмала можна цена. Да се имаат во мобилниот телефон броевите на високи американски личности е импресивно и корисно, но да се надева еден функционер дека такви контакти ќе донесат сеизмички пресврт во геостратегиските процеси кои ја засегаат нашата земја е наивно и неопитно. Можеби тоа ќе беше успешна формула но во некое друго време и поинакви околности од сегашните во кои Македонија три децении не успеа да изгради слика за себе како функционална демократија и држава со силни институции. Затоа и сегашното играње само на една карта во надворешната политика - Доналд Трамп и Виктор Орбан, изгледа како ново самозалажување и вовед во нови разочарувања и сознание дека дипломатијата ја градиме на ад-хок настани и личности наместо да извлечеме поуки од минатото и да покажеме зрел пристап во остварувањето на стратегиските интереси. 

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи