1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски приклучок до „новата епоха“

28 септември 2022

Отворање на гасната интерконекција Комотини-Стара Загора ќе донесе придобивки и за Северна Македонија и Србија.

https://p.dw.com/p/4HRUk
Балкански земји, како Србија и Северна Македонија - преку Бугарија ќе можат да добиваат азербејџански гас кој е поевтин од рускиот
Балкански земји, како Србија и Северна Македонија - преку Бугарија ќе можат да добиваат азербејџански гас кој е поевтин од рускиот Фотографија: TAP AG

Три дена пред почетокот на „најтешкиот период за нас“, како што премиерот Ковачевски го нарече периодот од први октомври до април идната година, сѐ уште трае потрагата за набавка на енергенси по цени поповолни од берзанските, за потребите на граѓаните и стопанските субјекти. Разговори беа водени со Србија, Бугарија, Грција, Турција, (претстојат и со други земји), и дел се делумно завршени, за дел се чека епилог.

За три дена претставници на овие земји ќе се најдат на едно место - во Бугарија, на свечената церемонија за отворање на гасната интерконекција меѓу Комотини (Грција) и Стара Загора (Бугарија). На покана на бугарскиот премиер Румен Радев, на отворањето на гасната интерконекција ќе присуствува грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој ќе биде придружуван од грчкиот министер за животна средина и енергетика, Костас Скрекас. Поканети се и претседателите Република Северна Македонија, на Србија и Азербејџан, Стево Пендаровски, Александар Вучиќ и Илхам Алиев, како и премиерот на Романија, Николае Чука. На церемонијата ќе присуствува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Македонскиот претседател, кој во тв-интервју веќе најави дека на први октомври ќе оди во Бугарија, рече дека досега четири пати разговарал телефонски со Радев околу  увозот на електрична енергија од Бугарија.  Во однос на ова прашање, засега епилог нема. Премиерот Ковачевски вчера објасни дека „таму е малку посложена ситуацијата, бидејќи Бугарија во моментов нема парламент, а нивното законодавство е прилично лимитирано во однос на продавање на вишоци на електрична енергија со директни договори“.

Еден ден пред предвремените парламентарни избори во Бугарија (2-ри октомври), пуштањето во употреба на гасната интерконекција ќе и овозможи на соседната земја уште една предност: да стане главна транзитна траса на Балканот. Интерконекторот е со должина од 182 километри, од кои 140 километри на бугарска територија. Кога гасоводот ќе профункционира, низ него ќе поминуваат 3 милијарди кубни метри гас годишно - приближно колку годишната потрошувачка на Бугарија. Доколку е потребно, може да се зголеми капацитетот на 5 милијарди кубни метри годишно.

Грција гасовод
Грција станува влезна енергетска порта за Југоисточна Европа, пишуваат грчките медиумиФотографија: Trans Adriatic Pipeline

Енергетска порта

Настанот и во Грција веќе е дефиниран како „почеток на нова епоха“ за енергетската карта на Југоисточна Европа. Преку интерконекторот ќе потече природен гас од Грција кон Бугарија, а во подоцнежна етапа - и кон другите земји од Балканот, па дури и до Украина. Работата на гасоводот ќе започне со природен гас од Азербејџан, но од крајот на 2023 година по него ќе се движат значителни количества кои ќе доаѓаат од терминалот за течен гас во Александрополис.  Значењето на проектот го пренесуваат и грчките медиуми.

„Со овие проекти Грција станува влезна енергетска порта за Југоисточна Европа, продлабочувајќи ја својата геополитичка позиција и истовремено помагајќи да се прекине зависноста од испораките на руски природен гас“, ги пренесуваат грчки медиуми експертските оценки.

„Во пресрет на тешката енергетска зима, Бугарија обезбедува азербејџански гас преку Грција“, пишува „Прото тема“, додавајќи дека и соседните балкански земји, како Србија и Северна Македонија - преку Бугарија ќе можат да добиваат азербејџански гас кој е поевтин од рускиот. Ситуацијата ќе се промени следната година, кога ќе биде пуштен во употреба  терминалот за течен гас во Александруполис  и ќе обезбеди пренос до Република Северна Македонија, Србија, Косово и тн.

Неизвесно утре

Но, 2023 година е „далеку“, имајќи предвид дека ни 18 дена пред почетокот на грејната сезона, на пример, сѐ уште не се знае  која фирма ќе ги „грее“ жителите на Скопје.  На вчерашната владина седница донесена е одлука за одобрување 1,1 милијарда денари на АД „Електрани на Северна Македонија“ за набавка на енергенси пред почетокот на грејната сезона, согласно со Одлуката за постоење на  кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

Властите уверуваат дека греење ќе има и за домовите и за градинките.

„Парно ќе има и за граѓаните и за градинките, затоа што Владата е одговорна, се грижи за граѓаните и ја менаџираме енергетската криза“, порача вчера министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, објаснувајќи дека градинките плаќаат струја како домаќинствата, а не индустриска.

Во моментов во функција е ставен ТЕЦ Осломеј кој долги години не работеше, се работи на оспособување на блок три во РЕК Битола, и на пуштање на вториот котел во ТЕЦ Неготино. Заради застареност на опремата (постара од 40, а некаде и 50 години), за можни ризици се сметаат непредвидени испади на термо блоковите во Битола и Осломеј. Но, најголем ризик останува непредвидливоста на цените на природен гас и на електричната енергија. На почетокот на септември, по седницата на Советот за безбедност на која се расправаше за енергетската криза, премиерот вети подобрување на перформансите на домашното производство, оптимална екстерна поддршка и непречено снабдување.

„Во најтешкиот период за нас кој започнува на први октомври до април идната година и до почетокот на летото, на сите македонски граѓани дома, на сите ученици, студенти, на сите микро, мали и средни бизниси да им обезбедиме најниска можна цена на електрична енергија, најниска можна цена и непречено снабдување со топлинска енергија, воопшто енергија за нивните потреби каде и да се, кога и да е! По сегашната цена, со задржување на евтината струја и со гаранција за 24 часа целосна достапност!“, вети Ковачевски.