Неколку месеци по руската агресија врз Украина на 24.02.2022 Украинците го смислија глаголот „Макронирање“ (Макронет на украински), за да го опишат однесувањето на некоја личност која формално се прави многу загрижена пред одредена ситуација, но која потоа во суштина не прави апсолутно ништо.
Со тоа му се замеруваше и на францускиот претседател за неговото инсистирање да оддржи отворен канал со Путин, за неговите намери „да не се понижи Русија“, додека на терен Русите бомбардираа и маскарираа цивилно население. Овој пат, на втората годишнина од инвазијата, кованицата „Макронирање“ добива сосема поинакво значење. Денес таа означува обид да се прекрши табуто за подиректна западна помош кон Украина или за употреба на западни копнени сили во Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон даде изјави за руската војна против Украина кои ретко се слушаат од западни политичари. По набрзина свиканата конференција на 25 влади од Европа, САД и Канада, Макрон излезе со изјава: „Ќе направиме сѐ што е можно и додека е нужно“. Не е исклучено ни испраќање на француски копнени силиво Украина, рече Макрон, но веднаш се ограничи дека тоа е сега само теоретска дискусија, дека на пример Германија, Полска, Велика Британија и балтичките земји биле против, нема согласност за тоа прашање.
„Двосмислена стратегија“
Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот, по првичниот молк во неделата вечерта, изјави дека во Париз не владеело единство, и дека нема да се испраќаат европски војници во Украина, со што му противречи на Макрон. Слична реакција следуваше и од НАТО, а иницијативата или провокацијата на Макрон разбуди бурни реакции и во Франција, дека „војна со Русија е лудило“ како што ќе каже лидерот на радикалната левица Меланшон, додавајќи дека „Макрон ја губи контролата“.
Но, што се крие зад овие зборови на францускиот претседател и неговото „Макронирање“? Повеќе од само обичен предлог, станува збор за стратегија, односно, за зајакнување на нешто што се нарекува „двосмислена стратегија“. Тоа значи да се всади сомнеж дека целта на оваа порака е да се направи или да не се направи одредено нешто. Тоа што е очигледно е дека Макрон и неговите советници се убедени дека нешто вакво се уште може да има пресудна улога во конфликтот, особено во момент кога довербата кај Путин расте и тој се чувствува семоќен.
Се разбира, постојат негативни аспекти на оваа иницијатива, како што е ескалација на конфликтот или дополнителна конфузија и поделби во рамки на НАТО. Но, постои и многу позитивен аспект, а тоа е да се подигне нивото на свест помеѓу западните сојузници, дека сериозно ги потценуваат импликациите од евентуална руска победа во Украина, која од актуелната замрзнатост на конфликтот, би можела да стане многу поопасна. Секое влошување на состојбите би имало сериозно негативни импликации врз европската безбедност затоа што би се создал нерешлив конфликт во Украина, кој потоа би останал како извор на непрекинати тензии помеѓу Русија и Западот. Киев воедно би се нашол во многу кревка ситуација, затворен од една Русија која никогаш не би го намалила притисокот врз украинските граници и сите свои иницијативи и провокации, закани, саботажи, акции на дезинформации и пропаганда, против самата Украина, но и останатите западни сојузници.
Дилемата која одамна струи низ европските канцеларии
Потоа тука се техничко-воените прашања кои мора набрзо да добијат некакво решение или да излезат од актуелната надолна линија за Киев и Западот. Пред некој ден Русите се пофалија дека уништиле Абрамс тенк, наводно, најсофистицираниот, модерен и најмоќен тенк на планетата. Моќните Абрамс тенкови влегоа во акција во Украина само почнувајќи од минатата недела и веќе еден е уништен, а друг е оштетен. Но, Пентагонот веќе предупреди: војниците на Киев имаат сериозни проблеми во користење на тенковите, затоа што се премногу софистицирани и комплицирани и сосема различни од советските тенкови на кои се навикнати. И тоа е состојбата со сите наоружувања кои Западот ги испраќа, без разлика колку време Украинците тренирале со нив, а и тоа време секако не е предолго. Колку што оружјето кое Западот го испраќа е помодерно, толку е потешко за Украинците да ги користат, а да не збориме за уште потешкиот дел да научат правилно да ги користат тактитите за нивна употреба или камоли да имаат капацитет да ги оддржуваат или поправаат.
Истата ситуација е и со авионите, толку најавуваните Ф-16, како оружјето кое треба да направи пресврт во војната. Подготовките трајат веќе 9 месеци, но се уште сме до никаде. Не толку заради пилотите, колку поради недостатокот од персонал кој треба да ги оддржува воените авиони, и каде секоја авијација предвидува да ги има барем дупло повеќе од пилотите. Воедно, најголем дел од артилеријата донирана од НАТО или популарните Химарси, еднаш кога ќе се оштетат или употребат премногу, мора да бидат вратени на поправка во американските и германските фабрики, процес кој трае и по неколку месеци.
Зад зборовите на Макрон лежи токму дилемата која од поодамна струи низ европските канцеларии. Доколку сакаат на Киев да му обезбедат способност да ја издржи супериорната воена маса и капацитет на Русија, единствениот пат е да се победи квантитетот со квалитет, обезбедувајќи технолошки напредно вооружување. Но, употребата на тоа вооружување бара месеци подготовки, нешто што во овие моменти Украинците го немаат на располагање. Оттука, единствениот начин за на украинската одбрана да и се обезбеди способност веднаш да ги употреби напредните ракети со голем дострел, воените авиони, хеликоптерите, радарите, противвоздушнате одбрана и апаратите за електронско војување, е да се испратат западни војници на терен. Не толку војници од првите линии, пешадија или авионски и тенковски пилоти, туку техничари кои ќе се погрижат инструментите прописно да функционираат и старешини кои ќе сугерираат како тактички е најдобро тие оружја да се употребат.
Завеса од хипокризија и тајност
Зад хорот од „НЕ“ за предлогот на Макрон постои една завеса од хипокризија и тајност. Од самиот почеток на конфликтот слушаме за присуството на „советници“ на терен. Во многу случаи станува збор за британски, американски и француски контрактори, најмени преку приватни фирми, во најголем дел обучувачи на специјални сили, кои од позадина ги придружуваат Украинците во нивните акции. Сега, очигледно е дека досегашното ниво на присуство на западни „советници“ не е доволно и прашањето е дали бројката на овие војници-духови треба да се зголеми. Се разбира, за да не се инволвира НАТО, слична интервенција може да се изведе само билатерално, преку една коалиција на волјни земји, но имајќи предвид дека и тие би дошле од НАТО членки, ескалацијата секако би станала неизбежна. Во исто време не може да се исклучи некаков вид на интервенција координирана на мултилатерално ниво, надвор од НАТО, повторно не преку сили кои би се бореле на терен, туку персонал кој би можел да се бави со инструкции, трејдинг, логистика и разузнавање.
Тоа што веќе е јасно е дека за француските власти времето за „помирување“ со Русија е завршено. Со приближувањето на европските избори и падот во сондажите, на Макрон му е кристално јасно дека не смее да си дозволи Русија да остварува воени победи, ниту да продолжи да ги продлабочува економските, социјалните и политичките поделби во Европа. Воедно, на Макрон му е јасно дека војната во Украина не може да си дозволи да ги чека резултатите од американските и европските избори за да направи некаков пресврт на терен. Војната секако ќе почека и ќе потрае, затоа што нема да заврши во 2024-та, но Западот не може и нема да си дозволи да остане заглавен во актуелната замрзнатост или офанзива на Русија. Затоа Макрон изјави дека ја поддржува иницијативата на Чешка за купување муниција надвор од континентот. Чешка сака да купи до 800.000 артилериски гранати од трети земји.
А што се однесува до отпорот кон актуелното „Макронирање“ или колебливите ставови на Германија и другите земји од ЕУ и НАТО, францускиот претседател ги потсети сојузници дека: „Многу од луѓето денес кои велат ‘Никогаш!' се истите оние што велеа пред две години: никогаш тенкови, никогаш авиони, никогаш проектили, никогаш ова, никогаш она“.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.