Маричиќ призна: Холандија е загрижена за измените на КЗ
26 септември 2023Покрај реакцијата на Европската комисија за неодамнешните контроверзни измени на Кривичниот законик, Холандија и билатерално реагирала до Владата и изразила загриженост за посочените законски измени, призна вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„Имав контакт со холандскиот амбасадор и со претставници од Хаг. Изразија загриженост и рекоа дека натаму ќе ја следат ситуацијата. Ништо повеќе од тоа, ништо повеќе од тоа што се најде во соопштението на Европската комисија. Ние сме во комуникација, Холандија беше, да речам, единствена која реагираше и директно, билатерално, а останатите преку ЕК“, рече Маричиќ во интервју за „360 степени“.
Реакцијата од Холандија дошла после усвојувањето на законските измени во Собранието.
„Сите реакции беа откако законот беше донесен, иако ние навремено ја информиравме и Европската комисија и претставниците на САД дека ќе се донесе таков закон“, рече вицепремиерот за европски прашања.
На прашањето - дали очекуваат тоа да стане реално проблем ако во еден момент Холандија каже - ние сега не можеме да дозволиме процесот да продолжи дури и ако уставните измени се донесат - Маричиќ одговори дека не очекуваат такво нешто.
„Мислам дека нема отворено прашање или проблем кое не можеме да го решиме во текот на преговарачкиот процес, сега е моментот. Имаме и холандски експерт кој работи на патоказот за владеење на правото, заедно со нашиот тим“, смета Маричиќ.
Експерт за декор?
Ако Холандија реагирала дури по усвојувањето на измените на Кривичниот законик, тоа може да значи дека холандскиот експерт кој работел на патоказот за владеење на правото, немал никакви сознанија дека се планираат експресни законски измени на КЗ со кои ќе се намалат казните за различни облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и од член 394 „Злосторничко здружување“. Односно, дека лицата кои ги сториле посочените дела во последните 10 до 15 години ќе имаат непосредна корист и ќе можат да избегнат кривична одговорност, а опасност од настапување на апсолутна застареност ќе има за повеќе предмети од висок профил што ги иницираше СЈО.
А токму холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп во мај годинава потсети дека единствената причина поради која Холандија се согласила со одлуката за почеток на пристапни преговори на РСМ со ЕУ, било токму гарантирањето дека ќе се процесуираат предметите на поранешното СЈО.
„Она што ние напротив го гледаме, е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој“, рече Коп во мај.
Три месеци подоцна, со донесување на измените на КЗ, се овозможи застарување на 14 судски предмети на СЈО во кои се обвинети над 80 лица. Притоа, во оваа пресметка што ја направи Коалицијата Сите за правично судење, не беа земени предвид и случаите кои во моментот се наоѓаат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
За увид во „вистинските чекори"
Информацијата дека од Холандија било побарано да номинира експерт во работната група која што ќе го креира патоказот за владеење на правото, исто така ја обелодени вицепремиерот Маричиќ во јуни година. А тоа уследи откако холандскиот амбасадор во РСМ оцени дека состојбите во правосудството во РСМ се влошуваат, и дека по преседанот со разрешување и именување на претседател на Судскиот совет Кралството Холандија решило да стави во мирување голем проект за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот Совет.
„Ние ја поканивме Холандија да испрати - номинира свој експерт во работната група која што ќе го креира патоказот за владеење на правото и тие тоа го прифатија и веќе имаме номинација, така што очекуваме под надзор на Холандија да се направи тој патоказ за владеење на правото, за да имаат тие доверба дека сме ги предвиделе вистинските чекори како Влада за наредниот период што следува до членство и да направиме суштинска промена во сите области, особено во клучните - борбата против корупцијата и борбата за владеење на правото“, најави Маричиќ во јуни.
Тој рече дека со Холандија постои непосредна, директна отворена комуникација за тоа и за сите други прашања, со очекување во наредниот период тој дијалог да се интензивира.
„Важно е не само Холандија, туку и целата Европска Унија, да биде убедена дека ние ги преземаме вистинските чекори. Борбата против корупцијата и борбата за владеење на правото е долгорочен процес и Холандија и сите други држави членки на ЕУ во Владата секогаш ќе имаат сојузник по ова прашање, но и во долгорочните мерки и системските одлуки што треба да се носат“, рече Маричиќ.
Сојузникот од Будимпешта
Кралството Холандија, меѓу другото, со години е силен поддржувач и на проекти за зајакнување на капацитетите на правосудството, во насока на напредок на РСМ во евроинтегративниот процес. Покрај проектот „Матра“ за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот Совет, Академијата за судии и јавни обвинители и Центарот за обука и правосудни студии (SSR) на Кралството Холандија, минатата година потпишаа меморандум за соработка за активности со кои ќе се зајакнат институционалните капацитети на Академијата со цел да се обезбеди повисок квалитет во спроведувањето на обуките наменети за судиите и јавните обвинители, за слушателите во почетната обука на Академијата, за студиски посети на SSR и за размена на експертски искуства.
Но, сојузништвото со земји-членки на ЕУ за реформи во правосудството не падна само во сенка на контроверзните измени на КЗ, туку повеќе од две седмици е во сенка на мотивите за нивното експресно усвојување.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за „360 степени“ сподели материјали од УСБ, за кои тврди дека се дел од тајна комуникација меѓу поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и трето лице.
Во нив, меѓу другото, било наведено дека носењето на измените на Кривичниот законик ќе ја релаксира напнатоста во општеството како резултат на политичкиот прогон, како образложение зошто се предлага намалување на казните. Според Николоски, индикативно е тоа што предложените измени во документот од УСБ-то кореспондираат токму со измените што ги предложи Владата, а експресно ги усвои Собранието.
Според Николоски, комуникацијата со Груевски првично била поттикната од ДУИ, а потоа и од СДСМ, со план да се привлечат пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои би гласале за уставните измени. Но откако таа варијанта не успеала, целта била да се ослабне резултатот на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори. На прашањето - како јавноста да верува дека тоа што го тврди е точно кога секој може да земе УСБ и да состави одреден текст во „ворд“, Николоски рече дека „на тоа уесбе има јасна трага кој е креатор на текстот“.
Игра без излез
Експремиерот Никола Груевски синоќа преку видеоврска во емисија на порталот „Инфомакс“ ги демантираше таквите наводи, со став дека „секој може да направи УСБ“.
„Можам јас да ви направам за 15 минути. Може кој било човек да направи за 15 минути и да каже ова е уесбето што пратил Груевски. Јас можам за 15 минути да напишам писмо и да кажам ова е од Александар Николоски. На пример, ако има во октомври избори, дека Александар Николоски дал предлог дека ќе коалицираат со ДУИ, да го извадам уесбето и да кажам дека Мицкоски преку Николоски му нуди на ДУИ избори и потоа коалиција“, рече Груевски.
Членот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Трајковски, кој во периодот кога поранешниот премиери избега од Македонија му даде голема поддршка и го посети во Будимпешта (средба од која протекоа фотографии во јавноста), вчера му се обрати на Никола Груевски на Фејсбук.
„Почитуван Никола, дали тоа што го кажуваш во емисијата можеш да ми го кажеш и мене, гледајќи ме во очи? Дали Никола можеш да негираш дека од мене бараше да направам средби со претставници од власта на кои ќе зборуваме за измени на Кривичниот законик?“, праша јавно Трајковски.