1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Матарела: Италија давала и ќе дава поддршка на патот кон ЕУ

ЕМФ | МИА
9 септември 2022

Италијанскиот претседател Серџо Матарела во македонското Собрание порача дека земјата треба да е горда на почетокот на преговорите со ЕУ.

https://p.dw.com/p/4GdDL
Македонскиот и италијанскиот претседател, Стево Пендаровски и Серџо Матарела, во Скопје, 9.09.2022
Македонскиот и италијанскиот претседател, Стево Пендаровски и Серџо Матарела, во Скопје, 9.09.2022Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

„Италија секогаш давала и ќе продолжи да дава силна поддршка за патот на Северна Македонија кон Европа“, изјави денеска (9.09) пред македонските пратеници италијанскиот претседател Серџо Матарела. Тој во говор во Собранието рече дека создавањето услови за неодамнешниот почеток на преговорите со Брисел претставува успех на кој „треба да сте горди, во очекувањето да се достигне крајната цел за полноправно членство во ЕУ, како што впрочем се случи со вашата одлука да се приклучите кон НАТО“

Според Матарела, местото на Северна Македонија е во Европа заради вредностите, историјата и културата. Претходно, на прес-конференција со македонскиот претседател Стево Пендаровски, италијанскиот претседател зборуваше за важноста на евроинтеграцијата во контекст на војната во Украина. Тој рече дека „континенталната интеграција е дел од мирот и отсекогаш била во основата на татковците на Европа“ и дека интеграцијата на континентот „нема да биде целосна без земјите од Балканот“.

Италијанскиот претседател Матарела (л.) ја потенцираше поддршката на неговата земја на патот на Северна Македонија кон ЕУ
Италијанскиот претседател Матарела (л.) ја потенцираше поддршката на неговата земја на патот на Северна Македонија кон ЕУФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Претседателот Пендаровски, пак, истакна дека во изминатите години евроинтеграцијата на Западен Балкан не беше приоритет на ЕУ, но тој се надева дека новиот фокус на регионот ќе биде од потраен карактер.

„Јас се надевам дека новиот фокус на ЕУ кон Западниот Балкан не е само поради ургентноста на ситуацијата со руската инвазија во Украина, туку ќе биде од траен карактер ,затоа што на Балканот во Брисел не би требало да се сеќаваат само кога има големи проблеми како што беше во 2015 и 2016 година – огромната мигрантска криза“, рече Пендаровски.