1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГрција

Метеорскиот подем на Ева Каили

Јанис Пападимитриу
13 декември 2022

Студентка, ТВ-водителка, политичарка, потпретседателка на Европскиот парламент - ова се само дел од станиците во досегашната кариера на Ева Каили. Таа важеше за еден од најголемите политички таленти во Грција.

https://p.dw.com/p/4KrYb
Уапсена во Брисел под сомнение за корупција: грчката политичарка Ева Каили
Уапсена во Брисел под сомнение за корупција: грчката политичарка Ева КаилиФотографија: Christoph Hardt/Panama Pictures/picture alliance

Локалните избори во Грција се еден вид отскочна штица, идеална за „префрлање“ на некоја поважна функција. На почетокот на овој век, многу избирачи копнееја за нови лица. Во Атина, Алексис Ципрас стана лице од насловните страници откако во 2006 година се кандидираше за градоначалник и освои над 10 отсто од гласовите за својата левичарска партија. Тој во 2015 година стана премиер и владееше 4 години со Грција.

Во исто време, во Солун, вториот по големина грчки град, започна да се зборува за една млада жена - Ева Каили. Студентка по архитектура, која од 2002 година беше советничка во градското собрание и тоа на листата на подоцнежниот министер за безбедност Спирос Вугијас. Тој ѝ предавал на универзитетот и таму ја забележал Каили.

Младата социјалистка стана најмладата градска советничка во историјата на Солун. А, „освен тоа и најубава градска советничка“, пишуваше грчкиот весник „Прото тема“.

Ева Каили во Европскиот парламент
Ева Каили во Европскиот парламентФотографија: Eurokinissi/ZUMA/IMAGO

Дали една политичарка смее добро да изгледа? Дали Ева Каили се сведува само на својата надворешност? Тоа се прашањата кои оттогаш ќе ја следат младата Гркинка за време на кариерата. Во едно подоцнежно интервју за атинскиот неделник „Параполитика“, таа рече: „Беше тешко да се соочам со тој менталитет, но така научив и да си поставувам повисоки цели. Можеби немаше ни да се трудам толку, кога нема да требаше нешто да докажувам“.

Убава советничка

Нејзиниот прв ментор, Спирос Вугијас, е на глас како префинет ексцентрик, кому му се туѓи политичките патеки. Но, тој имаше многу добар однос со новиот шеф на социјалистичката партија ПАСОК, Јогос Папандреу. А од тоа профитираше и новоизбраната градска советничка. На парламентарните избори во 2004 година Ева Каили освои и пратеничко место за социјалистите - и повторно беше една од најмладите пратеници во историјата на Грција. Тоа беше огромно изненадување.

Меѓутоа, мораше да се откаже од тој мандат. Според изборниот закон, партискиот шеф Папандреу смеел да се кандидира во повеќе изборни окрузи, па дури по објавувањето на резултатите ќе одлучи во кој округ да се „смета“. И покрај сите очекување, се одлучи токму за Солун. Така Каили остана без место во парламентот во Атина.

Кус излет во новинарството

Потоа несудената пратеничка почна да гради кариера на ТВ-водителка. Заврши шест/месечен курс во атинската „Лабораторија за новинарство“. На оваа приватна школа се обучуваа генерации и генерации грчки новинари. Обуката не е лесна - почетниците често почнуваат од нула, мораат да одработат и по неколку слабо платени работи додека не се етаблираат на жестокиот атински медиумски пазар. На Каили, сепак, не ѝ се закануваше таква судбина. И пред завршувањето на курсот доби можност да води попладневен магазин во водечката грчка ТВ-станица МЕГА. Квотите на гледаност беа многу добри.

Го забави раниот подем на младата Ева Каили: поранешниот премиер на Грција, Јоргос Папандреу
Го забави раниот подем на младата Ева Каили: поранешниот премиер на Грција, Јоргос ПапандреуФотографија: Giorgos Kontarinis/ANE/Eurokinissi/picture alliance

Во едно подоцнежно интервју младата политичарка во подем раскажа дека била „тажна“ кога Папандреу го земал за себе мандатот во Солун. Тој, како што рече, очигледно ја донел таа одлука и поради тоа што очекувал оти млада политичарка ќе му прави помалку проблеми отколку некој постар, етаблиран социјалист. Дали тоа беше вербален удар на сметка на шефот? Во секој случај, Каили рече дека тогаш се чувствувала „мотивирано и пркосно“.

Сексистички напад...

Нејзината шанса дојде малку подоцна. Каили во 2007 година повторно освои мандат во парламентот, но тогаш смееше и да го задржи. Многу партиски колеги ја дочекаа со скепса, а тонот стана прилично груб за време на грчката должничка криза.

Откако премиерот Папандреу во 2011 година најави референдум за условите диктирани од кредиторите на Грција, по што беше критикуван од неговите партнери од ЕУ, дојде до раскол со министерот за финансии Евангелос Венизелос. Каили изненадувачки застана на страната на Венизелос, по што се најде на „мета“ на голем број постари социјалисти. На кризната седница на пратеничката група ПАСОК, тогашниот генерален секретар на партијата, Сократес Ксинидис, младата пратеничка ја нарече „курва“.

Премиерот Папандреу не сметаше дека треба да реагира. Каили бараше во рамки на партијата да се започне дисциплинска постапка, но тој вербален напад никогаш не беше казнет. Ксинидис во меѓувреме ја напушти политичката сцена. Во едно подцнежно интервју Каили рече оти тој пред сѐ морал да се извини на своите избирачи.

Контроверзна дури и во нејзината партија: Ева Каили
Контроверзна дури и во нејзината партија: Ева КаилиФотографија: Giannis Papanikos/ZUMA/picture alliance

Нова кариера во Брисел

За Каили новото поглавје почнува со изборите за Европскиот парламент во 2014 година. Таа стана пратеничка на ПАСОК во Брисел. Европратениците од Грција обично се трудат да станат членови на престижниот Комитет за надворешни работи, но Каили се фокусираше на индустриската и на трговската политика. Без разлика дали се работи за дигитализација, електромобилност или за гео-блокирање, Каили секогаш беше таму некаде - па, и како претседател на влијателниот Панел за управување со иднината на науката и на технологијата. Во јануари годинава со големо мнозинство гласови Гркинката беше избрана на функцијата потпретседател на Европскиот парламент.

Меѓу пратениците на ПАСОК во Брисел е и Никос Андрулакис, млад инженер од Крит. Двајцата се многу различни: Андрулакис потекнува од скромно потекло и веќе на прв поглед се гледа дека е повлечена личност. Како политичар, тој се залага за враќање на социјалистичките вредности. Но, дека тој има и политички талент, стана јасно најдоцна во декември 2021 година, кога Андрулакис беше избран за нов претседател на грчките социјалисти – победувајќи го поранешниот премиер Папандреу.

Потоа се менува односот на силите во Брисел. Имено, Каили во претходните години можеше да ја носи титулата „претседателка на пратеничката група на ПАСОК во Европскиот парламент“, иако реално беше шефица на група со двајца пратеници. А сега нејзин шеф е токму Андрулакис.

Никос Андрулакис, претседател на Пасок и пратеник во Европскиот парламент
Никос Андрулакис, претседател на Пасок и пратеник во Европскиот парламентФотографија: Eurokinissi/AFP

Грчкиот печат често пишува за кавгите меѓу нив. Во текот на летото имаше и раскол, кога Андрулакис се прогласи за жртва на скандал со прислушувањето. Потоа Каили се дистанцираше од него. 

„Тројански коњ" 

По објавувањето на последните обвинувања за корупција, првиот човек на социјалистите реагираше многу брзо. Тој ја исфрли Каили од партијата и ја нарече „Тројански коњ на конзервативците“, кои во моментов владеат со Грција. Обвинувањата за корупција беа последната капка која ја прелеа чашата, изјави Андрулакис за атинската телевизија „Алфа“. Тој не откри никакви детали. Шефот на социјалистите не сакаше јавно да оценува дали сомнежите за корупција се основани или не.

Тој само го изнесе следниот заклучок: „Јас не сум судија, не го знам тоа. Но, морав да донесам одлука да ја заштитам нашата партија.“