1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски вели дека струјата може да поскапи до три проценти

ДТЗ
12 ноември 2024

Премиерот Христијан Мицкоски не очекува драстично зголемување на цената на струјата од 1 јануари. Ако дојде до корекција на цената, тогаш според него, зголемувањето би било од еден до три проценти.

https://p.dw.com/p/4mvSK
струјомер
Струјата, сепак, ќе поскапи, но колку засега е неизвесно. Фотографија: Micha Korb/pressefoto korb/picture alliance

Струјата во Македонија, сепак, минимално ќе поскапи, но колку точно засега е неизвесно. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не очекува драстично зголемување на цената на струјата од 1 јануари. Ако дојде до корекција на цената, тогаш според него, зголемувањето би било од еден до три проценти. 

„Не очекувам да има зголемување на цената на струјата од 10-15 отсто, како што е случај во повеќе земји од регионот и во Европа. Очекувам, ако има, да биде незначително, во рамките од еден до три проценти. Не очекувам да биде повеќе од тоа“, изјави премиерот, одговарајќи на новинарски прашања во Владата. 

Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не очекува драстично зголемување на цената на струјата од 1 јануари. Фотографија: Government North Macedonia

Консолидација на ЕСМ 

Ваквите најави доаѓаат во период кога веќе две недели се увезува струја, а на берзата ХУПЕКС цената стигна до 300 евра за мегаватчас. Компанијата ЕСМ е во исклучително лоша состојба и нема помош од Буџетот, при што има земено кредит од домашните банки.

Очекувањата на Мицкоски дека цената на струјата нема драстично да порасне, се темелат на постепената консолидација на ЕСМ што е направена во изминатите четири-пет месеци, состојбата со количините јаглен и набавката на природниот гас.

„За четири-пет месеци направивме чудо да ја консолидираме компанијата за да не дојде до зголемување или ако дојде до тоа, да биде во рамки на два до три проценти. Тоа е навистина успех кога една компанија, која во 2017 година имаше милијарда денари депозити во банки и околу 360-370 милиони на сметка, без долгови, а за седум години беше уништена. Во периодот што следи јавноста ќе биде запознаена што сѐ е направено“, вели Мицкоски.

струја
Во петок се очекува ЕСМ да ја достави својата понуда до Универзалниот снабдувач по што треба да биде донесена одлука за цената на електричната енергија.Фотографија: picture-alliance/dpa

Според премиерот, за помалку од четири месеци на депонија има околу 200 до 250 илјади тони јаглен, се увезува јаглен по 10, 15, 20 отсто пониски цени и се договара поволна цена на природен гас, која што наместо берза плус 11 евра е берза плус четири евра, а од јануари се очекува дополнително да поевтини. Тој очекува ЕСМ да биде целосно консолидирана на крајот на 2025 година или почетокот на 2026 година.  

Со чекорите што се преземени во делот на енергетиката и 250-те милиони од унгарскиот кредит за бизнис секторот, според Мицкоски, се пресретнати можните ризици што можат да влијаат врз македонската економија како што се кризата во Германија како наш најголем извозен партнер и предизвиците што претстојат со цената на електричната енергија. 

Каква понуда ќе достави ЕСМ? 

Во петок се очекува ЕСМ да ја достави својата понуда до Универзалниот снабдувач по што треба да биде донесена одлука за цената на електричната енергија. Ценатата по која што ЕСМ во моментов ја снабдува ЕВН за крајните потрошувачи е 60 евра.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски  деновиве во телевизиско гостување рече дека крајната цена на струјата најмногу ќе зависи од понудата што државната компанија за производство на електрична енергија ЕСМ ќе ја понуди на „ЕВН хоум“. Но, тој е противник на какви било екстремни шокови во однос на цената на електричната енергија, така што не очекува ни сега да има големи разлики во однос на досегашната цена.