Мицкоски и Мицотакис на исто место во исто време
8 јули 2024Ќе се видат, дали ќе разговараат и какви пораки ќе разменат? Ова се прашањата во грчката и македонската јавност во пресрет на Самитот на НАТО што ќе се одржи од 9-ти до 11-ти јули во Вашингтон, на кој ќе се одбележи големиот јубилеј - 75 години од формирањето на Алијансата.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакисденеска заминува за Вашингтон, а тамошните медиуми наведуваат дека Грција спаѓа во „тврдото јадро“ на членки кои придонесуваат со најмалку 2% од БДП за трошоците за одбрана. Според „Прототема“, ова издвојување на Мицотакис му дава привилегирана позиција на масата за дискусија. Медиумот потсетува и дека Мицотакис заедно со неговиот полски колега, Доналд Туск, поднел предлог за европски штит за противвоздушна одбрана кој ќе се финансира со европски фондови и ќе функционира покрај НАТО, односно дека преземал иницијативи за стратешка независност на Европа.
И Северна Македонија е меѓу земјите членки на НАТО кои од годинава го исполнуваат критериумот на НАТО за одвојување на 2% од БДП за одбрана. Но, во Атина повеќе внимание привлекува фактот што јубилејот на НАТО ќе биде можност за прво присуство на исто место и во исто време на Мицотакис и новиот македонски премиер Христијан Мицкоски. Двајцата лидери ќе присутвуваат на Самитот и на вечерата што ќе ја приреди американскиот претседател Џо Бајден за лидерите на членките на Алијансата.
Според грчки медиуми, по „маневрите" на претседателката и премиерот на РСМ за заобиколување на името Република Северна Македонија со опсег на употребата ерга омнес (и дома и надвор), неизвесно е дали Мицотакис и Мицкоски ќе се ракуваат.
„Но, тоа не е главниот проблем на грчката страна. Она што се очекува е јасна порака од Алијансата до власта во Скопје да ги остави настрана игрите за Договорот од Преспа“, пишува „Прототема".
(Не)соодветно место и време
По Самитот на НАТО, Мицотакис ќе замине во Њујорк, каде ќе има средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на која фокусот ќе биде кон мандатот на Грција во Советот за безбедност. Како што е познато пред еден месец со висока поддршка од 182 држави од вкупно 188 кои гласаа, Грција беше избрана за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, чиј двегодишен мандат ќе почне на 1 јануари 2025 година. Тој чин од мноштво грчки политичари беше оценет како „историски за Грција“, а претседателката Катерина Сакеларопулу го оцени како „меѓународно признание за Грција, за нејзината стабилизирачка улога и нејзината посветеност на мирното решавање на споровите и почитување на човековите права".
Дали тие атрибути ќе бидат искористени во аргументација кон забелешките кон РСМ, засега е неизвесно. Мицотакис веќе изјави дека ако Мицкоски остане на истата реторика (околу употреба на уставното име) ќе се најде во многу непријатна позиција во рамките на Самитот на НАТО, бидејќи Грција ќе го покрене тоа прашање и Мицотакис верува дека ќе има многу сојузници на таа тема. Одбележувањето на 75. роденден на НАТО на Самитот во Вашингтон, се случува во во исклучително критичен геополитички момент - војната во Украина, случувањата на Блискиот Исток, неизвесноста од исходот на претстојните избори во САД... Тоа го отвора и прашањето дали јубулејот е место и време за отворање билатерални прашања, макар и на маргините на Самитот?
Главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон, Олтон Бјуланд, пред неколку дена изрази надеж дека „билатераните спорови ќе останат надвор од Алијансата и дека регионалната соработка ќе продолжи, особено кога и регионот и поширокиот свет се во толку опасно и критично време сега“.
„САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и се надеваат дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО Алијансата", рече Бјуланд во интервју за Гласот на Америка на македонски во пресрет на Самитот на НАТО.
„Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион“, порача тој.
За интересите на државата - на најдостоинствен начин
Покрај премиерот Мицкоски, во владината делегација се и министерите за одбрана, за надворешни работи и трговија, и за внатрешни работи. Спорад агендата на домаќините, на иста маса ќе се најдат и министрите за надворешни работи на двете земији – Тимчо Муцунски и Јоргос Герапетритис - кои ќе присуствуваат на настани и заедничка вечера организирани од државниот секретар Ентони Блинкен, а соодветно и министрите за одбрана - кај секретарот за одбрана Лојд Остин.
Премиерот Мицкоски ќе одржи говор на Johns Hopkins University- School of Advanced International Studies, по што ќе следуваат средби со претставници од бизнис заедницата во САД. Тој ќе има средби со високи претставници на ИРИ и со Брендон Бојл и Џин Шахин - копретседавачи на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД.
„На најдостоинствен начин, како што ни прилега, ќе ги претставуваме интересите на граѓаните и државата овде во Вашингтон, а потоа и во Њујорк“, рече во видео обраќање македонскиот премиер.
Посетата на на Вашингтон Мицкоски ќе ја искористи за да ги зајакне билатералните односи со САД, да ја афирмира земјата како стабилен партнер и да ги промовира нејзините економски можности пред американските инвеститори.
„Ќе најавам уште една нова странска инвестиција на компанија која што е дел од листата на најголемите 500-тини компании овде во САД, нови десетици милиони евра инвестиција и нови работни места за македонските граѓани. Тоа е она кое што преставува основен приоритет на новата влада во Македонија“, рече Мицкоски.
Најави дека последните денови во Њујорк ќе ги искористи за средба со македонските иселеници за да слушне што очекуваат од новата Влада и што е она што Владата ќе го понуди за да можат нашите исселеници да се вратат дома, за таму да инвестираат.
ДУИ: Моноетничка делегација
Додека владината делeгација е во Вашингтон, ДУИ изрази загриженост што РСМ за прв пат била претставена од моноетничка делегација на Самитот на НАТО.
„Моноетничката делегација од моноетничката Влада е дополнителен доказ дека вазалите на ВЛЕН се множат со нула како резултат на немањето изборен и етнички легитимитет“, се вели во партиското соопштение.
Во него се наведува дека кога ДУИ била во Владата, не само на самитот на НАТО и други меѓународни самити, туку и во највисоките институции на САД земјата „била претставена од албанскиот премиер, првиот вицепремиер и албанските министри".
Од коалицијата „Вреди“ одгворија дека претседателот на Собранието, Африм Гаши, како носител на највисоката државна должност во законодавната власт има сопствена агенда во Вашингтон, која се организира од денот на неговиот избор.
„Опозициската ДУИ наместо да работи на сопствено реформирање, се занимава со дистрибуција на лажни вести. Од нив ништо веќе не зависи, а најмалку кој кога ќе отпатува во САД и со кого ќе се сретне. Да имаа навремени информации од стратешкиот партнер, немаше вака да се срамат. Но, тоа говори за нивниот кредибилитет да говорат за и во име на Албанците. Жалиме што ДУИ избра многу погрешни методи да се обидува да креира незадоволство кај Албанците“, се вели во реакцијата на „Вреди“.