Мицкоски: Ни треба нов договор за Македонија
19 октомври 2022Доцна се сетија на опозицијата - сега не ни треба нов рамковен договор, туку нов договор за Македонија, изјави за Дојче веле лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Неговиот став се однесува на вчерашниот повик на шефот на дипломатијата, Бујар Османи, дека е потребен нов рамковен договор за ЕУ, кој ќе го потпишат сите партии, од која било страна на политичкиот спектар. Османи повика да не се губи време.
„Преговорите ќе ги надминат политичките мандати на една политичка партија. Ви гарантирам дека до 2030 година ќе има неколку влади од различна политичка провениенција. Мора да ја поделиме и одговорноста и заслугите за овој процес. Мора на крај граѓаните и државата да бидат победници од овој процес (...) Мојот апел до сите политички партии е да не доцниме уште еден ден, утре да седнеме и да потпишеме договор дека за ЕУ ќе немаме разлики, туку ќе работиме заедно на крајната цел, а тоа е членство во ЕУ“, повика шефот на дипломатијата.
Според Мицкоски, за ова прашање требало да се разговара многу порано.
„За нов рамковен договор, односно општ консезус, Османи и Владата требаше да ја прашаат опозицијата и ВМРО ДПМНЕ како најголема партија, уште пред да ги испотпишат сите штетни договори со кои се разградува македонскиот супстрат и се ставаат во подредена позиција Македонците. За ВМРО- ДПМНЕ потребата за европските интеграции никогаш не била доведена во прашање, исто како и неопходноста од општ консензус за оваа тема. Таа е дефинирана уште при формирањето на партијата и е непроменета позиција. Но, она што исто така е потреба - не е нов Рамковен договор, туку нов концепт на заедништво, односно нов договор за Македонија“, дециден е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ѕидовите меѓу граѓаните ги создаваа политичарите
Што значи нов договор за Македонија? Мицкоски потсетува дека говори за концепт на заедништво, промовиран на последниот партиски конгрес, во декември минатата година.
„Токму за таа нова политика, нов концепт на ЗАЕДНИШТВО, наречен Нов договор, говоревме далеку пред потребата на Османи и оваа Влада да дефокусира од дневните проблеми. На конгресот ВМРО-ДПМНЕ ја нагласи потребата од нов општествен консезус на сите рамноправни чинители, околу она што треба да претставува нов заеднички патриотизам“, потсетува Мицкоски.
Тој концепт, според него, е насочен кон елиминирање на сите застранувања што се случиле во изминатите три децении, спротивни на визијата - како треба да изгледа државата.
„На Македонија ѝ треба нов договор кој ќе го оделотвори заедничкиот патриотизам низ ново одредување за она што претставува наша првенствена цел. Таквиот општествен договор кој ќе го понуди заедничкиот патриотизам - е враќање на нашите надежи за тоа како требаше да изгледа државата во моментите кога се создаваше, како активна целина на рамноправни чинители, која ќе обезбеди праведен напредок и еднакви можности за сите, од која идеја длабоко низ овие три децении се застрани. Ентузијазмот, пак, во деведесетите, кој се изгуби од човечкото оттуѓување, изневерените очекувања од политичарите и транзициите кои ги обезвреднија вредностите, создаде поделеност кај луѓето, нивно занимавање со националистички теми. Националистичките романтизми се коската фрлена од политичарите за создавање на завеса, зад која се кријат криминалните интереси на тие кои управуваат со државата. Новиот општествен договор кој ќе го донесе заедничкиот патриотизам преку мобилизација на секоја креативна индивидуа, треба да ги сруши ѕидовите и планините кои политичарите ги создаваа меѓу граѓаните“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Расте недовербата
Повикот на Османи за нов рамковен договор, доаѓа во време на нарасната недоверба кај опозицијата во потезите и изјавите на власта. Во изминатиот период доаѓаа оптимистички изјави од претставници на власта дека ќе се обезбеди мнозинство за уставни измени, што е услов за реален почеток на преговорите со ЕУ.
Мицкоски во повеќе наврати ги демантираше таквите наводи, исто како и во завчерашното гостување на МРТ, каде рече дека Владата лаже оти имала мнозинство за уставни измени.
„Јас велам преговараме за ново парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и за пораз на СДСМ“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека „сега има пратеничка група на Коалицијата и ВМРО-ДПМНЕ, која е необременета од потенцијални закани за затвор, фингирани политички процеси, а во раководството на ВМРО-ДПМНЕ има монолитност и кохезија, а не разногласие“.
Во последните три дена, на контото на недовербата натежнаа уште некои тековни постапки, од кои една се однесува на скриени услови во задолжувањето од ЕБОР. Вчера, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ја обвини Владата дека крие оти во постапката за одобрување на заем од 100 милиони евра од ЕБОР, е предвиден и договор за деактивирање на ТЕЦ Осломеј до крајот на 2023 година и на РЕК Битола до крајот на 2027 година. Тој во интервју на „Канал 5“ рече дека власта е нетраспарентна во информирањето на јавноста по тоа прашање, бидејќи во ниту еден момент не кажала дека услов за кредитот е Кичево и Битола да станат пусти градови, над 7 илјади лица да останат на улица, а по 2027 година Македонија практично да не произведува сопствена електрична енергија, туку да биде увозно зависна.
Недовербата пламна и по прашањето за избор на уставни судии. Опозицијата обвини дека владејачкото мнозинство излегло од процедурата, бидејќи Комисијата за прашања на изборите и именувањата прво требало да ја заврши дебатата за сите предложени кандидати, а не само двајца од нив кои го поминале филтерот да ги предлага на пленарна седница. Од опозицијата најавија дека ќе бараат одговорност за тој преседан кој е во спротивност со Деловникот.