1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Завршува времето на лаги и неработење

10 јули 2024

Македонскиот премиер ја искористи посетата на САД и за да ги презентира клучните определби на владата - искоренување на корупцијата, реформи, инвестиции и дигитална трансформација.

https://p.dw.com/p/4i5h7
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и конгресменот Брендaн Бојл
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на средба со конгресменот Брендaн Бојл Фотографија: Government of North Macedonia

Посетата на Вашингтон и учеството на Самитот на НАТО на кој се одбележуваат 75 години од формирањето на Алијансата, премиерот Христијан Мицкоски ја искористи и за бројни средби на кои ги презентира клучните определби на новата влада. Мицкоски имал средба со конгресменот Брендaн Бојл, на која разговарале за приоритетите на НАТО и важноста да се зачува демократијата и мирот, за економските можности и потенцијали кои ги нуди државата и за битката против корупцијата и криминалот како клучна определба на новата влада. Последново го истакнал и на средбата со претседателката на Националниот демократски институт (НДИ) Тамара Кофман Витес.

„Еден од најакутните проблеми е корупцијата за што како нова Влада работиме интензивно за нејзино искоренување, што подразбира и одговорност за престапниците на законот. Очекувањата на граѓаните не смееме да ги изневериме. Завршува времето на лаги, неспособност и неработа. Почнува време на реформи, инвестиции, дигитална трансформација. Мораме да дадеме добар пример за сите во изнаоѓање на пат до подобар животен стандард и сигурна држава која припаѓа на сите граѓани“, потенцирал Мицкоски на средбата.

Претседателката на Националниот демократски институт (НДИ) Тамара Кофман Витес и македонскиот премиер Христијан Мицкоски
на средбата со претседателката на Националниот демократски институт (НДИ) Тамара Кофман Витес, македонскиот премиер Мицкоски рекол дека „завршува времето на лаги, неспособност и неработа“Фотографија: Government of North Macedonia

Тој се сретнал и со поранешниот амбасадор на САД во земјата, Филип Рикер, на која разговарале за предизвиците со кои се соочува државата, за поддршката што е потребна за остварување на стратешките интереси и за потенцијалот кој го нуди регионот за економска и политичка соработка.
„Мораме да ја менуваме реалноста и подобруваме животот на граѓаните“, посочил Мицкоски.

Владината делагација заедно со претседателот на Собранието Африм Гаши претходно остварија средба со конгресмените Пит Сешнс, Роберт Адерхолт, Џо Вилсон, Џон Муленар, кои изразиле силна поддршка за РСМ како силен пријател и сојузник на САД, а имале средба и со Џејмс Џонс поранешен советник за национална безбедност на Барак Обама.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и поранениот американски амбасадор во Скопје, Филип Рикер
Премиерот Мицкоски и поранениот американски амбасадор во Скопје, Филип РикерФотографија: Government of North Macedonia

Да се презентираат аргументите

Додека македонската делегација ги претставува клучните определби на владата, фокусот на првите соседи Бугарија и Грција е ставен на изјавите кои ги тангираат интересите на тие земји: уставните измени со кои Бугарите треба да бидат впишани во македонскиот Устав, и односот на водечките политичари кон почитување на уставното име Република Северна Македонија, со опсег на употреба - ерга омнес - според Преспанскиот договор.

Во однос на Бугарија, Мицкоски го повтори неговиот став дека треба да се разговара за вистински добрососедски односи, но тие да бидат двонасочни.

„Ќе ги штитиме нашите интереси, подготвени сме да разговараме со аргументи, да ги презентираме истите, да видиме чии аргументи ќе преовладеат. Македонските граѓани за европската перспектива дадоа како никој досега“, изјави Мицкоски на предавањето што го одржа на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Тој праша - кој може да гарантира дека уставните измени се последното барање, и која институција во Европа е задолжена да суди дали нечии права се испочитувани, посочувајќи ги пресудите од судот во Стразбур како доказ дека правата на македонската заедница во Бугарија се повредени.

Премиерот Мицкоски (л.) на предавањето што го одржа на Универзитетот „Џонс Хопкинс“
Премиерот Мицкоски (л.) на предавањето што го одржа на Универзитетот „Џонс Хопкинс“Фотографија: Government of North Macedonia

За опсегот не може да се преговара

Грчките медиуми нотираат дека премиерот Мицкоски го користел името „Македонија“ и кога се осврнал кон неговата земја во снимената порака од Вашингтон. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од дебата во Вашингтон порача дека не може да се преговара за опсегот на употреба на името Северна Македонија.

„Проблемот со Балканот е што многу често сеништето на национализмот се појавува кога тоа никој не мора да го очекува. Дозволете ми да ви дадам пример. Северна Македонија денес е членка на НАТО затоа што Грција го укина ветото по Договорот од Преспа што го потпиша и ратификува претходната влада. Јасно кажавме дека тоа е меѓународен договор што ја обврзува земјата. Ние тоа го почитувавме и јас го почитувам. Еден од основните, ако не и најфундаменталните аспекти на овој договор беше поврзан со тоа што името ‘Северна Македонија' мора да се користи секаде, и внатре и надвор. Ова е нешто многу јасно и за тоа не може да се преговара. Кога слушам дека новата влада ја нарекува државата Република Македонија во земјата, имам сериозна загриженост. И ова е тема на која имам намера да се осврнам. Тоа не е конструктивно и не помага на европскиот пат на Северна Македонија“, изјави Мицотакис на  јавна дебата во Советот за надворешни односи во Вашингтон.

Грција премиер Кирјакос Мицотакис
Мицотакис: Северна Македонија денес е членка на НАТО затоа што Грција го укина ветото по Договорот од Преспа што го потпиша и ратификува претходната владаФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

На големата маса благодарение на „Преспа“

Критики до Мицкоски дојдоа и однатре. Поранешната министерка за култура и актуелна пратеничка на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, потсетува дека Мицкоски е на Самитот на НАТО како резултат токму на Преспанскиот договор, на кој ВМРО-ДПМНЕ се противела.

„Политиките на ВМРО-ДПМНЕ се темелеа на противење и поништување на Преспанскиот договор, дека нивниот премиер никогаш нема да ги употреби уставното име макар и да му се одземе мандатот. Денеска Мицкоски е на јубилејниот Самит по повод 75 години НАТО. Токму седењето на таа маса со најмоќните е резултат на Преспанскиот договор, за кој сегашниот премиер не се удостои ниту да го честита“, рече Костадиновска на ТВ Канал 5.

Според портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис, не е предвидено да се одржи средба меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис. Таква средба не беше предвидена ни меѓу Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, но ќе се случи на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон во 16 часот по локално време. Се очекува на средбата да биде направен осврт на исчекорот во грчко-турските односи, кои по три тешки години се сметаат за значително подобрени. Атина е задоволна што 16 месеци нема повреди на грчкиот воздушен простор и што подобро соработува со Анкара на миграциските прашања.